Читајќи го денешниот евангелски извадок ед Евангелието според Лука, заклучуваме дека ова евангелско зачало се чита на сите празници, кои се посветени на Пресветата Богомајка. Таков е случајот и денес, кога го славиме празникот посветен на нејзиниот Покров. А, во денешните евангелски зборови, кои Господ ѝ ги упатил на Марта, ја слушнавме и прекрасната поука, која важи за сите нас: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само едно е потребно“ (Лука 10: 41-42). Познато ни е дека, денешниот човек е презафатен со премногу земни работи, почнувајќи од личниот, интимен живот, обврските кон семејството, кон работата, кон претпоставените, кон општеството... Да не помислуваме дека овие обврски се непотребни. Напротив, Господ тоа никаде не го рекол. Но, Господ потенцира, колку и да се важни овие обврски, сепак, има нешто многу поважно од нив, на кое нешто треба да му отстапиме предимство, а тоа е грижата за својата душа и обврските кон своето срце.
Минувајќи го денот во секојдневните обврски, од обезбедување храна и пиење за денот кој претстои, па сè до успешно реализирање на работните обврски, човекот доаѓа дома на заслужен дневен одмор. И тогаш, кога треба времето за одмор да го искористи навистина правилно, тој седнува пред телевизорот и залудно го троши времето, или, пак, со своите комшии и пријатели почнува да води празни разговори, кои наместо да го одморат, уште повеќе го измачуваат и истоштуваат. Господ ни вели дека таквиот живот е неправилен. Ако живееме така, тогаш никогаш нема да го достигнеме блаженството, кон кое тежнееме. Зашто, само едно е потребно, како што вели Спасителот, а тоа значи, утрото да го започнеме со молитва, работата да ја започнеме со молитва, пред и по јадење да прочитаме молитва и на крај, денот да го завршиме со молитва. Тоа значи, во нашето срце постојано да пребива Божјото име, па така секоја наша активност ќе добие вистинска смисла и на таков начин вистински ќе тежнееме кон вечното блаженство.
Убаво е кога во неделите и празниците доаѓаме во храмовите на светите богослужби, убаво е кога низ пост и молитва се подготвуваме за светата Причест, убаво е кога се трудиме да ги исполнуваме Божјите заповеди и да живееме според нив... Но, сепак, кога го знаеме сето ова, па дури и кога го практикуваме, честопати забораваме на сето тоа, па во состојба сме поголем дел од денот да го поминеме во празни разговори, гледање неморален програм и читање богохулен печат. Како од сето тоа да имаме потреба, а свесни сме дека тоа време залудно го трошиме, тврдоглаво спротивставувајќи се на Божјата волја. Токму затоа и нашите поколенија сè повеќе забораваат на Бога и на Божјата правда. Погледнете ги современите семејства: постојано се грижат како ќе ги облечат своите деца, колку поубаво да ги нахранат, колку повеќе да ги задоволат нивните материјалистички желби... А детската невина душа? Си спомнува ли некој за неа? Го научивме ли своето сопствено дете да се моли, му кажавме ли кои се Божјите заповеди, му го покажавме ли патот до храмот, го причестивме ли, ја благословивме ли неговата постела пред спиење? Растејќи без Бога во срцето, ние од своите деца ќе направиме духовни и морални инвалиди, потполно неспособни да расудуваат за доброто и злото. Направивме потенцијални грешници и злосторници. Впрочем, дефектот не доаѓа одеднаш, туку постепено. Јаболкото во кошница не скапува одеднаш, туку постепено, за на крајот да постане вистински гнилеж. Истото се случува и со човечките души, зашто од потполно незлобни и наивни детски души, со текот на годините, одвоени од Бога, тие можат да постанат злосторнички и исполнети со секакво богоотстапништво.
                                                                               Протоереј Златко Ангелески

Лето Господово 2011