38.machenici1

ОСТАНЕТЕ ВО СЕГАШНОСТА ЗА ДА ЈА ПРОМЕНТИТЕ ВАШАТА ИДНИНА


Да се одбива да се живее животот што ни го дал Бог е грев. Бог нè „повикува“ а ние се криеме зад нашите соништа, желби и дарови. Да се потсетиме на параболата за талантите. Оние што одбиваат да ја живеат уникатноста на нивната личност, нивниот повик и дарбите што им ги дал Бог, строго биваат судени. Христос сака да живееме, а не да се криеме зад согласноста, идеологиите и стереотипите, зад болеста и нејзините симптоми. Се што не живее со Вистината се разболува. Христос ја прекорува смоквата за нејзината неплодност, односно отсуството на „желба“. «Каде е твојот плод? Јас те создадов дрво, ти ги дадов сите можности а ти не даваш плод. . . ». Те направив човек, те доведов од непостоење во постоење а ти не живееш, само преживуваш, влечејќи го својот труп, кој мириса на смрт. Најтрагично е што создаваме лажен рај за никогаш да не го видиме нашиот пекол. Остануваме во сопствениот пекол затоа што не се осмелуваме да погледнеме во рајот што се крие во вас.
„Не молете го Бога да ве направи здрави, туку да ве направи добри“, вели Свети Порфириј. И, јас во ова го разбрав следново: не барај да станеш здрав без претходно да слушнеш што сака да ти каже траумата, раната, твојата болест. Многу пати болеста е последниот обид на вашата душа да ви ја каже големата вистина што сакате но не можете да ја поднесете да ја слушнете. Телото зборува. Душата ја пишува историјата на нашите рани на нашето ранливо тело. Болеста ги навлекува на нашите тела оние работи што никогаш не сме сакале да ги видиме и извикува: «Погледни! Гледај! Пропаѓаш, смени се, преобрази се, покај се! Болеста го зборува јазикот на здравјето. Ниту една сенка не постои без светлина. Ниту една рана не доаѓа без подарок. Но, и ниту еден крст не останува без Воскресение.
Знам дека не сакаш да чувствуваш болка, никој не сака. Дали е ова возможно? Не. Овој живот има болка. Дури и Христос доживеа болка и страв. Пролеа пот и солзи. Но, тој не се предаде. Тој не бараше лесни одговори и решенија. Апостол Петар му предложи да не одат во Ерусалим за да не биде распнат на крст, но Христос му рече: „Тргни се од Мене, сатано!“ Зошто? Зашто, Христос остана верен и посветен на своето дело. Посветеноста на една цел, на една личност, ќе ни ги даде плодовите и убавината на животот. Ако се обидете да се скриете од проблемот, тој ќе ве прогонува цел живот, менувајќи го својот облик. Ако се обидете да го ставите “под прагот”, наскоро ќе се сопнете од него и ќе паднете. Колку и да чувствувате болка, не треба да бегате од проблемот што го имате пред вас. Затоа што животот постојано ќе го става пред вас. Каде и да одите, без разлика колку врски, работни места, куќи или градови да промените, тој ќе биде таму, врескајќи низ искушенијата, расправиите, конфликтите и болестите „Ах, пријателе, што ќе се случи, ќе ме победиш ли?“
Не бегајте од проблемот, не кријте го, не фрлајте го во валканата облека. Ќе смрди и наскоро ќе го најдете во многу полоша состојба отколку кога сте го оставиле. Останете во сегашноста за да ја промените својата иднина.


Автор: о. Харалампиј Пападопулос
Превод: С.Стефковски
Извор: sveticarboris.net