Во нашата епоха која изобилува со зборови и информации, известувања, дискусии, дијалози, комуникација, да зборуваш за молчанието звучи прилично чудно. Во време кога зборот се користи за лажење, богохулење, ласкање, иронија, измама и потсмев, вреди да проговори човек и за свесното, пристојно и полезно молчание. Молчанието е форма на поведение.

Кога човек молчи, тоа не мора да значи дека тој е рамнодушен, инертен, мрзлив и невнимателен. Обмисленото молчание, внимателното краткословие и отфрлањето на разговорливоста и озборувањето, значат претпочитање на тишината и избегнување на заморното многусловие, кое обично предизвикува разни проблеми, како што се кавгите со расправии и отуѓувањето. Сериозните луѓе зборуваат со своето сериозно молчание. Тие не зборуваат, не затоа што не знаат да зборуваат, не поради непопустливост, надменост и скриена ароганција, дека не учествуваат во разговори на доволно високо за нив ниво, туку заради скромното чувство дека немаат ништо важно да кажат. Тие едноставно молчат. Дури и кога зборуваат, нивното слово има зрела содржина.


Молчаливите луѓе не се вообичаени, сакани и претпочитани. Општеството денес бара смели говорници. Некои дури ги сметаат молчаливите за болни, безвредни, страшливи, исплашени и проблематични. Се разбира, некои може да се такви, како што, патем, можат да бидат и зборлестите. Во секој случај, навистина молчаливите луѓе „го чувствуваат мирисот на еден друг живот којшто другите, кои ги засакале надворешните форми на поведение, не можат да го сфатат. Молчанието ја исполнува нивната душа со радост и им ги открива хоризонтите на една интензивната духовна активност која нивната човечка средина тешко може да ја разбере и цени“ (Георгиос Красанакис).

На овој начин, се откриваат две форми на молчание. Едната е немоќ, а другата е добродетел. Ајде внимателно да ги разгледаме и двете.



✣✤✣



Рековме дека можеме да имаме молчание од страв или плашливост, што е резултат на болна душевна состојба. Болното молчание е мрачно, безрадосно, подмолно, заморно и штетно. Го измачува самиот човек, кој е неурамнотежен, јасен, чесен, искрен, експресивен и отворен. Понекогаш некој може да се преправа дека е тивок и смирен, а внатре во него да владее голема збунетост, вознемиреност, немир, грижа и вообразеност. Ова преправање е страшно и лицемерие за осуда. Еден навидум тивок човек е во заблуда. Тој молчи од лошо расположение кон ближниот, од недостаток на смелост или од длабока внатрешна празнина. Смирено молчаливиот не е асоцијален, некомуникативен, кој ги избегнува луѓето и небратољубив. Тој не се затвора во нарцисоидна школка, водејќи монолог со своето „мудро“ јас и понижувајќи го својот брат.

Следствено, постои лошо и добро молчание, како и добро и лошо слово. Внатрешниот квалитет на човекот го обојува и дава мирис на неговата тишина и говор. Евангелието не сака секогаш да бидеме молчаливи. Честопати нè повикува на проповедање, мисионерска работа, исповед, охрабрување и совет. Христос му рече на Свети Апостол Павле не плаши се, туку зборувај и не молчи, зашто Јас Сум со тебе (Дела 18,9-10). Тој му вели бестрашно да го проповеда Евангелието и да не молчи. Постојаното присуство на Господ го зацврстувало неговото слово.

Свети Игнатиј Богоносец вели дека Божјото Слово дошло преку молчанието. По долго молчење во пустината, Христос ја започнал Својата проповед. Големите тајни се извршуваат сред безмолвие и се обвиткани со свештено молчание. Тајната на Воплотувањето на Синот и Словото Божјо се разбира подобро во молчание. Тука се претпочита молчанието. „Нека царува тишината“. Молчанието е лесно и безбедно. Молчанието го изразува смирението на умот, погледот на срцето, благодарноста на душата, која останува безгласна и ги слуша химните на Ангелите и богоисткаените химни на свештената православна химнологија.

Исповедта на верата не е залуден и формален збор, туку доаѓа од молчанието на чистото срце. Така молчанието раѓа чисто, убаво и зрело слово. Умот се трогнува меѓу возвишените работи и не го тера јазикот да изговара зборови, тој се воздржува и не ги изразува недостижните поими на божествените тајни.

А Исус молчеше. Христос молчи не само пред првосвештениците и Пилат во преториумот. Но, Исус ништо повеќе не одговори, додава евангелистот Марко. Тој не дал никаков одговор. Мислел дека ништо не излегува со зборовите; дека ќе зборува и тие нема да Го чујат Него; дека Неговите зборови ќе одат залудно. Не дека немал желба да зборува, но го видел доброволното заглушување на луѓето што имале уши, но не ги користеле. Христос не го галел слухот. Тој не го кажувал она што тие сакале да го слушнат. Тој свесно молчи. Евангелистот Лука спомнува дека Тој не одговарал ништо на многубројните прашања. Како уште тогаш да зборувал дека многуте зборови се оскудни. Тој видел дека ништо не се добива од дискусиите. Евангелистот Јован го истакнува бестрашното молчание на Исус и покрај заканите од страна на властите. Во Личноста на Христос се потврдува древното – громогласниот пророк Исаија вели: Тој воопшто не ја отвори устата и остана безгласен пред Своите гонители.

    Кога човек одговара на предизвикот со молчание, тој ја намалува и отстранува напнатоста, ја смирува јароста, го гасне гневот и ги смирува тешките состојби. Етосот, изразот и тропосот на оваа тишина се, исто така, важни. Ако е себично, очигледно е. Ако е презир, не може да се скрие. Но, кога некој понизно молчи за работите да не се влошуваат, тој попушта, покажува толеранција, се повлекува, ги намалува своите големи права заради мир, единство и љубов, тогаш тој победува, додека надворешно изгледа како да губи. Оној кој е паметен, се прави глупав – велат на Света Гора. Скромното однесување на молчаливиот може да го предизвика другиот кон љубочестие, да го натера да размисли подобро. Кога човек ја има силата што доаѓа најмногу од смирението, да не реагира на пркосен напад, иронија и потсмев и молчи, тоа не значи дека е плашлив и безумен, туку дека има херојство поголемо од бестрашноста на наглоста, дрскоста, продолжувањето на кавгата и роптањето поради големиот внатрешен отпор. Кога е предизвикан, човек чувствува потреба да се брани, да зборува, да се оправдува и да создаде одбранбена безбедност. Потребна е поголема сила за човек да замолчи, отколку да зборува. Но, молчанието бара мудро знаење, самоконтрола и најмногу од сè – смирение.

Молчанието не е за секого, за сите места и засекогаш. Светите отци детално го опишале здравото молчание и имале божествено слово. Многу е важно и вредно луѓето да знаат кога ќе зборуваат, што ќе кажат, на кого ќе го кажат, зошто ќе го кажат, колку ќе кажат и кога ќе треба да замолчат, да се повлечат, да се скријат. Колку убаво се вели дека „усното слово го ограничува внатрешното слово кое се содржи во молчанието. Тоа никогаш не може да го опфати и да го изрази на апсолутен начин. Затоа молчанието често е во состојба да изрази повеќе отколку словото“ (Георгиос Манѕаридис). Ова се случува во богословието, во свештеното безмолвие.

 

Извор:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/molchanieto-koe-zboruva-prv-del/