Богослужението зазема централно место во животот на Црквата. Но ние не го живееме интензивно, не го живееме како извор од кој извира Божјата благодат, од кој може да црпиме за да го живееме таинственото општење со Бога, туку го восприемаме повеќе како формална обврска. Ќе го кажам малку попросто: ние, можеби, одиме в црква затоа што сакаме да го изразиме својот православен христијански идентитет. Вистина е дека нашите сонародници во странство имаат уште поголема потреба да го изразат својот идентитет од нас кои живееме во традиционално православни места, каде што идентитетот во голем степен е даден, но дури и тие може да посетуваат богослужби водени единствено од чувството за долг. Тоа е добро, но не е доволно. Богослужење е ова: кога сите верни, заедно со свештеникот како нивни претставник, се собираат во храмот и сиот свој копнеж и потреба од врската со Бога ја ставаат во зборовите на свештенчките низи. Ова може да се случува на светата Литургија, која е врвот на богослужбениот живот на Црквата, на Вечерната и Утрената богослужба, при извршувањето на другите Таинства, како што се Крштението и Бракот, исто така и при молебните канони и акатисти кон Пресвета Богородица, кои толку длабоко допираат во душата. Всушност, одејќи в црква ние не исполнуваме никакво задолжение, туку ја подготвуваме својата душа да прими одредени работи. Првото нешто е да осознаеме дека сме членови на една заедница која се нарекува братство, каде што сите сме браќа и заедно стоиме пред Бога, а втората работа е нашата подготвеност да ја примиме благодатта и благословот од Бога кој ни дејствува во душата. Значи, не да си заминеме со задоволство дека сме биле на служба, туку внатрешно да се обновиме.


Раѓањето на богослужбениот живот е обврска на духовниците. Тој живот се нуди како вкусна, калорична и како храна со полезни својства, од која секој човек може да се наслади и да стане жител на Царството небесно уште во овој свет. Откако секој еден ќе го распали пламенот во својата душа преку својата лична борба, својата молитва и желбата за средба со Бога, тогаш учествуваме во заедничкото богослужение, кога сите заедно се собираме во храмот и заедно ја носиме тежината на просењето на Божјата благодат.

Во книгата „Таму каде не се гледа Бог“ имав за цел да покажам или да го олеснам чувството на Божјото присуство во услови на болка, на смрт, кога ја доживуваме трагичноста на животот и кога човекот мисли дека Бог отстапил, Го нема. Ако, пак, би сакал да напишам книга за богослужението, насловот би бил „Таму каде се гледа Бог“. Како се гледа?

На крајот од Светата Литургија, псалтите пеат: видовме вистинска Светлина, Го примивме Духот небесен. Велиме, Христос, вистинската Светлина односно, тоа кое сме го виделе во светата Евхаристија е Христос и Бог.

Ако во Црква одиме формално, само за да го исполниме својот долг, нема да Го видиме Бог. На пример, бракот го нарекуваме голема тајна, но ако одам на свадба само за да видам како е облечена невестата и да се сликаме, а не да Го најдам Бога во таинството, тогаш несомнено ќе видам само социјални односи, осветлување, веселба, надворешен сјај и украси и ништо друго.


Ако одиме на Света Литургија за да видиме кој е добар свештеник и кои се добри псалти, ќе останеме на надворешните звуци исто како и на надворешните работи. Колку е убаво човекот да се тргне од видливото кон невидливото и таму да Го открие Бога.

Во една многу убава книга читав како отците во еден скит дури и за манастирската слава после светата богослужба прво пиеле кафе во тишина заради радоста од комуникацијата помеѓу себе и кажувале заедничка молитва, а веднаш потоа секој си одел во својата ќелија за да ја зачува богослужбената атмосфера. Разбирам дека ова е различно од работите кои нас нѐ опкружуваат, тука во светот. По богослужбата за нас е тешко да продолжиме да живееме по таинствениот начин во атмосфера на Светата Литургија.

