Светоотечка ризница
Преподобен Гаврил Велички

(Обновено)



ДУХОВНАТА ГЛАД СЕКОГАШ НИ Е ПОТЕШКА ОД ФИЗИЧКАТА


Можеме да помислиме: Дали Бог може воопшто да се осознае? Дали чисто и јасно изговорените зборови имаат сила да ја изгонат маглата пред нашите очи, за да можеме јасно да Го видиме Бога? А и кога би можеле сиот наш живот, од самото раѓање, па сѐ до смртта, да го посветиме само во размислување за Бога, не би можеле ниедна искра од Божјите тајни да сфатиме, а уште помалку со зборови да ги изразиме и објасниме. Човечкиот разум не е конструиран за тоа. Ако од нашите сили зависи сознанието на духовниот свет и Бога, ние би останале совршени незнајковци во тој поглед. И на тој начин, би биле одвоени и отфрлени на оваа земја без Бога, далеку од Него и од Неговата помош и утеха. Но, за среќа, тоа не е случај со нас. Бог знае дека ние не можеме сами да Го најдеме и сфатиме, и нѐ утешил. Ни покажал милост, се спуштил и ни дал олеснување, за да може да нѐ одржува и непрестајно да нѐ храни мислата за спасоносната близина на Бога.

Сите видови напори во правец на барање и разбирање на Бога, радосно Бог ги прима и обилно ги помага. Он е снисходлив како татко кон своето мило чедо. Бог не чека немоќниот човек сам да го помине тој пат кон Него. Он или праќа свои ангели или светители, или, пак, се спушта Сам, ги крши бариерите и законите на природата и се приближува кон човекот. Навистина, поради љубовта на човекот кон Бога, Бог ги урива границите што Сам ги создал меѓу Себе и човекот, повторно поради човекот, зашто Бог е Љубов. А љубовта на човекот кон Бога и Самиот Бог, тоа се две исти љубови меѓу кои не може да има бариера. Или, пак, ако има некаква граница, тогаш таа е исто што и границата што би била меѓу Бог Отец и Бог Син, кога Господ Исус Христос бил на земјата во тело. А и како би можело поинаку да биде, барем според нашата човечка логика, кога ние претставуваме искра на Бога и сме исполнети со здивот на Божјото создавање на првиот човек.

Бог им се открива на оние што Го бараат во толкава мера колку што од нив е баран, секому, без разлика, на кој и да било начин да Го бараат. И тоа се открива во вид што ним најмногу им одговара. Разбојникот во последниот момент, на смртниот час, од крстот Го побарал Господа и Го нашол. Другиот разбојник не Го барал и не Го нашол.

Бог, колку што е подготвен да им се приближи на оние што Го бараат, исто толку се засолнува пред очите на оние што не се интересираат за Него. Значи, за да Го најдеме Бога, мораме да Го бараме. А барањето со кротост и смирение донесува повеќе плод, и таквиот човек е разбран. Навистина, Бог ги знае нашите мисли уште пред да се зачнат во нашата свест. Но, бидејќи на човекот му дал слободна волја, го задолжил и со потребата и сам да ги изнесува своите желби, било да се изговорени или преку дела изразени, сепак, стануваат полноважни. Бог не сака да ни фрли некој Свој дар и понатаму да не го интересира како ние ќе го примиме и што со него ќе направиме.
Бог не сака со нас да постапува како со наемници, туку како со Свој најмил пород на срцето. Кога ни дава некој дар, сака тоа да биде наше барање, наша желба и наша вистинска потреба, па кога ни ја исполнува желбата по долго или кусо време, кога тоа нам најмногу ни одговара, сака и Он да учествува во нашата радост, исто онака како таткото што се радува заедно со своите деца, кога ќе им донесе подарок што тие одамна од срце го сакале.

Нашето барање преку усрдност и молитва, преку ревносно служење на Бога и престојување во Него, претставува само обично тропање пред вратата на Бога. Неговите патишта се мошне разновидни и несознајни. Човекот е должен да тропа со труд, вера, пост и молитва. Само да тропа обично и просто, еднаш, двапати или повеќепати, па да застане и да чека. Вратата на Бога можеби нема веднаш да се отвори по чудо, но подоцна, во свое време, секако ќе се отвори. Колку повеќе чекаме, толку повеќе расте веројатноста дека Бог ќе ни ја отвори вратата на Својата милост, ќе ги рашири рацете и со Својата татковска љубов ќе го прими синот, жеден за татковска љубов, ќе го привлече и прегрне.

Колку и да Му се молиме на Бога, зарем ќе биде повеќе отколку што вложуваме труд во обичните физички работи? Ако повеќепати во денот ги подигнеме рацете кон Бога, ќе биде ли повеќе отколку градинарот, кој од темни зори до вечер ги подигнува рацете кон дрвото за да ги собере плодовите што му ја носат неговата корка леб; или повеќе отколку рударот во темната јама? Колку и да се наведнуваме правејќи метании, можат ли тие да бидат повеќе отколку жетварот кој се наведнува под жешкото сонце, по цел Божји ден, а понекогаш и ноќе? Ако ние толку многу труд вложуваме заради физичкиот леб, не е ли, исто така, неопходно да се трудиме и за лебот на нашиот дух? Молитвата претставува леб за душата и никогаш не би требало да ни здодее да Му се молиме на Бога. Во мислите непрестајно треба да бидеме во врска со Него. Духовната глад секогаш ни е потешка од физичката. Поради тоа, потребно е непрестајно да одржуваме врска со Него. Без таа Негова врска, ние би престанале да постоиме.

Времето потрошено за Бога, грешиме ако го сметаме за изгубено, или, пак, недоволно искористено, како што честопати си мислиме. Некојпат можеби ќе се најде некој безверник да нѐ укори, префрлувајќи ни каква полза имаме од секојдневното повторување на речиси исти молитви, кои одамна сме ги научиле напамет. Такво нешто, било да чуеме отстрана, било да се зачне во нашиот ум, доаѓа од лукавиот, кому му пречи нашиот успех, зашто добро знае дека тоа е света работа и претставува чисто богатство кое се чува на небото. А сатаната оттаму не може да го грабне.

Патиштата што водат кон Бога и нашиот Спасител, во својата основа се прости и едноставни. Нив ги компликува, отежнува или оневозможува нашето сладострастие и неумерените животни желби, кои невнимателно и потсвесно стапуваат во контакт со непријателот на нашето спасение. Па поради тоа, молитвата кон Бога претставува не само леб на душата, туку нешто повеќе од тоа – нејзин живот. А Бог, Кој ги знае и гледа нашите потреби и желби, ќе направи она што секој татко би го направил за своето добро и послушно дете, зашто Бог е Татко на татковците. Татко на сите.

подготви: Катица Проданова

 

Извор: ПРЕМИН 111/112 

 

Друго:

sv.Gavril.Svetogorec1.jpg

 

Друго:

ПРАВИЛА И ОДРЕДБИ НА ПРАВОСЛАВНАТА ЦРКВА ЗА ПОСТОТ (3 дел)

Житие на светиот Епископ Велички Гаврил Светогорец

Друго: