Ние, веројатно, не разбираме што точно е молитвата, не знаеме како да ја ползуваме во нашиот живот. Но, најпрвин да одговориме на прашањето: „Што не е молитвата?“ Кога бевме деца, во училиште, во семејството, како и во храмот, нè учеа дека сме должни да се молиме – тоа е наш долг како Христијани. „Се помоли ли, дете мое? Многу убаво си направил!“ Но, молитвата не е долг. За малите деца таа е една визуелна лекција – стануваш наутро и како што си ги облекуваш алиштата, така пред да отидеш на работа си ја облекуваш и молитвата. Исто така и навечер: си ги облекуваш пижамите, а потоа си ја ставаш и молитвата, пред да заминеш на спиење; пред јадење, после јадење итн. Всушност, молитвата не едно задолжение, па макар и добро. Со други зборови, таа не е нешто што треба принудно или задолжително да го извршуваме, зашто во спротивно ќе Го нажалиме Бога. Не. Убаво е да влеземе во каналот на таа благословена навика уште од мали деца, но потоа неопходно е да излеземе од него колку што е можно побрзо.

Второ. Молитвата не е емоција, т.е. го палам кандилото, ја гасам сијалицата, наведнувам главата, предизвикувам тажен поглед и започнувам да си ја насладувам душата со мислата за Бога. Не, возљубени браќа! Таа е нешто многу различно, многу поразлично од тоа. Молитвата не е ни умозрение, т.е. да седнам, да си го напрегнам умот, да се сосредоточам, па да се обидам да си Го претставам Бога – дали ме чува, да ги соберам своите барања и потреби и да направам зделка со Него. И тоа не е молитва.

Ниту, пак, молитвата се крие во многусловието, за коешто зборува Господ во Своето Евангелие.

Колку пати сме го чуле прашањето:

– Отче, што да кажувам во молитвата?

Ти, всушност, од свештеникот бараш точно да ти определи: ќе го кажеш тоа, тоа и тоа! Таквите молитви не стасуваат ниту до таванот на собата…

Таквите молитви не се молитви, туку мачење на нашата душа. Се разбира, тие имаат своја вредност, во смисла дека се израз на едно напрегање, благоизволение и намера, но немаат врска со она коешто Црквата го нарекува молитва, со она за кое сакам да ви кажам неколку зборови.

Првото нешто што молитвата претставува е:

Таа е разговор со Бога. Тоа значи дека молејќи се, јас имам чувство дека ја отворам својата уста и ги искажувам копнежите на моето срце, а од спротивната страна е Бог, Кој го слуша она што душата ми го внесува во молитвата. Не зборувам на ушите кои не слушаат, туку Му зборувам директно на Таткото Кој ме љуби. Затоа и Го нарекуваме „Господ и Отец“ во нашата молитва. Следствено, пред сè, молитвата е токму разговор. Сепак, отците ни велат дека таа е нешто уште повозвишено.

Второ, таа е љубовно соединување (συνουσία) помеѓу Бога и човекот. Тие го користат овој збор за да ја прикажат тесната врска што се создава меѓу Бога и човекот во молитвата. Таа не е однос кон еден апстрактен поим, туку соединување на нашата душа со постоечкиот и жив Бог, Кој заедничари и Кој во оној миг стои пред нас.

Трето, молитвата е нашиот живот. Во едно од последните книги за старецот Пајсиј, тој го раскажува следниот случај. Лекарите се обидувале на секаков начин – особено неговиот хирург, кој многу го љубел – да го продолжат неговиот живот. Тие направиле сè што се може во болницата во Солун. Во еден момент Старецот му рекол:

– Слушај Георгиј, доволно направивте! Сега ќе запрете со секакво лекување!

– Ама Геронда, сакаме да живееш колку што е можно повеќе!

– Слушај, минатата ноќ паднав на колена и се обидов да се помолам, но не успеав. Штом не можам да се молам – не ми треба животот!…

(Продолжува…)

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/se-molam-znachi-zhiveam/?fbclid=IwAR2_PCVrEcuQlFmdwR-38k9TFnu25M_mxtYemI70uzzTnZtlULKcK74xUGU