Штом Го најдеш Христос, тогаш тоа ти е доволно и не сакаш ништо повеќе, мирен си. Стануваш друг човек. Живееш насекаде кадешто е Христос. Живееш во ѕвездите, во бескрајот, на небото со ангелите, со светителите, на земјата со луѓето, со растенијата, со животните, со сите и со сè. Таму кадешто е Христовата љубов исчезнува осаменоста. Тогаш си мирољубив, радосен, исполнет, и нема ниту меланхолија, ни болест, ни притисок, ни стрес, ни безволност, ни пекол.

Тогаш Христос е во сите твои мисли и во сите твои дела. Ја имаш благодатта и можеш сè да поднесеш заради Христос, па дури може и неправедно да страдаш. Може да поднесуваш неправди заради Христос, и тоа со радост. Како што Oн пострада, исто така и ти може да страдаш неправедно. Зарем си Го избрал Христос за да не страдаш? Што вели апостолот Павле? „Се радувам со моите страдања“. Таква е нашата религија: да се разбуди душата и да Го возљуби Христос, да стане света и да ѝ се предаде единствено на Божјата љубов. Така и Он ќе ја возљуби. Кога ќе дојде Христос во срцето, тогаш животот се менува. Христос е сè. Оној кој во себе Го има Христа, тој доживува работи што не можат да се искажат: свети и свештени. Живее во радост. Ова е вистина, го имаат доживеано и живеено луѓе, подвижници на Света Гора. Постојано со копнеж ја шепотат молитвата „Господи Исусе Христе…“.

Кога Христос ќе влезе во срцето, страстите исчезнуваат. Тогаш не можеш ниту да навредуваш, ниту да мразиш, ниту да се осветуваш, ниту, ниту, ниту… Како може да се најдат омразата, нетрпеливоста, осудувањето, егоизмот, стресот, депресијата, кога владее Христос и копнежот по невечерната светлина? Тој копнеж те прави да чувствуваш дека смртта е мост, кој ќе го минеш во еден момент за да го продолжиш животот во Христа. Тука на земјата имаш една пречка, па затоа е потребна верата. Таа пречка е телото. А по смртта верата се укинува и Го гледаш Христос како што го гледаш сонцето. Се разбира, во вечноста сето тоа ќе го живееш поинтензивно.

Меѓутоа, кога не живееш со Христа, живееш во меланхолија, тага, стрес, секирации. Тогаш не живееш правилно, и се појавуваат многу аномалии и во организмот. Телото, жлездите, црниот дроб, жолчката, панкреасот, стомакот трпат влијание. Некои велат: „За да бидеш здрав, земи наутро чаша млеко, јајце, путерче со две три кришки леб“. Но, ако живееш правилно, ако Го возљубиш Христос, тогаш и со еден портокал и едно јаболко ќе бидеш во ред. Најголемиот лек е човекот да му се предаде на служењето на Христос. Тогаш сè се исцелува, и сè функционира правилно. Божјата љубов сè менува, преобразува, осветува, поправа, пресуштествува.

Нашата душичка многу ќе се утеши кога ќе имаме копнеж по Христа. Тогаш нема да се занимаваме со секојдневните и приземни работи, туку ќе се занимаваме со духовното и возвишеното, ќе живееме во духовниот свет. Кога живееш во духовниот свет, живееш во друг свет, во којшто душата е задоволна и радосна. Меѓутоа, не си незаинтересиран за човекот, туку сакаш и тој да го најде спасението, светлината, осветувањето. Сакаш сите да влезат во Црквата.

Преземено од „Православен Пат“ бр. 31

Извадок од книгата „Γέροντος Πορφυρίου Καυσοκαλυβίτου, Βίος καί λόγοι“

Превод: Јеромонах Атанасиј Арсоски

Извор: http://pravoslavie.mk.

Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/starec-porfirij-hristos-srceto/ .