Крстот и современиот свет


               Живееме во еден свет во кој доминира непријателскиот дух кон крстот. Во свет кој за свој идеал го има самољубието, свет кој е без морал, во што е најважно да се задоволат страстите и да се живее лесно со егоизмот отколку со жртва и љубов, т.е. со крстот. Овој свет не сака да слушне ништо за воздржување, за власт над страстите, за пожртвуваност и пост, за аскеза. Всушност го одбива крстот и затоа не се сретнува со Христос. Останува во трулежност и смрт, во досада и празнина. Се забавува, но не се радува. Психологијата, педагогијата, политиката, социологијата, правото, економијата...директно се напаѓаат со овој дух (непријателски кон крстот). Многу добро забележува о. Димитриј Дутко во книгата „За нашата надеж„: „Очигледно е дека понекогаш и покрај нашата вера во Христа се обидуваме патот кон Царството Божјо да го направиме што полесен! Светот со своите работи и техничкиот напредок нас нè затупави. Иако понекогаш зборуваме за болки и страдања, се случува оддеднаш да кажеме дека – Христијанството е радост –. А, сепак, радоста не доаѓа така. Радоста не се купува. Не се купува со пари. Радоста на еден христијанин се твори со труд и страдања. За да се спаси човекот нашиот Господ беше распнат на Крст. Доброволно. Беше распнат и умре. А, потоа се случи Воскресение, а со тоа и радост. Христос рекол, „Оној кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека врви по Мене„.


            Неопходно е да се земе својот крст. Оној кој без крст го следи Христос, тој не е достоен за Христа. Тоа и Самиот Христос многу јасно ни Го соопштил: „не е достоен за Мене„. А, тоа значи: верата и љубовта на таквиот човек кон Христос не се изворни, и не вредат ништо. Крстот нè плаши, и тоа е нормално, бидејќи ни ја одзема удобноста. Болката е нешто страшно за нас, а всушност, угодноста би требало да биде за нас таа која е страшна. Ако малку внимателно проследиме, ќе видиме дека сите современи зла за свој извор го имаат угодувањето (себе си). Трудот, страдањата, крстот се нешто што е добро како што вели Христос. Само така Неговиот јарем станува лесен. Овој свет кој го одбива Христовиот крст мора да се соочи денес со немилосрдните удари кои се последица на неговиот антикрстен став: сида, наркоманија, еколошката катастрофа. А, решението не онаму каде што се мисли, т.е. во превземањето на одредени заштитни средства. Тие се корисни, но не се доволни. Коренито решение е единствено – покајанието. Јудеите барале знак од Христа, а Он им одговори дека нема да им се даде знак, освен знакот на пророкот Јона. Односно Неговата смрт, погребение и Воскресение (Мт.12,39). И денес, ова е решението за нашиот безизлез најавената катастрофа.Значи, изборот на крстоносниот начин на живеење како единствен начин наживеење.

               Еден од најзнаменитите запдни Отци, блажен Августин, напишал: „Познавам три крста. Еден е крстот кој спасува, и тоа е Христовиот Крст. Со тој крст се спасува и човекот. Вториот крст, е крстот на разбојникот распнат од десната страна. А, познавам и трет крст, тоа е крстот на разбојникот распнат од левата страна. Типот на овие луѓе (двајацата разбојници), го претставуваат сето човештво. Крстот на разбојникот од десна страна го прифаќа и превзема на себе Крстот Христов.

                 Крстот на разбојникот од левата страна го претставува оној дел на човештвото кој не го прима Крстот Христов и така се губи. Крстот воопшто не можеме да избегнеме, ниту на еден начин„. Христијаните кои живеат во овој свет кои го отфрла крстот мора да направат големи напори за да не се оддадат на светот во материјалните вредности. Секој момент се во дилема меѓу два начина на животот: крстоносниот во Христа или антикрстоносниот, т.е. крсната љубов или антикрсниот егоизам. Со љубовта се сораспнуваме со Христа, а со егоизмот го распнуваме Христа, стануваме непријатели на Крстот Христов. За старите ите и новите распнувачи на Христа, зборува и св.апостол Павле: „Оти мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи ви говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов, нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата е во нивниот срам, тие мислат за земните работи„ (Филип.3,18-19). Ѓаволот се обидува да ги уплаши христијаните во насока, дека ако го изберат крстот ќе бидат назадни, нема да напредуваат, и дека нема да опстанат со крстот на чело, туку дека ќе бидат жртви на злоупотреба, па тогаш им предлага тие да почнат да злоупотребуваат други. И, така, бивајќи маловерни, ја запоставуваат и благодатта, и силата и заштитата од Бога која почива на сите кои ги исполнуваат Неговите заповеди. Евереите сакаа Месија, но без крст.

                  И денес, луѓето сакаат земски рај, но без крст. Затоа и нас христијаните нè повикуваат да го напуштиме крстоносниот начин на живот. Бидејќи антихристот војува против Христос, а тоа го прави токму затоа што Христос е распнат, а тоа значи и Воскреснат. Антихристот како лажен месија и лажен пророк им ветува на луѓето земски рај, избавување и спасение без Крстот. Но, како може да постои рај без љубов и љубов без самоодрекување. Востанието против егоизмот е најрадикалното востание во светот. Интересно е едно толкување кое се однесува на симболот Антихристов, 666. На грчки јазик, според буквите значи: христос (кој е) туѓ на крстот. Значи, Спасител без крст, тоа е Антихристот.

 

Подготви:

презвитер Горан Стојчевски

8-ми април лето Господово 2016

Друго:

Архимандрит Георгиј Капсанис: Крстот Христов и Неговото значење во нашиот живот

Архимандрит Георгиј Капсанис: Учество на Христијаните во Крстот Христов (2)