Со спасителното дело на Господ Исус Христос и со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на Педесетница, Црквата станала носителка на полнотата на богооткриената вистина за Бога. Но, требало да помине долго време додека таа вистина биде облечена во човечки зборови. Во прво време немало развиено богословско објаснување на христијанските богооткриени вистини, меѓу кои била и тајната на Света Троица. Тоа е разбирливо, затоа што во првите векови Црквата немала услови за развивање на своето богословие (таа била гонета и живеела во подземје), но исто така првите христијани живееле така, што го очекувале скорото доаѓање на Господ Христос, кое сметале дека ќе се случи многу многу бргу, така што не обраќале многу внимание на определување на верата со зборови. Првите христијани својата вера ја изразувале со кратки символи на верата, од кои некои биле: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“ или „Слава на Отецот преку Синот во Светиот Дух“. Еден символ, една претстава на риба, која често можела да се сретне по катакомбите од првите христијански времиња, била доволна за да се воплоти сето она во што христијаните верувале. Риба (грч. ИХТИС) го содржи акронимот И(исус) Х(ристос) Т(еос) И(ос) С(отир) – Исус Христос Божји Син Спасител.

Потребата да се определи верата се појавува подоцна, кога почнале да се појавуваат и многу погрешни учења, ереси, кои биле отклонување од Вистината што ја носела Црквата. Различните богословски термини со кои се определиле вистините на верата претставувале реакција на Црквата, со која таа ја заштитувала Вистината. Тие богодолични зборови биле хируршки скалпел, кои недвосмислено ја одделувале вистинската вера од ереста, што не останувало простор за поинакво објаснување.

Во 3 век Црквата се борела со ереста на Савелиј, кој учел дека Бог е едно Суштество, а трите Лица се само три пројави на едната и иста Природа (просопон – маски, не толку персоналност, колку маска на актер). Според него, Бог во Стариот завет се пројавувал како Отец, во Новиот како Син, а во Црквата по Педесетница – како Свет Дух. Тука била и ереста на Ариј, кој учел дека Христос не е Бог, туку создание Божјо.

Така се појавил терминот едносуштен, со што се изразила истата природа на Отецот и Синот (не син Божји, туку едносуштен – недвосмислен термин). На Првиот вселенски собор (Никеја 325) бил формиран првиот дел од Символот на верата, со што се одредила црковната вистина за природата на Синот, а подоцна на Вториот вселенски собор (Константинопол 381), поради лажните учења за Светиот Дух, тој Символ бил проширен со неколку члена. Така сме го добиле денешниот Символ на верата (Никео-цариградски), кој го читаме на секоја Литургија. Тоа е кратко изложување на верата што Црквата ја имала од својот почеток, но тајната на Троица подобро е објаснета во делата на светите отци од тој период: св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов, св. Григориј Ниски.

Православното учење, учењето на древната Црква за Бог Троица може вака да се изложи: Бог е Еден по природа, но Еден во Три Личности: Отецот, Синот и Светиот Дух, кои претставуваат три полноцени Личности. Едната Личност (Ипостас) не е една третина од заедничката суштина, но е носителка на полнотата на Божествената природа. Отецот е Бог, Синот е Бог и Светиот Дух е Бог. Но сите Тројца не се три Богови, туку Еден Бог. Ние Ја исповедаме „Троица Едносуштна и Неразделна“. Следејќи го Светото писмо, апостолското Предание и Преданието на светите отци, св. Григориј Богослов исповеда: „Троица во Единица и Единица во Троица“.

Личностите на Света Троица од вечноста постојат како единствени и неповторливи. Личното својство на Бог Отец е нероденоста или беспочетноста, на Синот – беспочетното раѓање, а на Светиот Дух – вечното исходење (произлегување) од Отецот. Личноста на Отецот е Извор и Причина на личното постоење на другите две (тоа е монархија на Отецот, затоа Бог е Еден), но тоа не значи дека Отецот е поголем од другите двајца. Никогаш Отецот не бил без Синот и Светиот Дух.

За да биде учењето за Троица подостапно за разбирање, светите отци понекогаш прибегнувале кон аналогии и споредби. На пример, Троица може да се спореди со сонцето: под сонце ние го имаме предвид небесното тело, но исто така и сончевата светлина и сончевата топлина (светлината и топлината како две самостојни „ипостаси“ кои не постојат изолирано од сонцето). Друга аналогија: водата, изворот и потокот – едно без друго не може. Според преданието, св. Спиридон Тримитунтски на Првиот вселенски собор, за да покаже како Три можат да бидат истовремено и Едно, зел цигла во раката и ја згмечил; од згмечената глина, нагоре пламнал оган, а надолу потекла вода: „Како што во оваа цигла има оган и вода – рекол светителот – така и во едниот Бог има три Лица“.

Keramida-ag-Spyridonos

Светото писмо дава вакво определување на Бога: „Бог е љубов“ (1Јн 4,8; 4,16). Но, нема љубов без возљубен. Љубовта претпоставува постоење на друг. Осамена личност не може да се љуби само самата себе: самољубовта не е љубов. Личноста се осознава како личност само преку општење со други личности. Бог Троица е полнота на љубовта, секое Лице е обратено со љубов кон другите две Лица. Лицата во Троица се осознаваат Себеси како „Јас и Ти“: „Ти си, Оче, во Мене и Јас во Тебе“ – се обраќа Христос на Отецот (Јн 17,21).

(продолжува)