(23 април / 6 мај)
 
Јован 15, 17 – 16, 2 Зачало 52
 
“Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе си секакво бреме и грев, што лесно н# окружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба”
(Евр. 12, 1)

 
ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!
 
Возљубени христијани,
Колку многу се разнолики патиштата кои водат до Господа, до небото! Во хорот на светиите се прославуваат апостолите и пророците, мачениците и исповедниците, преподобните и светителите, јуродивите и благочестивите... Едни од нив уште од младост се подвизувале со пот на лицето во безводните пустини, други пред крајот на својот живот ја сфаќале празнината на својот претходен живот и принесувале искрено покајание, трети, пак, со својата сопствена крв ја посведочувале љубовта кон Христа. Имало и такви, кои целиот свој живот го минувале во скитања и лишувања, криејќи ја премудроста подарена од небото под маската на малоумност. Но, колку и да ги има тие патеки кои водат до Господа, секогаш било потребно сознанието за својата сопствена немоќ и сопствената ништожност, како и цврстата надеж на сеспасителната Божја десница, да бидат проследени со подвигот на самоодрекување и добродетелност. Сите тие светии: <преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија уста на лавови; угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски... други, пак, беа мачени и не примија ослободување, за да добијат подобро воскресение, а други поднесоа подигрување и бичување, па дури и окови и затвор; со камења беа отепувани, со пила резани, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам...> (Евр. 11, 33-37). Сите тие отфрлиле секаков личен терет од себе, па откако го зеле својот крст, тргнале по Христа, Го исповедале Господа пред луѓето (мачениците со својата крв, преподобните со подвижничката крв, а светителите со благодатните зборови). Минувајќи низ различни подвизи, сите тие оделе по едниот и единствен тесен пат, кој неминовно води во вечниот живот.
Слушнете, драги браќа и сестри, што сведочат житијните податоци за денешниот светител: Славниот и победоносен Георгиј бил роден во Кападокија, како син на богати и благочестиви родители. Неговиот татко пострадал за Христа, а мајка му се преселила во Палестина. Кога пораснал светиот Георгиј заминал во војска, каде што во својата 20 година стигнал до чинот трибун и бил на служба при царот Диоклецијан. Кога царот започнал страшно гонење против христијаните, Георгиј застанал пред него и храбро исповедал дека и тој е христијанин. Царот го затворил и наредил нозете да му се оковаат, а на градите да му се стави тежок камен. Откако видел дека свети Георгиј и понатаму е цврст во својата вера, царот наредил да го врзат на тркало и да го вртат, а неговото тело се парчосувало од острите шајки кои биле заковани на тркалото, потоа го закопал до главата во ров, потоа му дал и смртоносен отров да испие, но при сето тоа, со Божја помош, тој останал жив. Иако толку многу мачен, свети Георгиј со своите молитви воскреснал и еден мртовец, а тоа било доволна причина многумина да ја примат Христивата вера, меѓу кои била и царицата Александра, и главниот жрец Атанасиј и многу други блиски луѓе на нечестивиот цар. Не можејќи да се помири со ова, царот наредил и светителот, но и сопствената жена да бидат посечени со меч. Тоа и се случило во 303 година. Иако оттогаш има поминато многу векови, сепак, споменот на овој светител до денес не е згаснат во сеќавањето на сите нас, зашто за неговата љубов кон Господа тој е награден со венец на неовенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Божјото царство.
Возљубени христијани,
Светиот апостол Павле не охрабрува кога вели: <Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе си секакво бреме и грев, што лесно н# окружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба> (Евр. 12, 1). Нас нема да н# спаси фактот, ако напамет ги научиме житијата на сите светители и ако замислуваме за себе дека сме маченици и исповедници. Само личниот секојдневен живот, втемелен врз христијанските принципи и заповеди, за нас може да биде спасителен. Длабоко се паднати во заблуда сите оние, кои честопати си дозволуваат намерно да згрешат, сметајќи дека нивните грешки се <мали> и <незначајни>. Секој христијанин кој вака размислува и си дозволува намерни грешки без да ја преиспитува својата совест за личните постапки, не може да се