Кривата заклетва обелоденета на чудесен начин.

Некој евреин имал пријател Христијанин. Во една прилика поаѓајќи на далечен пат, евреинот, му го дал на Христијанинот на чување својот ковчег со 1.000 златници во него. Бидејќи се задржал долго на патување, Христијанинот намислил да го присвои повереното му богатство, па така и направил. Кога се вратил евреинот си го побарал своето злато, Христијанинот одрекувал, велејќи дека ништо не му било поверено на чување. Евреинот многу се натажил и најпосле му рекол:
,,Брате, за тоа никој не знае освен единиот Бог. Ако ти одрекуваш дека сум ти дал пари на чување и велиш дека не си ги примил од мене, тогаш одречи го тоа со заклетва. Ајде во Црквата Свети Мина и таму заколни се дека не си примил од мене ковчег со пари''.
Христијанинот се согласил, отишле во Црквата и се заколнале. По дадената заклетва излегле заедно од Црквата, го јавнале секој својот коњ и тргнале. Но коњот на Христијанинот толку збеснал, што никако не можел да го смири или сопре. Коњот во бес ја искинал уздата и во див трк го исфрлил својот господар на земја. При падот на Христијанинот му излетал прстенот од раката, а од џебот му излегол клучот од ковчежето кај што стоеле парите на еврениот. Христијанинот не го забележал тоа па се исправил, едвај го фатил коњот, го јавнал и со евреинот го продолжил патот. Јавајќи некое време дошле до некоја добра сенка. Тогаш Христијанинот предложил да слезат и да се одморат малку, а коњите да ги пуштат да се напасат со убава трева. Евреинот се согласил. Само што слегле Христијанинот го видел пред себе својот слуга кој на рамото го носел ковчежето со злато на евреинот, а во рацете клучот од ковчежето и прстенот. Кога го видел ова, тој се преплашил и му викнал на слугата: ,,Што е тоа?"


Слугата одговорил: ,,Еден страшен воин дојде кај твојата куќа, и ги даде на твојата госпоѓа прстенот и клучот и и рече: ,Испрати го што побрзо ковчегот на евреинот, за твојот маж да не западне во голема несреќа'. И госпоѓата ми го даде ова да ти го донесам, како што си заповедал''.
Кога го чул ова евреинот, се восхитил многу и радосно со Христијанинот брзо се вратиле назад во Црквата на Свети Мина, се поклониле на светителот и евреинот веднаш замолил да биде крстен, а Христијанинот се помолил на Бога и на светителот за прошка, зашто ја прегазил Божјата заповед.

По милоста Божја на обајцата им било дадено она што го барале - едниот крштевање, а другиот простување, и секој заминал во својот дом славејќи го Бога и неговиот угодник Мина.

 

 Избор од фб профил на

Николај Филотеев