TVIT407


Не знам како е сега по училиштата и не знам дали децата ги испрашуваат како во наше време. Се сеќавам кога ни даваа за повторување. Обично не ни се допаѓаше таа активност и иако неволно негодувавме, истата беше извршувана и проследена со прецизно евидентирање на нашето знаење или незнаење. Учителите како одговор ја употребуваа ”Repetitio mater studiorum es”, а потоа ќе ни преведеа дека: “Повторувањето е мајка на знаењето”. Дали тоа беше лоша услуга што ни ја правеа, па откако ќе ги напуштевме клупите никогаш не се навраќавме наназад кон истата? Се прашувам дали се уште е актуелна оваа максима кај сегашниве учители?

Не само што ретко ја практикуваме оваа навика, туку ја одбегнуваме и мајката на знаењето, а ако нема повторување одбиваме и да научиме.

Еве на пример, ние како црква, постојано славиме исти празници секоја година, не само на Бога да Му оддадеме слава и почит и на светителите, туку и да научиме нешто од животот на тие светители и од животот на Бога преку Евангелието.

Така деновиве си спомнавме и за страдањата на Христа и за неговото Воскресение. Скоро два милениуми повторуваме секоја година, но ретко учиме да им проштеваме на непријателите, а самиот Христос го замоли Отецот Небесен, да им прости на оние коишто го предадоа и го распнаа. Со спомнувањето на Воскресението секој Велигден и секоја недела, повторувајќи многупати, требаше да научиме да не го користиме прашањето: “Кој се вратил од таму, па да каже дека има нешто после смртта”, бидејќи одговорот го повторуваме секој Велигден и одговорот е секогаш ист: “Христос навистина воскресна”.

Една недела пред Воскресението си спомнуваме и повторуваме за влегувањето на Христа во Ерусалим и за народот што го пречекувал со цвеќиња и палмови гранчиња во рацете оддавајќи Му слава. За потоа, за само неколку дена си спомнуваме пак за истиот тој народ кој овој пат наместо цвеќиња држи камен во раце, а од грлата наместо: “Добредојде” извикува: “Распни го, распни го”.

Сите ние не научивме една работа, особено политичарите не можат да научат. Оти тие постојано се повикуваат на народот, а истиот тој што ќе ги донесе на власт преку избори, утре ќе ги распнува. Се препрашуваме ли дека ако на Христа како совршен Човек и совршен Бог Му нашле мана и го распнале, што да очекуваме ние, луѓето? Оној кој го создал светот не им угодил на сите, а не пак обичен човек со изборна програма. Се бара крв , има плукање и исмевање, а казнетите ретко проштаваат и забораваат. Ако учевме од повторувањата ќе ни беше олеснета прошката оти ќе знаевме дека не знаат што прават. Немаше да се ловат предавници туку доблесно ќе се предаваше власта, иако таа и силата се во народот.

Затоа ние од Црквата ќе повторуваме и ќе укажуваме, не со цел да им го земеме лебот на политичарите, оти имаме доволно за леб, што би рекол народот и за џипови, туку затоа што треба да се трудиме пораките од Евангелието да ги направиме наше секојдневие. Тоа не е средство за да се држи народот и политичарите во страв, ниту да се поентира кој од нас е поголем патриот, не е за да се делиме по религија, не е да се делиме по народност и националност, ниту по боја на кожа, не е за да наплатиме за градба на цркви од оние што имаат грижа на совест дека не им е баш во ред начинот на богатење, советување за прошка на гревовите. Тоа е за да бидеме подобри луѓе кои не се одмаздуваат, кои проштеваат, кои смело ќе покажат човекољубие. Суштината е да го сакаме Бога и да ги исполнуваме неговите заповеди, да доаѓаме во Црква барем на Велигден, без да го користиме продолжениот викенд за сликање покрај најблиското море, зачинет со критика кон свештенството и чудење од каде таа пара…

Како и да е. Имаме уште многу за повторување, а кој сака да има знаење ќе ја прифати мајката (повторувањето а не БПЦ или СПЦ), па така секогаш помалку ќе не’(ги) боли и доаѓањето на власт и губењето на власта.

А кој си нема мајка обично јаде повеќе ќотек бидејќи нема кој да го брани.

Среќни празници.

П.С. Да си повториме: Христос воскресна!

Милано, Малпенс

(авторот е владика на МПЦ – ОА, митрополит на Европска епархија)

 

Извор: https://vecer.press/%D0%BE%D1%82%D0%B5%D1%86-%D0%BF%D0%B8%D0%BC%D0%B5%D0%BD-%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D1%83%D0%BC%D0%BD%D0%B0-mater-semper-certa-est-2/