нарече правоверен христијанин. На таквиот ќе му се обратиме со зборовите од светиот апостол Јаков: <Покажи ми ја верата своја без дела... оти, како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва> (Јаков 2, 18, 26). Не постојат мали гревови, зашто секој грев е беззаконие, со секој наш грев ние го зголемуваме злото во себе, но и во светот воопшто. Со секој грев ние му се потчинуваме на ѓаволот и го примаме неговиот злобен и ништожен карактер во нашата природа. Според тоа, голема заблуда и самоизмама претставува мечтаењето за подвижништво, а во исто време секојдневно да се паѓа во грев, а притоа да не се започнува борба со гревот. Тоа е исто како да се наоѓаме заробени од страна на непријателот, а во нашата фантазија да си замислуваме дека се наоѓаме во царските палати и да не пружаме никаков отпор да се избавиме од ропството.
Навистина, благочестиви христијани, наоѓајќи се во една таква состојба, како православни христијани ние сме должни да започнеме борба со гревот, светот и ѓаволот. Ако ние одлучиме да го распнеме своето тело со страстите и похотите, ако ние одлучиме да одиме по тесниот пат на самоодрекување и страдање, тогаш навистина ќе се претвориме во маченици, зашто секој вистински христијанин, кој Го познал Бога и живее непорочен и очистен од страстите живот, и на заповедите им се покорува, веќе е маченик и со животот и со словото.
И животот во брачна заедница претставува мачеништво. Не случајно Црквата на новобрачните им поставува венци на главите. Можеби ќе се запрашаме: Зошто се тие маченици? Маченици се, зашто влегувајќи во бракот, тие преминуваат од широкиот пат на страсти и похоти, по кој оделе пред да стапат во брак, во тесниот пат на целомудрие и воздржаност, при што <жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената> (1. Кор. 7, 4). Брачните сопружници го носат крстот на воздржувањето од порочните похоти, крстот на поднесувањето на немоќите и недостатоците на еден со друг, крстот на воспитувањето на децата. Тие храбро го носат својот крст, не го префрлаат на други и не го напуштаат, па затоа бракот навистина претставува мачеништво кое раѓа достоен плод, а брачните сопружници се вистински маченици кои од Господа добиваат нераспадливи венци.
И животот во девственост претставува мачеништво. Ако бракот го поткрепува и исправа оној, кој е готов да падне, тогаш девството подразбира постојана борба со неразумните страсти. Затоа и сите девственици, кои издржале во таа вечна борба со страстите на сопственото тело, со право можеме да ги наречеме маченици, зашто го победиле најстрашниот непријател. За монасите, пак, самата послушност претставува мачеништво. Иако послушанието претставува нивни личен избор, сепак тоа за нив не претставува тежок труд, зашто е спасително и води кон Бога.
Сето досега кажано не треба во нас да ја поттикне мислата дека нема разлики меѓу подвизите. Според учењето на преподобната Синклитикија, во Христовата парабола за Сејачот, под терминот <семе, кое принесло стократен плод>, треба да се подразберат оние, кои се во монашкиот чин, <она семе, кое принесло шеесеткратен плод> се оние кои се подвизуваат во девственост, а <она сема, кое принесло триесеткратен плод> се оние, кои живеат во брак, но се трудат во подвигот на воздржувањето. Па ако постои можност за избор, ако животниот пат за крајно не ни е определен, тогаш треба на најсериозен начин да се соберат сите сили, па да се избери крст според сопствените плеќи, но не таков, како оној евангелски ѕидар, кој започнал да гради, па не можел да ја заврши својата градба, и не таков, преку кој би можеле да бидеме осудени од својот Спасител за криење на талантот. Ако, пак, нашиот животен пат веќе е определен, тогаш должни сме трпеливо да одиме по патот на подвижништвото кој ни го определил Самиот Бог и безропотно да го носиме сопствениот крст, кој ни е испратен според Божјата промисла. Само на таков начин ќе го докажеме своето смирение, само на таков начин ќе докажеме дека сме вистински Христови следбеници и ученици, достојни да се наречат христијани и достојни да влезат во Царството на вечната слава, каде што ќе завршат сите страдања и мачења, а ќе царува вечното блаженство и рајската наслада и убавина во сите векови. Амин!
 
 
 
                    протоереј Златко Ангелески
                    парохиски свештеник при
                    црквата ,,Свето Благовештение“

                    Прилеп