    И покрај сето тоа, Господ снисходи и ја исполнува празнината преку нашиот обичен копнеж за комуникација. Односно, некој може да се подвизува во црква на Света Гора, да се моли и да Го чувствува Бог и Божјото присуство помалку отколку една мајка која има две деца, кои ја обеспокојуваат, вреват, но таа со големо трпение, благослов и благородност се обидува да придаде важност и чувство за Божјото присуство. Бог компензира, затоа што го гледа расположението на човекот. Тој го дава Својот благослов таму каде што недостасува. На Светата Литургија одиме за да го почувствуваме присуството на Бога и тоа е првото и помалото. Второто, кое е поголемо – одиме на Литургија за да имаме однос со Бога, не само да Го видиме, туку да бидеме во Него и Тој во нас. Да влеземе во Неговото царство, да Го сретнеме, да го отвориме срцето за Неговата благодат и да се соединеме со Него. Ова е толку убаво, толку важно, толку неопходно и толку силно. Затоа одиме на Литургија.

Толку ќе беше различно ако чувствуваме дека бракот е таинство, дека Божјата благодат слегува над тие двајца кои се доверуваат еден на друг, за да живеат заедно целиот свој живот, дека тие го примаат Божјиот благослов и силата да го одат тешкиот и угорен пат во животот. Ја примаат благодатта за да родат деца, а доколку ја немаат таа можност, Господ ќе им даде друга утеха, како што знае Тој, но најмногу ќе им го даде чувството на Своето сопствено присуство. Кога одиме на венчавка за да се помолиме и за да учествуваме во излевањето на Божјата благодат којашто го соединува парот, а не заради покажување пред другите луѓе, тогаш осознаваме како омекнува душата од дождот на благодатта Божја.

Уште еден пример. Кога одиме на Крштение, важно е да знаеме дека во тој момент целата Црква прима во своите редови една нова душа, Самиот Бог присуствува и тоа е многу големо. Јас би го нарекол вселенско собитие.

Кога човек пристапува на ваков начин кон богослужбите, тогаш ќе го почувствува Божјото присуство; сѐ во Црквата треба да биде трагање на Неговото присуство, а не исполнување на некаков па макар и возвишен долг. Ние велиме, добриот Христијанин оди во црква. Тоа е точно, но ние не сме добри Христијани. Одам во црква со единствен копнеж да Го примам Христос, Неговата благодат и благослов.

Но, само таму ли е присутен Бог, само на богослужбите ли Го среќаваме? Не, Бог е сеприсутен Бог. Тој е насекаде – во секој момент од животот ние треба да го чувствуваме Неговото присуство.

    Благословено и добро е човекот да го научи Псалтирот, не наизуст, но како израз на општење на душата со Бога. Помислете си на цар Давид, натоварен со толку грижи и тревоги, кој имал проблеми со своите деца, со своите непријатели, со самиот себе, и тој одделил време за да се потпре на Бога. За него Бог е реалност и не се прашува дали Тој постои или не, дали присуствува или не, туку како ќе се развие неговиот однос со Него, врската со Него.

Ова важи и денес, кога е потребно да отидеме понапред од проблемот за Божјото присуство, кон проблемот за нашето општење со Него. Како Бог, Кој постои, Кој присуствува, Кој се принесува, Кој е примен, како можам да општам со Него? Да станам наутро и да кажам: Ах, Боже мој, слава Тебе! – и тоа нешто да го исполни моето срце. Вечерта да се вратам изморен и да биде живо чувството дека сум општел со Него. А уште повеќе, да отидам в црква со очекување на светотаинствен начин да се исполни таа комуникација, тоа општење со Бога, во силна полнота. Тоа не изморува. Кога двајца вљубени се запознаваат и се засакуваат, не е голем напор едниот да мисли на другиот. Исто така, не е можно едниот да го заборави другиот. Таква е врската со Бога и затоа отците го користат зборот „ерос“, љубовна врска – за да ја изразат таа постојаност, интензивност и сила, која се развива во односот помеѓу човекот и Бога. Единствената наша цел, првото кон кое треба да стремиме денес, во 21-виот век, е општењето со Бога. Ништо друго.

✣✤✣

Извор:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/tamu-kade-se-gleda-bog-prv-del/