ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ
ГЛАВА ДВАНАЕСЕТТА

За послушноста
Послушноста е уште едно неопходно оружје во борбата против нашата себична волја.
Преку послушноста ги отсекуваме телесните членови за полесно да дејствуваме преку духовните, вели свети Јован Лествичник.
Послушноста е, всушност, смрт на волјата, но од таква смрт изникнува смирението.
Запомни: со својата слободна волја си се предал себеси во ропство — и нека крстот што го носиш околу вратот те потсетува на тоа.
Преку ропството одиш кон вистинската слобода.
Има ли роб своја волја? Нема. Тој мора да се научи на послушност.
Можеби ќе се запрашаш: Послушност кон кого?
Светите Отци одговараат: „Слушајте ги вашите старешини и покорувајте им се“ (Евр. 13:17).
Ако тогаш се запрашаш: Кои се моите старешини? Каде да ги најдам денес, кога е тешко да се наиде на вистински духовен водач?
Светата Црква и тоа го предвидела.
Затоа ни го дарила учителот кој ги надминува сите други учители и кој може да нè допре каде и да се наоѓаме, во какви и да живееме услови.
Дали живееме во село или во град, во брак или во девственост, во сиромаштво или изобилство — овој учител секогаш е со нас.
А ние секогаш имаме можност да ја покажеме својата послушност кон него.
Сакаш ли да знаеш кој е тој?
Името му е — пост.
На Бога не Му е потребен нашиот пост.
Нему не Му се потребни ни нашите молитви.
Зашто не може за Совршениот да се мисли како за некој кому нешто недостасува, а ние, созданијата Негови, да можеме нешто да Му надополниме.
Но, како што вели свети Јован Златоуст, Бог — заради нашето спасение — ни дозволува да Му принесуваме жртви.
А најголемата жртва што можеме да Му ја принесеме на Господа — сме ние самите.
Тоа не можеме да го направиме ако претходно не се одречеме од сопствената волја.
Тоа се постигнува со послушност, а послушноста се стекнува со вежбање.
Најдобриот начин за тоа го одредила самата Света Црква — преку постните денови и долгите периоди на пост.
Но, покрај постот, има и други прилики во кои можеме да се вежбаме во послушност.
Се среќаваме со нив секојдневно — потребно е само да ги препознаеме.
Ете, сопругата ти вели да ја понесеш јакната — направи ѝ по волја, послушај ја.
Колегата од работа те моли да одите заедно по неговиот пат — појди, вежбај се во послушност.
Малото дете бара од тебе внимание и друштво — колку можеш, удоволи му на желбите, и тоа е послушност.
Ни искушеникот во манастир нема толку можности за послушност колку што ги имаш ти — во домот свој, на работата, во односите со ближните.
Послушноста руши многу пречки.
Додека срцето се вежба во непружање отпор, човекот постигнува внатрешна слобода и мир.
Кога ќе покажеш послушност, бодливиот грм свиткува гранки пред тебе; тогаш љубовта добива отворен простор во кој може слободно да се движи.
Со послушност го кршиш својот горд дух, желбата за противење, мудроста на овој свет, тврдоглавоста — сè она што те држи заробен во цврста обвивка.
А додека пребиваш во таа обвивка, не можеш да Го сретнеш Бога на љубовта и слободата.
Затоа, научи да се радуваш кога ќе ти се укаже прилика да покажеш послушност.
Не треба намерно да ја бараш — така можеш да западнеш во лажно смирение што води кон измамна самоправедност.
Биди уверен дека ќе ти се дадат токму толку прилики за послушност колку што ти се потребни — и токму оние што се најдобри за твојата душа.
Ако, пак, забележиш дека си пропуштил некоја од тие прилики, осуди се себеси — како морнар што не го искористил добриот ветер за да стигне во своето пристаниште.
Ветерот не се грижи дали морнарот го искористил или не,
но за морнарот — тој ветер е неопходен за да го достигне своето пристаниште .
Така треба да размислуваш и за послушноста,
како и за сите други средства што Светата Троица ти ги подарила.
Тит Колиандер
Подготвил С.Стефковски
06.11.2025

За Преминпортал подготвил С.Стефковски
04.11.2025 лето Господово
