02/09/2015   Поуки - совети

„Главната епитимија на нашиот век – е трпението. Што и да ни даде Бог, во сè нека биде Божјата волја, и сè треба мирно да поднесуваме – без паника, без униние, без негодување, без очајување, без помисли против ближниот. Заради своите гревови страдаме“.

„Во животот нема ќорсокаци. Тоа е само нашата заплетканост во себеси и своите проблеми“.

„Стремете се да станете светол зрак! Господ нема да ве остави“.

„Буквата убива, а духот животвори… Не бидете намуртени, замрзнати. Ликот треба да ви биде светол, радосен“.

„Плашете се да си го расипете расположението еден на друг“.

„Дај ни Господи таква чиста мисла, во секој човек да го гледаме образот и подобието Божјо, божествената убавина да ја      гледаме и да и се радуваме на таа убавина“.

„Помагајте си еден со друг! Помолете се за човекот, ако гледате дека е во униние. А молитвата може сè“.

„Ако некој има именден – поздрави го, барем јаболко подари му, не е важно што; важно – е вниманието“.
 

Мирно срце

„Дури и кога се вознемируваш, со јазикот вознемири се, со умот вознемири се – а срцето мирно; исклучено од сè, срцето спокојно се моли. Благодатта Божја не ја осквернувај во срцето, Светиот Дух никогаш… Како чајник вриете, нешто сте кажале, без тоа никако не поминуваме, започнувајќи од мене и завршувајќи со вас. А срцето е мирно: заврти се, насмевни се – и со тебе сè ќе се насмее, и мирно е и добро“.

„Молитвата го омекнува срцето, злобата се стишува, срцето се смирува, и радоста и смислата на животот се појавуваат… Бог нека им биде Судија, ќе се помолиме и сè ќе помине. И ќе имаме мир и тишина во срцето: и ние ќе се радуваме, и непријателите, и луѓето околу нас“.

„За оние кои не ни посакуваат добро, тешко е – подвиг е да се молиме: молете се за нив, за непријателите, за оние кои ве навредуваат. Како водено балонче ќе пукне злубата кога се молиме за оние што нè навредиле, знајте го тоа“.

 

Ако станеш тежина за другите

„И најстрашното е, кога заради своето бесчестие им отежнуваш на другите околу тебе, кога од тебе, од твоите помисли, од твоите гревовни немоќи, од твоето лелекање почнуваат да страдаат и оние кои те опкружуваат. Тоа е многу тешко… Ако чувствуваш, дека им отежнуваш на другите луѓе – значи, не си во право. Ќе се запнеш за нешто – „јас се спасувам, а останатите загинуваат“. Готово, тоа е веќе првата загината душа, која ќе се запне за нешто, и оди во својата лажна светост…“

„Ако стануваш тежина за другите луѓе – лошо е, ти веќе си тешко духовно болен човек“.

„Само трудете се да гледате на себе од страна. Не гледајте на ближните, кој-како греши, кој што прави, – секој ќе си го добие своето. На себе гледај, на своите гревови“.


Духовни совети и поуки од схиархимандритот Зосима

Извор: Преспанско- пелагониска епархија