САКАМ ДА ЉУБАМ

Автор: отец Јасен Шинев


Парохиски свештеник во Старинскиот храм „Успение на Пресвета Богородица“ (Мала Богородица) и храмот „Св. Атанасиј“, град Варна

Hristos.pregrnuva1

             Кога сум на дното на пеколот, таму некаде, во калта на мојот ад, навлегувам во себе, се собирам, прободен од свирепа болка и... почнувам да љубам.

Во лелек и молитва почнувам да љубам. Потопен во горчлива тага, заплачувам, барам помош одозгора и го разгорувам огнот во моето срце. Така повторно се исправам и бавно, постепено тргнувам нагоре. Тоа ме спасува! Тешко ми е ако не љубам! Зашто ќе останам долу – во празнина и сива безнадежност, предаден на својата немоќ. Тешко ми е ако не ја исфрлам болката и со трепет не се свртам кон Неговата светлина! Така ги прогонувам сите демони и облаците од моето небо. Со поривот на љубовта го разбирам печатот на смртта и се возобновувам во пламенот на љубовта. Како брод што тоне и го исфрла вишокот товар, за да се издигне и повторно бавно да тргне напред по својот пат.

Тоа е мојот лек, со кој ги лечам раните на својата повредена душа. Боли, боли, боли – но јас простувам и љубам. Го кинам и отфрлам сето болно и заразено од моето треперливо срце, го прочистувам својот поглед и се исправам на нозе. Тоа е мојата скала кон небото, по која се издигнувам меѓу урнатините за да стигнам до подножјето на врвот. Секогаш кога го правам тоа, пред мене се јавува откровението на блажениот Августин: “Сите добродетели не се ништо друго, освен љубов во сите нејзини облици.“

           И знам дека Светиот Дух го вдахновил тоа, за да го прими и пренесе на нас грешните, потопени во шаренилото на својата суета. Да ги прекинеме бескрајните игри на сопственото „јас“ и распалените копнежи на телото, и да го признаеме со воздишка. Зарем не е така? Трпението е љубов, смирението е љубов, силата да издржиш и да не возвратиш на навредата – тоа е љубов. Сè е љубов, и љубовта е сè! Таа е насекаде и сè исполнува, зашто е синоним за Бога! Вдахновена и извирачка, надчовечка и длабоко човечка, продира и проникнува во сè околу и во нас.

Божјите луѓе ја зрачат во сè што е нивно. Оние што творат се движат од нејзината непобедлива сила. Зашто оној што не љуби – не може да твори. Оној што не го отвора своето срце и не го распалува со нејзиниот небесен оган, е осуден да остане долу, затворен во својата самодоволност. Тој е како птица во кафез, што се удира во ѕидовите на своето ограничено его и во согорените остатоци на страстите. Себеотфрлен… без благодат и без вдахновение, далеку од тивкиот брег на верата и надежта. Отфрлен, потемнет, заборавен од нејзината животворна топлина. Љубовта нè води кон победата. Таа е победата – над самите нас, над ближните и над оковите на светот!

              Господи, колку и да сум грешен и окајан, не ме лишувај од Твојот најубав дар – љубовта. Ти си вечен и моќен, благ во силата и силен во благоста, а јас сум слаб и подол, што талка во својот сеновит свет. Протегни ја Раката Своја одозгора и зграпчи ме, изведи ме од мракот на мојот внатрешен ад. Нареди на Твоите ангели да ме подигнат на своите крилја и да ме положат на патот на Твојата животворна светлина. Помогни ми да ги исушам своите мочуришта и да ги претворам во градини со цветови. Да го изгонам смрдежот со чистите струи на Твојата благодат и да ја исчистам совеста со живата вода што извира од Тебе – првобитниот извор на животот. Не ме оставај ниту за миг како плен на мојата слабост и на бесовските ветришта што сакаат да ме одвратат и погубат по патиштата на своето ништавило.

                   Биди над мене, пред мене, до мене! А најважното – пребивај во мене, и јас во Тебе! Направи ме Твој, насекаде и во сè, за да го заслужам чудото на животот и привилегијата да бидам дел од Твоето Тело и Крв. Дај ми сили да верувам, да простувам и да Те раздавам на сите. Дај ми да го љубам дерзновението Дај ми сили да се надминам себеси и никогаш да не престанам да љубам! Зашто – сакам да љубам!

 

За Преминпортал подготвил Симеон Стефковски

Октомври 2025 лето Господово