dvor.svnikola.jpgН. Е. Пестов


„И сè, што и да побарате во молитвата со вера, ќе добиете“ (Матеј 21:22).

Со каква молитва да се молиме? На ова прашање одговара самата душа на христијанинот. Во православната црква има множество прекрасни, боговдахновени молитви напишани од светите отци, носители на Светиот Дух. Од такви молитви се составени и утринските и вечерните правила коишто Црквата ги препорачува за домашно читање.

Во случаи кога христијанинот ги дополнува вообичаените правила со други молитви или дополнително составува свои правила, треба да се раководи со следниот редослед на молитви, којшто го препорачува св. Василиј Велики и преп. Јован Лествичник.
Во почетокот, треба да се принесуваат молитви на славословие и на благодарење, потоа молитви за покајание и дури на крајот да се кажат молитви со лични прозби. Можеме ли да се молиме со свои лични молитви? На ова прашање одговара св. Теофан Затворник: „Добро е да се молиме со свои молитви, тие најлесно можат да излезат од срцето“.

Како што смета архиепископот Јован: „Молитвата по книга (молитвеник) покажува колку сме оддалечени од Бога. Молитвата без книга, со свои зборови, е образ на блискоста на човекот со Отецот.“

Слободните молитви повеќе ì одговараат на христијанската душа – на нивниот автор.Но, тие нема да ги задоволат другите. И затоа може и треба да се молиме со свои молитви, но сами. Старецот Алексеј Мечев препорачувал лична молитва, сопствена беседа и обраќање кон Бога како надежно и спасително средство за зацврстување во верата во Божјата промисла.  

За ова пишува и о. Јован С. „Добро е понекогаш на молитва да се кажат и неколку свои зборови, кои дишат со вера и со љубов кон Господа. Да, не може сè да се беседува со Бога со туѓи зборови, туку треба да се покаже и својот ум – да се изнесе од срцето и свое благо слово; на туѓите зборови се привикнуваме и заладуваме во срцето. 

И така, на Господа Му е пријатен тој наш сопствен детски говор, кој излегува директно од срцето коешто верува, љуби и благодари – но тоа не може да се прераскаже: треба само да се каже дека душата при своите зборови упатени кон Бога трепери од радост, се разгорува, оживува, блаженствува.

Неколку збора ќе кажеш, а ќе вкусиш толку блаженства, колку што не можеш да добиеш ни од најдолгите и најтрогателните туѓи молитви, коишто ги искажуваш механички и по навика.

Освен тоа, во црковните молитви (односно, во молитвеникот) често не се спомнуваат оние гревови со кои ние се врзавме себеси: треба задолжително самите да ги наброиме таквите гревови во молитвата, со јасна свест за нивната важност, со чувство на смиреност и со покајано срце.“ 
Ќе го наведеме и мнението на еден духовен раководиел кој напишал: „Кој сака да се моли со научени молитви, а не гледа дека, исправајќи ги и уточнувајќи ги, ги прави неплодни, ја задушува во себе срдечната молитва“ (споредете Матеј 6:7-8).

Ги оддалечија децата од најнежниот Отец, принудувајќи ги да зборуваат со Него премногу красноречиво. Сироти деца. Одете смело кон Небесниот Отец, зборувајте со него на природен, срдечен јазик, колку и да е тој груб и неук, зашто таквиот јазик не Му е противен на Отецот.

Од ова ќе станат јасни зборовите на една праведничка: „Јас имам мала полза од читањето молитви од книги. Мојата душа не наоѓа храна и ослабнува. Затоа се молам сама, како што знаам и умеам“. Своите молитви треба да ги произнесуваме со детска простота и природно. Преп. Исак Сириски напишал: „Кога ќе застанеш пред Бога на молитва, помисли си во своите мисли дека си како мравка, како инсект што лази по земјата, или како мало дете што пелтечи. Не кажувај Му го на Бога она што е од знаење, туку приближи се до Него преку мисли на младенец.“  

Колку и да се сметаме за мудри, нашите зборови пред Бога ќе бидат само детско пелтечење. Но, тие и не се важни. Важно е нашите зборови да излегуваат од самото срце. За значењето на највисоката простота во молитвата се говори во следниот расказ на еден епископ:
„Кога бев дете, мајка ми често ме праќаше да им давам леб на питачите што доаѓаа кај нас. Еднаш една питачка, земајќи го парчето леб, ме праша:
– Се молиш ли, малечок?
– Да, се разбира, се молам со мајка ми.
– Сакаш ли да те научам да се молиш? Ќе ми бидеш благодарен целиот свој живот. Така, кога се молиш, разговарај со Спасителот како што разговараш со својата мајка, којашто силно ја сакаш. Кажи Му ги сите свои жалости и радости, како што ì ги кажуваш на мајка ти, и Христос постепено ќе ти стане Пријател за целиот твој живот. Мајка ти ќе отиде во гроб, а Спасителот ќе остане со тебе. Со Него ќе бидеш среќен и во земниот и во идниот живот.

Јас подоцна без прекин го изучував богословието – раскажува учениот епископ – но подобар образец и начин на молитва од оној што ми го кажа сиромашната жена, не сум сретнал.“
Тука е умесно да се спомене и извадокот од една арапска легенда:

„Еднаш пророкот Мојсеј сретнал во пустина овчар кој срдечно му се молел на Бога говорејќи: „О, Господи, Боже мој, како да дознаам каде да Те најдам, и да станам Твој слуга? Колку би сакал да Ти ги облекувам сандалите, да Ти ги расчешлувам косите, да Ти ги перам алиштата, да Ти ги целувам нозете Твои, да го чистам живеалиштето Твое, да Ти давам млеко од стадото мое; колку Те сака срцето мое!“ Пророкот се разгневил на таквите зборови и му рекол на овчарот: „Што зборуваш, безумнику?! Ти богохулиш: бестелесен е Севишниот Бог; Нему не Му се нужни ни алишта, ни живеалиште, ни услуги.“

Се помрачило срцето на овчарот, зашто не можел да си го претстави образот на бестелесната форма ниту бестелесните потреби; се препуштил на очај и престанал да Му се моли на Бога.

Но Бог му рекол на Мојсеј: „Зошто го одврати од Мене слугата Мој? Секој човек го примил од Мене образот свој, и хармонијата на јазикот свој. Што е за тебе зло, за друг е добро; што е за тебе отров, за друг е мед сладок. Зборовите не значат ништо. Јас гледам на срцето човечко.“   

Пермска Епархија (Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

подготви: д-р Драган Михајловиќ

 

Посети:  {moshits}