vo.Nedela.na.Raslabeniot4


Ќе ви дадам еден историски пример за кој сите знаеме – 400–те години турско ропство (островот Кипар бил 4 века под турско ропство). Да живеевме тогаш немаше да бидеме на себеси. Ропство, тешки времиња, 400 години, не е шега. Тогаш немало ни човечки права ниту нешто слично. Постоел некој друг начин на мислење, други состојби. Ако ја погледнеме историјата на светот, на нашиот народ, надвор од сентименталностите, ќе заклучиме дека сепак, имало и извесно благодејание во тие тешки собитија.

Сигурно во текот на оние 400 години постојано убивале, мачеле, но се јавиле и ликови на маченици кои го исполниле Рајот. И што друго? Сме се избавиле од вителот на средновековното западно Просветителство, зашто инаку не знам дали ќе успеевме да се запазиме како православни христијани. Да, 400 години ропство – измачувани, понижувани, толку многу жртви – но сме се запазиле. Тоа го велам за да се научиме да бидеме луѓе кои можат да се борат, кои ќе прават по човечки сѐ што можат, но ќе имаат и доверба во Бога. Тоа што денес изгледа лошо, во долгорочна перспектива може да се покаже за добро. И тоа што денес изгледа добро, гледано долгорочно може да се покаже за лошо.

Можно е дури и борбите, востанијата кои се кревале тогаш, и кои врз основа на околностите и начинот на мислење во она време, биле сметани за благородни, идеалистички и неопходни, со тек на време може да се покажат како грешка. Ќе ми кажете:

– Добро, тогаш човекот не го разбирал тоа.

Да, сигурно, од каде да знаеме како ќе се развиваат работите низ времето? Многу пати сепак, историјата на народите покажала дека нешто кое денес изгледа добро, со тек на време ќе се покаже погрешно и нешто кое денес изгледа лошо, подоцна ќе испадне полезно, независно од цената која ја плаќаш во моментот кога се мачиш. Како на пример болеста – кога човек е болен и се мачи, се мачи, си велиш:

– Жално за тој човек! Нека не се мачи! Нека се излекува и веднаш да се почувствува подобро!

Знаеш ли, сепак, колкава полза му носи на човекот таа болест? Во еден момент таа ќе заврши, годините ќе минат. Ќе прашаш како ќе минат. Многу тешко! Несфатливо тешко. Но, крајот е толку велик, толку прекрасен и достоен за сите тешкотии што ги врви човекот. Како кога жената, која што раѓа, минува низ сите оние маки, сите болки додека роди. Но, кога детето ќе се појави на светот и мајката ќе го види своето бебе, милото, прекрасното, единственото, сѐ се заборава. Така и со човекот во овој живот. Тој се мачи, страда, поднесува болки, но кога ќе се појави плодот, тогаш е неспоредливо поголем од сите претходни тешкотии. Затоа човек треба да се научи да има мир во душата, да го прави тоа што може, но со мир, со сознанието дека не сѐ зависи од него. Ти треба да го правиш тоа што можеш, во спротивно ќе бидеш суден. Ќе бидеш суден од Бога ако се покажеш страшливец, мрзлив, ако се покаже дека ти е тешко да го правиш тоа што треба. Кога, сепак, ќе стигнеш до моментот да кажеш: „Види, не можам да сторам ништо друго! Гледам, чувствувам, сигурен сум дека тоа што можев да го направам го направив! Крај! Застанувам и оставам сѐ во Божји раце!“

И да видите како тогаш Бог ќе доврши сѐ…

Имам вера и гледам на еден исклучително прекрасен начин. Напротив, кога ќе го изгубиме мирот во себеси, стануваме како ѕвер во кафез и сакаме дури и решетките да ги изедеме, затоа што не се случило она што го сакаме и што сме си го намислиле. Место не нѐ држи од мака. Не сакаме да се согласиме и постојано сме вознемирени, бидејќи ништо не добиваме, и тогаш постојано ќе правиме грешки. Ниту делото што го сакаме да го исполниме ќе го завршиме, ниту мир ќе имаме. Сетоа тоа се знаци на нетрпение кое се раѓа од маловерието и води до грешки.

(Продолжува…)

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/go-ljubime-li-boga-part-3/?fbclid=IwAR2Uw-Im9iAh5XKuBNTdffzAM6AKaef44q_SmYOZqx6m56KSdaRGIm1X5nY