TViTer593

СЛОБОДАТА ВО ХРИСТОС

И така ослободувајќи се од гревот, вие станавте робови на праведноста. (Рим. 6:18)
Современиот човек премногу се повикува на слободата, бидејќи насекаде во светот има добри причини за тоа: широко распространетите диктаторски режими, честото газење на човековите права, социјалното угнетување и неправдата, кои водат до отпор и жртви во име на слободата.
Св. Апостол Павле ни помага да пристапиме кон суштината на слободата со Христовиот ум.

TViTer595


Слобода во Христа


Како православието ја доживува слободата? Како живее човекот кој е верен на Христос? Бог го обдарил човекот со самоуправување — т.е. со право да управува со својот живот, што ја вклучува можноста за избор. Меѓутоа, нашата слобода не е апсолутна автономија, ниту неодговорност. Од самиот почеток, таа е придружена со едно божествено предупредување: „зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него (дрвото за познавање на доброто и на злото ), ќе умреш.“ (Битие 2:17). Човекот не се создал самиот себеси, затоа не е способен целосно да се самоопредели, ниту е самодоволен за да може да живее благодарение на себе. Нашиот живот е дар од Бога. Ние постоиме и живееме по благодат - физички, но најмногу духовно. Како резултат на оваа слобода, сепак, човекот може да избере заедништво со Бог (што е вистински живот) или да го отфрли ова заедништво, претпочитајќи да се одвои од Него, што резултира со негова „смрт“. Изборот на човекот да остане во заедница со Бога претпоставува внатрешна слобода, како што нè учи апостол Павле. Нашата „зависност“ од Бога, изворот на нашиот живот, е вистинската состојба на слобода - колку и да му изгледа контрадикторно ова на човекот - зашто само кога е во заедница со Бога може да биде вистинска личност. Кога е во заедница со Бога, човекот ја постигнува својата комплетност и нефрагментација; повторно добива целост и се спасува во своето единство. Изолиран од Бога, тој останува фрагментиран, и внатрешно и надворешно, исполнет со внатрешни и надворешни конфликти, противречности, раскинувања и судири.



Ропството што ослободува

За да може човекот да се ослободи од гревот, вели апостол Павле, тој мора да стане слуга Божји . Тој го постигнува тоа кога станува роб на праведноста — на Божјата волја. Карактеристична е паралелата што ја употребува апостолот: со ист интензитет, со исто „посветување“, со истата страст со која човекот станува роб на гревот, тој мора да стане роб на Бога и на Неговата волја.
Колку само примамлив ни изгледа гревот — доволно примамлив за да нѐ стави под негово влијание! Колку само жртви правиме за него! Колку само понижувања и навреди ја придружуваат нашата послушност кон нашите страсти! Доволно е да си спомнеме за некој наркоман или алкохоличар...
Св. Василиј Велики една од своите најважни проповеди ја посвети на вториот пример, во кој покажува до кој степен на деградација може да доведе страста на пијанството.
Затоа, ако послушноста кон гревот може да ни наштети и да доведе до смрт, постои уште еден вид послушност што може да нè ослободи - тоа е „послушноста“ кон добродетелта. Овој премин кон „подобри нешта“ христијанинот го постигнува преку благодатта на Светиот Дух; она што порано го правеше за светот, сега го прави за Христа. Сега тој го сака Бога исто како што порано го сакаше светот и сопствените гревови. Зарем самиот Павле не го направи истото? Првично подложен на еврејскиот национализам, тој беше негов водач, но на крајот стана „Божји слуга и апостол на Исус Христос“, како што подоцна напиша со искрена гордост во своите посланија.
Тој говори од својот личен опит и затоа неговото сведоштво има толкава моќ. Почитувањето на божествените заповеди е вистинска слобода, бидејќи  ослободува од страстите, го очистува човекот и му помага да се соедини со Бога. Овде би можеле да исползуваме еден пример: кога ќе ја ставиме сијалицата во нејзината фасонка, до неа стигнува струја и таа се пали, но кога ќе ја извадиме, таа се гаси бидејќи ниту може да прими ниту да емитува светлина. Така е и со човекот: ако ја нема во себе Божествената светлина, тој не е во состојба да стане „светлина на светот“ и да зрачи со Христовата светлина околу себе.



Погрешната претстава за слободата

Трагедијата на човекот обично се состои во погрешно толкување на слободата. Замислува дека слободата значи да се биде роб на гревовите и да се живее со своите страсти, а ова негово заробеништво го доживува како „самостојност“. На пример, кога некој ќе изјави: „Мое право е да се дрогирам и да правам со себе што сакам“, тој всушност сведочи за своето ропство. Се разбира, за ова има објаснување: лесно е да се направи грев поради моменталната слабост на нашата природа, кога во исто време добродетелта бара борба и труд, бидејќи прво треба да се бориме против „желбите на плотта“.
Но, има нешто уште потрагично, имено, да се верува (а тоа обично се гледа кај помладите луѓе кои се импулсивни) дека е можно плодовите на слободата да произлезат од ропството на гревот и страстите.
И навистина, колкумина од нас искрено сакале да се борат за социјална правда, мир, слобода итн. — додека внатре биле сè само не слободни, затоа што биле робови на своите страсти и слабости? Тоа го потврдуваат зборовите на апостол Павле: „ Им ветуваат слобода кога тие са¬ми¬те се робови на развратот “ (2. Пет. 2:19).
Затоа, не е претерување кога православието изјавува дека само светиите можат непроменливо да водат борба - било да е тоа духовна или социјална - како и оние кои се стремат да бидат блиски со нив; зашто светиите се научија да се покоруваат на Божјата волја и зајакнати со Неговата животворна благодат, тие секогаш  го избираат патот кон слободата во Христос.

TViTer596
Автор: прот. Георгиос Металинос

Извор: „Апостолски пораки“/ богоносци.бг


За Преминпортал: Симеон Стефковски

Ноември 2022 лето Господово