најдена во духовното богатство на светите отци

Ги скрив во срцето свое заповедите Твои (Псал. 118,11)

Умот треба да се труди со сите сили да се воздигнува горе (Катафигиот, гл. 19)
Секој човек има свои лични својства, наклоности и способности. Заради тоа една иста цел се постигнува преку различни патишта и на различни начини. Истото важи и за стекнување на внатрешното молитвено дејствување: тоа се стекнува преку разни патишта, за што ни сведочат забелешките на светите отци.

Едни од тие начини се општи, како за успех во молитвата, така и за напредок во христијанскиот живот. Во нив, според зборовите на свети Симеон Нов Богослов, припаѓа: безусловно послушание; потоа, добродетелен и подвижнички труд, како што пее Црквата во своите песни: "Се држеше до дејствувањето, боговдахновен, издигнувајќи се до согледување" (тропар на свештеномаченикот); надворешно молење за внатрешна молитва: Господи, научи не да се молиме (Лука 11, 1); и на крај, особено благодатно дејство, според примерот на преподобниот Максим Капсокаливит, кој, додека ја целивал иконата на Богомајката, по двегодишно упорно барање на молитвата, одненадеж почувствувал сладост и топлина која го засегнала неговото срце (или, како младиот Георгиј кој, и при проста молитва одненадеж здогледал внатрешна светлина и стекнал непрестајна самодејствена молитва).
Постојат, меѓутоа, и други суштински начини за стекнување внатрешна молитва, што непосредно се однесуваат на неа. Кај светите отци наоѓаме три такви начини:

1. Зачестеност на повикувањето на името на Исуса Христа;
2. Внимателност при повикувањето;
З. Влегување внатре во себе, или, како што велат отците на Црквата, симнување на умот во срцето.

Бидејќи токму овие средства на најбрз и најудобен начин, во нас го откриваат Царството Божјо и во нашето срце ја откриваат ризницата на внатрешната духовна молитва, многу е прикладно да ги наречеме клучеви за отворање на скриениот ковчег.

ПРВ КЛУЧ
Ако количеството води кон квалитет, тогаш и честото, скоро непрестајно повикување на името на Исуса Христа, макар во почетокот и расеано, ќе доведе до внимателност и до срдечна топлина. Тоа е така затоа што човечката природа е способна да присвојува извесни расположенија со посредство на честа употреба и навика. Еден духовен писател вели дека треба често да го правиме она што сакаме да го правиме добро. И свети Исихиј вели дека честото повторување раѓа навика и станува втора природа (гл. 7). Применето на внатрешната молитва, како што се гледа од забележувањата на искусните луѓе, тоа станува на следниов начин: кој сака да стекне внатрешна молитва донесува одлука често, скоро непрестајно да го повикува името Божјо, т.е. со уста да ја изговара Исусовата молитва - Господе Исусе Христе, Сине Божји, помилувај ме грешниот, или скратено - Господе Исусе Христе, помилувај ме. Така учи преподобниот Григориј Синаит. Тој додава дека скратениот вид е попогоден за почетници, не одрекувајќи ја ни онаа другата. Тој само советува, зборовите на молитвата да не се менуваат често, за човекот полесно да се навикне на повикување. За уште повеќе да се поттикне на непрестајно молитвословие, оној што се учи на молитва си одредува себеси правило во извесен временски период да Ја изговори одреден број пати, т.е. во текот на денот и ноќта без брзање, движејќи ги устата и јазикот, да изговори неколку стотици или илјада молитви на бројаниците. По извесно време, устата и јазикот на оној што ја кажува молитвата стекнуваат навика и, така да се каже, самоподвижност, и тоа во толкава мера што без посебен напор ќе се движат сами од себе, изговарајќи Го името Божјо, дури и без глас. Во продолжение умот ќе почне да го следи ова движење на јазикот, ослободувајќи се постепено од расеаноста и станувајќи внимателен на молитвата. На крајот може да дојде и до симнување на умот во срцето, како што велат отците. Враќајќи се во срцето, умот го загрева со топлина на божествената љубов. Тогаш веќе самото срце, слободно, без притисок, и со неискажлива сладост ќе почне да го пови-кува името на Исуса Христа и со умиление да се излева пред Бога непрекинато, согласно со зборовите: Спијам, но срцето мое е будно (Песна 5, 2). За плодотворноста на честото умно повикување на името на Исуса Христа прекрасно вели свети Исихиј: "Земјата станува помека доколку на неа почесто паѓа дожд. Така и земјата на нашето срце, порадосна и повесела ја прави името Христово, доколку почесто го повикуваме".

