TViTer579

ТАЈНАТА НА СМРТТА

Извадоци од интервјуто на проф. д-р Павел Чирило, доктор во болницата Света Ирина во Букурешт, со митрополитот  Навпактски Јеротеј Влахос.

           TViTer576

П: Кажете ни нешто за смртта, нешто што ви паѓа на ум спонтано и што мислите дека е особено важно?


О: Она на што спонтано помислувам е дека смртта е страшна тајна, како што е опеана во богослужението на опелото, еден поетски текст создаден од свети Јован Дамаскин. Ова се должи на фактот дека душата е насилно откината од нејзиното хармонично единство со телото. Тоа е истовремено и  тажен настан бидејќи е поврзан со минливоста и распаѓањето на човекот, што се манифестира кај секоја твар.
            Освен тоа, ми доаѓа на ум богослужението во ноќта на Воскресението Христово, кое ние православните го прославуваме торжествено. Држејќи во рака запалени свеќи, со воскликна радост ја пееме победоносната химна: „Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите живот им подари“. Овој прекрасен момент го открива нашиот однос кон животот и смртта. Иако сме распадливи и смртни, ние поседуваме „лек за бесмртност“ - Воскреснатиот Христос. Користејќи современа терминологија, би можеле да кажеме дека преку воплотувањето на Синот Божји и соединувањето на човечкиот род во личноста на Бога Словото со божествената природа, се случува „духовно клонирање“, нашата смртна природа стапува во единство со божествениот живот. Затоа смртта го менува името и сега се нарекува „успение“ (заспивање), а местото каде што ги закопуваме мртвите наместо гробишта го нарекуваме „место каде што луѓето спијат“ (грчки koimitírio).
              Затоа, кога ги гледам луѓето како држат запалена свеќа во раката и пеат „Христос воскресна“ на Велигденската ноќ, јас многу јасно согледувам дека смртта мора да ја гледаме како процес на премин од „Земјата Египетска“ во „ Ветената земја“, како премин од смрт во живот што се остварува во Христа, како надеж за нашето воскресение, кое повторно се остварува во Христа. Би било многу радосно кога на овој начин би можеле да ја сретнеме смртта, со пасхална свеќа во рака, пеејќи ја „Христос воскресна“. На крајот на краиштата, ние сме „туѓинци и странци“ во овој живот; нашата вистинска татковина е на друго место. Отсекогаш сум бил импресиониран од зборовите на свети Николај Кавасила (14 век), кој вели дека за време на нашиот земен живот сме како фетус во мајчината утроба, која во моментот на смртта се раѓа и излегува од утробата. Затоа во православната црква ги празнуваме светителите на денот на нивното Успение или нивното мачеништво, а не на денот на нивното физичко раѓање.


          П: Од Светото Писмо знаеме дека постојат два вида страв: свет страв, кој е страв Господов и почеток на мудроста според псалмопеецот и страв вдахнат од демоните, кој е патолошки. Во која категорија спаѓа стравот од смртта?

TViTer575

О: Навистина постои страв Божји, кој е енергија на божествената благодат и почеток на спасението, т.е. човекот се “бои” од Бога и почнува да ги почитува Неговите заповеди. Постои и страв предизвикан од демоните, кој создава збунетост и тага. Покрај овие два вида на страв, постои уште еден, т.н психолошки страв кој е поврзан со нестабилноста и емоционалната несигурност на една личност.
           Стравот од смртта означува различно нешто за секој човек. За секуларните луѓе и за атеистите тоа е поврзано со преминот во „небитие“, т.е. овие луѓе веруваат дека го напуштаат единствениот свет што постои и дека преминуваат во празнината на непостоењето. Ова не е проблем за нас православните. За христијаните стравот од смртта е поврзан со одвојувањето од светот кој и е познат на душата, од роднините и пријателите и со влегувањето во свет кој сè уште не е познат. Христијаните не знаат каков ќе им биде животот таму, што ќе се случи на Божјиот суд што ги чека по смртта. Затоа е потребно да имаат надеж и да се подготват на правилен начин.
              Се разбира, оние христијани кои постигнале просветлување на умот и обожение и се соединиле со Христа, го победуваат стравот од смртта, за што сведочат житијата на апостолите, мачениците и воопшто на светителите на Црквата. Кога го читаме синаксарот, наидуваме на изрази како: „На денешен ден тој и тој светител да се усоврши во мир“ или „да се усоврши со меч“ и сл. Мора да нагласиме дека на грчки глаголот „teleioutai“ значи „да се подобри, да се постигне совршенство“ и се разликува од глаголот „teleionei“ што значи „да престане да постои“. Можеме да кажеме и дека животот на сетилата („vios”) престанува по смртта, додека животот („zoe” )се усовршува без престан.
Важно е дека со помош на духовниот живот што го водиме, мораме да го победиме стравот од смртта и да го сфатиме како пат кој води до нашата средба со Христос, Пресвета Богородица и светителите.

TViTer578
                    П: Каква е врската на душата со овој свет по смртта на човекот?


О: Иако душата е одвоена од телото, личноста на човекот продолжува да постои. Како што гледаме во параболата за богатиот и Лазар, богатиот е свесен за својата состојба, мисли на своите најблиски кои се уште се живи и се грижи за нив. И по смртта луѓето се грижат за своите најблиски и го молат Бога за нивно спасение. Сите наши молитви кон светителите се засноваат на оваа вистина. Се разбира, врската помеѓу душата и живите луѓе е духовна, а не материјална.
Во книгата Откровение на свети Јован, во која е опишана Божествената небесна литургија, може да се види поврзаноста на светителите со нас и нивната молитва за сите луѓе што живеат на земјата. Затоа светите отци ја изобразиле во Божествената Литургија оваа несоздадена Божествена Литургија, која се одвива во нетварниот небесен храм. Во Божествената Литургија ја доживуваме атмосферата на небесната Литургија и ја очекуваме.
                 Ние самите често ја чувствуваме љубовта и заштитата на светителите и нашите најблиски кои го напуштиле овој свет и сакаме да се сретнеме со нив. Една моја духовна ќерка беше многу радосна во часот на нејзината смрт, зашто, според нејзините зборови, ќе се сретне со небесната Црква.
              Следователно, душата продолжува да живее и по напуштањето на телото; таа не преминува во небитие. Ако во текот на својот живот човекот живеел во покајание, тогаш по напуштањето на телото неговата душа ќе се вознесе на оваа небесна Литургија и ќе се моли, како духовен отец, за целиот свет, чекајќи го воскресението на мртвите, кога душата ќе се соедини. со телото, за да може и тоа да учествува во тоа небесно пасхално торжество.

Автор: Навпактски митрополит Jеротеj Влахос
Извор: johnsanidopoulos.com / bogonosci.bg


За Преминпортал:Симеон Стефковски

Ноември 2022 лето Господово