SimeonStefkovski.kp1


Меѓу светот и душата


         Кога човек ќе се „оддели“ од оваа нова, забрзана и вревава реалност, кога неговото внимание ќе се насочи кон работи што не се од овој свет, полека почнува да го губи компасот на секојдневните интереси, желби и потреби на луѓето. Но бидејќи сè уште сум присутен на социјалните мрежи, не можам да не го почувствувам разочарувањето – дека токму највулгарните и најповршните гласови ја обликуваат свеста на народот.
Гледам како милионски прегледи добиваат подкасти што промовираат ниски страсти, музика што ја слави безвредноста и зборови што ја убиваат мислата. Гледам и како наслови од типот „што треба или не треба да се прави за овој празник“ сè уште собираат илјадници коментари – како да верата може да се сведе на списoк со дозволено и забрането. Зарем некој навистина уште верува во тоа?
         За вкусовите не се дебатира, велиме. Но кога исчезнуваат моралот, речникот, почитта и етиката – тогаш не зборуваме веќе за вкус, туку за пад. И тогаш сфаќаме дека дното не е место, туку состојба на духот.
Додека светлината на духот сè повеќе се гуши под чадот на евтината слава, човекот сè потешко ја разликува вистинската вредност од сенката што ѝ личи на неа.
            Светот денес нè учи да бидеме дрски, безобразни, непослушни – а во суштина отсутни од сопствениот живот. Забораваме дека вистинскиот живот бара труд, тивка посветеност и култура на срцето. Лесно е да се напише, но тешко е да се живее. А сепак – не е невозможно.
Можеби мораме малку да паднеме, за повторно да го најдеме патот нагоре. Можеби токму преку болката и разочарувањето ќе се роди потребата да се вратиме на едноставното, чистото, човечкото. И можеби тогаш ќе разбереме дека вистинската реалност не е оваа што ја гледаме на екранот – туку онаа тивка светлина што сè уште чека во нас да ја препознаеме.

 

fb Simeon Stefkovski