Архимандрит Емилијан Симонопетриски

✤✣✤

Догмите во нашиот живот

(IV дел)

✤✣✤

Претходната недела славевме и друга победа: кога неукиот Лав III Исавријанец станал цар и посака да ја укине догмата за иконопочитувањето, Црквата му се спротивставила, бидејќи знаела дека тоа го засега спасението. Значи, тој цар пошол кај Патријархот Св. Герман и му наредил: „Симни ги иконите оти тоа се погрешни и изопачени нешта, тоа е идолопоклонство“. А што направил тогаш Патријархот: го симнал својот омофор, како да му одговорил: „Го жртвувам својот престол и животот свој“. Царот си заминал неутешен. А мислел дека ќе го победи. Исто му рекол и на папата Григориј II, а овој му одговорил: „Догмите на верата се Божја работа. Остави ги тие твои лудости. Навистина измената, отстапувањето од догмите е лудост“.

Но ајде ние, бидејќи ја имаме мудроста на Светиот Дух, да се допреме до догмите што нашата Света Црква ни ги предала со толку многу маченички печати. Ајде да видиме како тие се поврзани со нашиот живот. Треба ли значи и ние, кои сме вистински деца на Црквата, да ги познаваме догмите? Како што ни телото не постои без глава, на сличен начин и без догмите нема живот. Бидејќи догмата ни го дава знаењето и начинот на којшто можеме да Го имаме Бога во својот секојдневен живот.

Сето она што во својот црковен, семеен и личен живот го правиме, почива на догмите. Ќе наведеме неколку примери за да можеме подобро да сфатиме дека навистина догмите се потпора на нашиот црковен и општествен живот.

Повеќето луѓе влегуваат во брачна заедница. Ги оставаме своите семејства, таткото, мајката, што нѐ родиле и се труделе околу нас, и засакуваме и стапуваме во брак со некого кого не го ни познаваме. Зошто? Само колку да се ожениме? Да не живееме како многу други во општеството кои не сакаат да го понесат товарот на одговорноста? Тоа е прашање на догмата, прашање на животот и смртта. Кај идолопоклониците бракот постоел и пред Христовото доаѓање. Условите, обичаите и сето она што е врзано за бракот било јасно одредено и тоа во толкава мерка што бракот бил своевидна религиозна литија. Кај идолопоклониците сите општествени прилики имале религиозен карактер и биле насочени кон Бога. А колку повеќе така треба да биде и кај нас, кои сме Христијани!

Но зошто да стапам во брак? Бидејќи бракот е влегувањето на Бога во мојот живот. Бракот значи Тајна „во Христа и во Црквата“. Таа моја заедница не ме поврзува со мојот брачен другар – ме поврзува со Бога. Јас престанувам да бидам една индивидуа, и мојот брачен другар престанува да биде друга индивидуа, се укинуваат лицата и имињата, и ние стануваме едно тело: „И двајцата ќе бидат едно тело“, како што вели Евангелието. „Едно тело“ не значи телесна поврзаност на сопружниците, тоа значи дека се укинуваат двете личности и произлегува една, еден нов човек, богочовек, кој произлегува после чинот на Светата Тајна брак. Како што во Светиот Путир ставаме леб и вино и ги благословуваме, па тие повеќе не се две нешта туку едно, Еден Христос. Така е и овде: двете личности биваат една, значи стануваат тробитие со Христа. Значи веднаш нашиот брак има единство и сличност со Света Троица.

Гледате ли како работите се менуваат кога некој правилно ќе размисли не само за догмата туку и за она што е поврзано со неа? Бог, кога ја востановил догмата за бракот, рекол: „Поради тоа ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја, и ќе се прилепи до жената своја“. Бидејќи доаѓа до многу проблеми кога некој ќе стапи во брак, а нема да се раздели од своите родители. Проблеми помеѓу свекрвите и снаите, несогласувања, недоразбирања, расправии. Колку солзи! Снаата заминува, се враќа при мајката, па одново му се враќа на мажот, мажот ветува. Зошто? Причината лежи во тоа што воопшто не внимаваме не само на она што догмата го кажува, туку ни на тоа на каков начин таа кажува дека се извршува Светата Тајна. Секоја ситница има своја смисла. За таа догма зборуваа и Св. Ап. Павле и Св. Ап. Петар. Жената, велат тие, е слаба, нејзиниот свет е чувствителен, веднаш пука, поради тоа треба да ѝ се обраќаш и кон неа да се однесуваш со уважување и почит. А што се случува кога мажот ќе заборави на она што Св. Ап. Петар го кажува и одредува и кога жената ја смета за силна? Жената ќе се скрши, па тој тогаш или ќе ја води по лекари или ќе ѝ држи предавања дека „не го сака“, и „не го почитува“.

Гледате ли колку дури и бракот, најсветовниот сплет на односи, зависи од догмата на Црквата? Сите облици на живот се апсолутно поврзани со нашите догми, кои сѐ издигнуваат во Божествената сфера. Исто така, како би можеле да се разбереме самите себе ако не ги знаеме догмите? Гледам дека моето дете прави грев. Како би можел да ја протолкувам таа постапка на своето дете, да сфатам дека треба да разговарам со него, дека треба да го воспитам за да може да стигне онаму каде што Бог сака, ако не ја познавам догмата за падот и повторното создавање на човекот, односно антрополошката догма? Ќе си велам само дека човекот е слаб, немоќен, „не го правам она што го сакам, туку тоа што го мразам го правам“? Ако значи не ја сфатам догмата, ќе потфрлам во воспитувањето на своето дете. И јас секако, ќе можам да се чувствувам оправдан и да мислам дека детето не ме слушало: всушност јас не сум Го послушал Бога и догмата Негова, за да знам како да се однесувам.

Продолжува

Извор: Бигорски манастир