ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ
ГЛАВА ШЕСТА
За искоренување на желбата за удобност
Речено е дека само мал број луѓе го наоѓаат тесниот пат што води кон вечниот живот и дека е потребен голем труд за да се мине низ таа тесна врата. „Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакат да влезат и не ќе можат.“ (Лк. 13:24).
Објаснувањето за тоа се наоѓа токму во нашата неподготвеност да се осудиме самите себе. Можеби успеваме на некој начин да ги победиме нашите големи и очигледни гревови и страсти, но таму застануваме. На малите желби им дозволуваме слободно да никнуваат како што сакаат. Ние не сме измамници ни крадци, но сакаме да озборуваме; не сме пијаници, но затоа пиеме кафе и чај и пушиме кога ќе ни се посака. И нашето срце е еднакво полно со сопствени желби: коренот не е искоренет, и ние талкаме наоколу заплеткани во коровот што израснал од почвата на нашето самосожалување.
Усмери се против таа своја склоност кон самосожалување, зашто таа е корен на секое зло што те напаѓа. Да не беше толку полн со самосожалување, брзо би увидел дека ние самите сме виновни за злото што нè снаоѓа, бидејќи одбиваме да сфатиме дека тоа, во суштина, е за наше добро. Со сожалување кон себе си го затемнуваш видот. Сочувство чувствуваш само кон себе, и како резултат на тоа — видиците ти се затвораат. Твојата љубов е затворена во тебе самиот. Ослободи ја, и злото ќе си замине од тебе.
Потиснувај ги своите погубни слабости и желбата за удобности — напаѓај ги од сите страни! Згази ја својата сладост за уживање, не ѝ давај ни простор да дише. Биди строг кон себеси; не дозволувај на телото да попушти пред поткупот што постојано го бара. Зашто секоја страст се зајакнува ако се повторува, но умира ако не се храни.
Но пази да не се случи, заборавајќи ги предните врати на злото, во исто време да ги отвораш задните, низ кои тоа може вешто да се протне повторно — само во друг облик.
Каква полза имаш ако, на пример, одлучиш да спиеш на тврд душек, а потоа се излежуваш во топла бања? Или ако се трудиш да го оставиш пушењето, а му дозволуваш на јазикот да озборува? Или ако успееш да го воздржиш јазикот, а продолжиш да читаш возбудливи романи? Или можеби ќе ги оставиш романите, но ќе се препуштиш на фантазии и „сефдах“?
Сето тоа се различни облици на едно и исто нешто — твојата ненаситна желба за задоволување на сопствената потреба за удобност.
Мораш да почнеш со искоренување на таа желба да бидеш опкружен со пријатни нешта, да ти биде удобно, да бидеш задоволен. Мораш да научиш да љубиш и да трпиш тага, болка, сиромаштија и тежок живот. Мораш да научиш во тишина да ги следиш заповедите Господови: да не изговараш празни зборови, да не се разубавуваш и украсуваш, да бидеш послушен на претпоставениот, да не гледаш со желба во срцето кон жените, да не се гневиш — и уште многу други.
Зашто сите тие заповеди не ни се дадени за да се однесуваме како да не постојат, туку за да ги исполнуваме. Да беше поинаку, милостивиот Господ не би нè обременил со нив. „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи“ (Мат. 16:24), вели Господ, препуштајќи ни нам, на нашата волја и на нашето сопствено расудување — да се одречеме од себе.
За Преминпортал подготвил Симеон Стефковски