Наведениов начин е заснован на искуството и забележувањата на светите отци. Тој е доволен како погодно средство за стекнување на саканата цел, т.е. внатрешна молитва. Сепак, постои и повозвишен начин: внимание и воведување на умот во срцето. Првиот начин првенствено им одговара на оние кои се уште не се навикнале на внимание и кои не умеат да се трудат над своето срце. Тој може да биде вовед и подготовка за следните начини. Впрочем, според зборовите на монахот Никифор, секој треба да го избере она што одговара на неговите особини и способности.

ВТОР КЛУЧ
Вниманието е чување на умот, како што вели монахот Никифор. Вниманието е собирање на умот во самиот себе и вдлабочување на умот во некој предмет, со занемарување на сите други мисли и претстави. Колку тоа е важно за оние кои се занимаваат со молитвен подвиг, сведочат преподобниот Калист и Игнатиј, наведувајќи ги зборовите на преподобниот Нил: "Вниманието сигурно ќе ја најде молитвата, доколку ја бара. Тоа е така бидејќи молитвата се дарува на вниманието повеќе отколку на што било друго. Затоа и треба да се трудиме над неа". (Добротољубие, втор дел, гл. 24). Нешто слично вели и свети Исихиј: "Доколку повеќе внимаваш на мислите, дотолку желбата за Исусовата молитва кај тебе ќе биде поголема" (гл. 90). И уште: "Благодарејќи на целосното внимание, воздухот на срцето се исполнува со радост и тишина" (гл. 90). Вниманието е "неопходно за молитвата колку што е свеќата за свеќникот" (гл. 102). Изложувајќи го учењето за внатрешната молитва, и монахот Никифор нагласува: "Доколку не биде лесно да се влезе во срцето врз основа на образецот кој е посочен, треба да се употреби внимание за време на молитвата и тоа, без никаков сомнеж, ќе ја отвори вратата на срцето и ќе ја разгори внатрешната молитва. Тоа е утврдено врз основа на искуство". И Светото Писмо ја потвр-дува вистината дека без внимание човекот не може да се соедини со Бога, и вели: Направете и познајте дека сум јас Бог.

И така, оној што сака со посредство на вниманието да постигне внатрешна молитва, треба, доколку е можно, да се придржува на самотија; да ги одбегнува разговорите со луѓето; полека да ја извршува молитвата, постепено и со извесни растојанија да го вдлабочува умот во зборовите на молитвата, слично на постапката при внимателно читање на книга; според можностите да ги изгонува мислите и целото свое внимание да го собере на Исуса, Кого Го повикува, и на Неговата милост, која ја бара; завршувајќи една молитва малку да молчи, како во очекување на Божји одговор; да се труди да го зачува вниманието во момент на расеаност; постојано да се потсетува дека заради Господа одлучил непрестајно да живее во внимателна молитва, чистејќи го умот од мисли.

ТРЕТ КЛУЧ
Третиот клуч е влегување во себе или во срцето. Не потпирајќи се овде на свои размислувања, ќе го изложиме сфаќањето и учењето на светите отци за самовдлабочувањето и влегувањето во срцето, согласно со нивното искуство како верни патеводители кон вистинската духовна внатрешна молитва. Светоотечките поуки околу ова прашање ќе ги изложиме со нивните сопствени зборови, поделувајќи ги заради прегледност на следниве три групи:

Во првата група спаѓаат отците кои ни оставиле целосни поуки за Исусовата молитва: 1) (преподобниот) Симеон Нов Богослов, 2) (преподобниот) Григориј Синаит, 3) монахот Никифор, 4) монасите Калист и Игнатиј Ксантопули.

Втората група ја сочинуваат отците кои оставиле куси изреки за внатрешната молитва: 1) (преподобниот) Исихиј, презвитер ерусалимски, 2) (преподобниот) Филотеј Синајски, 3) (свети) митрополит Теолипт, 4) (преподобниот) Варсануфиј и Јован.
На трето место ќе ја ставиме многу душекорисната историја за ава Филимон. Тој не потсетува на целиот пат на подвижништвото.


„Раскази на еден поклоник“-

Издавач:ЃаконијА

razkazi.korica.jpg