Љубовта ослободува, егото заробува

Љубовта не повредува. Она што повредува е стравот, несигурноста и потребата да победиме, наместо да разбереме; да бидеме во право, наместо да ја задржиме раката на другиот.
Љубовта е како водата – не се бори за обликот, туку секогаш го наоѓа својот пат. Егото, пак, гради брани, а потоа се жали што ништо повеќе не тече.
Љубовта цвета кога две души ќе ги остават своите оклопи настрана. Но егото секојдневно ги полира, затоа што повеќе се плаши да не биде поразено, отколку да го изгуби она што тврди дека го сака.
Во вистинската љубов нема штетни последици. Постојат само последици од нејзиното отсуство. Кога егото зборува погласно од срцето, „те сакам“ се претвора во расправии, прегратките во оддалеченост, прифаќањето во барања, а разбирањето во отфрлање.
Љубовта не бара престоли, углед или признание. Доволно ѝ е место покрај тебе. Егото, напротив, секогаш сака да стои повисоко и на крај останува само – крал на едно празно царство.
Љубовта нема штетни последици.
Таа има само исцелителна сила.
Егото е тоа што создава рани, во името на бесмислената гордост.
Кога љубиш, подготвен си повеќе да изгубиш отколку да го победиш другиот, затоа што не сакаш да се изгуби „ние“.
Во љубовта многу често не е најважно кој е во право. Поважно е заедништвото, простувањето, мирот и единството.
Понекогаш најсветиот избор не е тврдоглаво да останеш на својата вистина, туку да направиш место за срцето на другиот.
Зашто односите не опстојуваат кога победува егото, туку кога, одново и одново, се избира љубовта.
Љубовта никогаш не се наметнува. Не бара, не создава страв ниту тензии. Не се обидува да го контролира другиот, туку му помага да процвета.
Егото секогаш сака да го каже последниот збор.
Љубовта, пак, секогаш го бара начинот никогаш да не дојде последниот збор во една врска.
Љубовта ослободува – не заробува.
Љубовта му дава смисла на животот – не го осакатува.Љубовта инспирира – не потиснува.
Архимандрит Павел Пападопулос / Подготви С.Стефковски
04.08.2026