Денес, на Крстопоклона недела, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во соборната црква на светите Методиј и Кирил во Струмица.

На Литургијата Владиката го истолкува денешното евангелие (Марко 8, 34), во кое Господ вели: Кој сака да врви по Мене, (што значи, кој сака да биде Мој, кој сака да биде Христов, кој сака да биде христијанин) нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. Кога Господ вели нека се одрече од себе, мисли да се одречеме од стариот човек во нас, заробен од страстите, оној кој треба да се обнови, заради чие обновување Господ го устрои целиот Домострој на нашето спасение. Ние толку се поистоветуваме со нашите страсти, што навистина треба да се одречеме од себе, од толкавото наше поистоветување со нив. А од што се гледа тоа поистоветување? Секогаш кога ќе биде попречено задоволувањето на нашите страсти, без разлика дали се работи за среброљубието или сластољубието или славољубието, ние веднаш духовно се затемнуваме, веднаш се полниме со помисли, веднаш имаме лоши чувства – омраза, злопамтење, оладување на љубовта, лоши помисли против оној кој тоа ни го направил, можеби ќе му вратиме со лоши зборови, а можеби и со дело. Така функционираат луѓето, генерално зборувајќи, иако ние како христијани се воздржуваме малку. Значи толку се поистоветуваме со нашите желби, чувства, помисли, односно со нашите страсти поврзани со нив, што духовно се затемнуваме, и душата и умот ни се исполнети со лоши чувства, дури тоа може и на нашиот лик да се забележи. И заради тоа поистоветување со страстите, односно со гревот и со демонот на крајот на краиштата, Господ бара од нас да се одречеме од себеси.

Тоа одрекување не е лесно. Постојат два момента тука: или самите на духовен начин да го надминеме искушението, или да почекаме Божјата благодат да дојде после некое време и повторно да се вратиме во светлина и да почнеме одново. Ако не го надминеме сами, ако чекаме благодатта да дојде и да нè ослободи од тоа чувство и од таа цела негативна состојба, нехристијанска, внатре во нас, тогаш ние не можеме духовно да растеме. Ние сме едноставно повторувачи на испитот. Секојпат кога ќе ни се случи ваков напад, ние ќе паднеме во темница, ќе чекаме благодатта да дојде, ќе станеме повторно, и повторно падни-стани; и ако се повторува тоа не е добро. Значи, ако ние духовно не го примиме тоа што се случува, не го решиме внатре во себе, брзо да се извлечеме со Божјата благодат, со вложување на нашите сили, особено волјата, тогаш ние духовно не растеме.

Зошто уште Господ вели „да се одречеме од себе“? Затоа што демонот, кога ќе нè нападне – особено кога некој ќе го повреди нашето славољубие – тој толку реално ја прикажува сликата, односно состојбата на тој напад, што ние мислиме дека работите се токму така како што ние ги чувствуваме и доживуваме во тој момент. Забораваме дека нашата состојба во тој момент воопшто не е слична со она што Евангелието го нарекува дарови на Светиот Дух. А дарови на Светиот Дух се љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста – сите оние убави нешта што се наведени во Евангелието (види Галатјани 5, 22-23). А ние во тој момент сме во темница, во помисли, во една позиција да вратиме со зло на зло, бидејќи мислиме дека некој ни направил зло; и целите сме духовно пореметени и забораваме што Евангелието ни кажува, кои се плодовите на Светиот Дух. Толку реално ни изгледа таа ситуација, што едноставно повредени од неа, во суштина заслепени, поистоветени со нашите страсти, не ни знаеме што правиме, заборавајќи на сè.

Што нè спасува нас во тој момент како христијани? Една работа секогаш нè спасува, а тоа е да не бараме човечка правда; човечката правда е во суштина враќање со зло на зло. Туку, да ја бараме Божјата правда; а Божјата правда е во тој момент да се погледнеме, да си речеме: „Гледај, сега, колку сум јас несличен со Христос. Дали Христос во мојата ситуација би ги имал тие чувства, тие мисли, дали би ги кажал тие зборови, дали би го направил тоа што јас го правам...“ И тука секогаш ја наоѓаме нашата вина – во нашата несличност со Христос. Затоа секогаш, во секоја ситуација, самите себе се наоѓаме виновни. На првиот степен од духовниот развој секогаш да знаеме дека сме виновни; да не мислиме воопшто дека нешто друго се случува. Ние страдаме или заради некои наши стари или сегашни гревови.

Кога зборуваме за одрекувањето од себеси, тоа може да биде различно. Екстремно одрекување имале мачениците, имале јуродивите заради Христос, имаат и вистинските монаси. Заради тоа во нив ги гледаме плодовите на Светиот Дух. Во секој случај, треба да се одречеме, во доволна мера да се ослободиме од своите страсти – тие што го поробуваат нашиот живот и заради кои ние паѓаме во духовна темница – значи, да се одречеме од себеси и да го земеме својот крст. Господ вели „својот крст“. Секој човек е посебна и неповторлива личност за Бог, пред Неговите очи пред сè. Ние сме свои, имаме свој крст, свој живот и сè свое.

Но, тоа исто така не значи дека ние само нашиот крст си го носиме. Свети апостол Павле вели: Носете ги тежините еден на друг и така исполнете го законот Христов (види Галатјани 6, 2). Значи, и на другиот да го поткреваме крстот (тежините еден на друг). Тоа е втората, соборна димензија, а тоа е кога не враќаме со зло на зло, кога не бараме човечка правда, тогаш на другиот му помогнуваме со својата љубов, му оставаме простор за покајание и време за спасение со тоа.

Треба да ги запамтиме овие работи: одрекувањето од себе значи одрекување од нашиот стар човек, заробен од страстите; не барање на човечка правда, туку на Божествена, Божја правда; носењето на крстот не значи само носење на нашиот туку и на другите да им помогнеме во носењето на нивниот крст, не враќајќи со зло на зло – и така да го исполниме законот Христов. А законот Христов е дека Тој ги зеде нашите гревови, Тој беше распнат на Крстот, пострада заради нас и нашето спасение, и ни дарува воскресение и живот вечен – тоа е законот Христов: Он пострада за сите нас (види 1 Петар 2, 24). И ние сме должни да ги носиме тежините на своите ближни, и така да го носиме крстот Христов и да врвиме по Него. Во тој подвиг нека нè благослови пред сè Пресвета Богородица, светите Методиј и Кирил, светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, свети Григориј Палама, свети Димитриј, светиот патријарх Леонтиј Ерусалимски и сите светии.

 

(според записот на присутните)