3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Митрополит Јеротеј Навпактски

Од почетокот на мојата свештеничка служба, значи пред 50 години, и тоа во 70′, а и во продолжение, се зборуваше многу, под влијание на радикалните протестантски организации во Америка, за доаѓањето на Антихристот кој ќе им става печат на Христијаните, за тоа дека антихрист дојде или ќе дојде набрзо, со извитоперено толкување на одредени места од „Откровението“ на Евангелистот Јован.

Тогаш секоја новост што ќе се внесеше во општеството, секое ново откритие на науката и на технологијата, секој нов начин на транспорт на производите со баркод (bar code) и заштита на општеството, со закон за лични карти, за пасоши, заедничките броеви се карактеризираа како појава на антихристот или на неговите предвесници и секој што се ползува од тие нови занимања, од некои конзервативци се сметаше за таков што го примил печатот на антихристот и бил негов последовател.

Тоа продолжи и во следните години. Истото се пишува и зборува и денес за лековите, за вакцините кои се ползуваат против корона вирусот, продолжувајќи ја целата таа дебата што се одвиваше во децениите на 1970 и 1980, дека антихристот со нив им става печати на луѓето и ги оддалечува од Христа.

И тоа е еден метод на ѓаволот за постојано да станува збор за него, сите да се занимаваат со него, да го заблудува нивниот ум и да ги има постојано за свои слуги, како и тоа да ја преценуваат неговата сила, а истовремено ни малку да не се занимаваат со Христа. Навистина, страшна и сатанска заблуда!!

По повод дебатата што се одвиваше во тоа време, а во годината 1987, значи пред скоро 35 години, имав напишано еден текст, којшто сепак е актуелен и во наше време. Во тој текст толкував одредени места од Откровението на Јован, како за жигот на антихристот, така и за печатот на Христа, врз основа на црковното предание, главно на толкувањата на Андреј и Арета епископ Кесариски.

Егзегетската основа е тоа дека печатот на антихристот не е нешто надворешно, површно и телесно, не е некоја храна или некој лек, но е поврзан со сознателното, свесното прифаќање, обожување и поклонување на антихристот. Но оној кој го има Божјиот печат во своето срце, го препознава антихристот и неговите дејствија и антихристот нема никаква власт над него.  

Апостолот Павле пишува: „Ние имаме ум Христов“ (1 Кор. 2, 16) и секако „неговите (на сатаната) замисли не ни се непознати“ (2 Кор. 2, 11). Тие што имаат ум Христов, што го имаат активирано Божјиот печат во нивните срца, можат да го препознаат присуството на антихристот и неговите предвесници и да направат разлика помеѓу дејствувањето на Христос и дејствувањето на антихристот. Се работи за добродетелта на рассудувањето.

Го изложувам овој текст за да се протолкуваат соодветните нешта што се зборуваат во нашиве денови за печатот на антихристот, врз основа на светоотечкото и црковното предание, за да не бидеме завлечени од сомнителни толкувања.

* * *

Често во нашите денови станува збор за антихристот и за жигот на антихристот. Се наоѓаме во апокалиптични времиња. Антихристот постои, делува, но и доаѓа. Доколку во апостолскиот период Евангелистот Јован велел дека „антихристот доаѓа, и сега многу антихристи се појавија, по тоа знаеме дека е последниот час“ (1 Јн. 2, 18 – 19) како и „антихристот е оној, што Го одрекува Отецот и Синот“ (1 Јн. 2, 22) и уште „секој дух што не исповеда дека Исус Христос дошол во плот, не е од Бога; тоа е духот на антихристот, за кого сте слушале дека иде, па и сега е веќе во светот“ (1 Јн. 4, 3), колку, пак, тие нешта важат за нашата епоха, која е многу оддалечена од апостолската епоха и уште тоа дека се има зголемено бројот на тие што Го отфрлаат Синот Божји. Живееме, значи, во апокалиптични времиња.

Сепак, ќе додадам дека денес луѓето од една страна погрешно ги толкуваат библиските текстови, а од друга страна, пак, не зборуваат нималку за печатот на чедата Божји, а во текстовите на Новиот Завет, како и во делата на светите Отци на Црквата, се зборува многу за Божјиот печат, којшто го прифаќаат чедата Божји. Со други зборови, Евангелистот Јован, кој пишува за жигот на ѕверот во Откровението, истовремено пишува и за печатот на Јагнето во Откровението.

Зборувајќи за антисхристот истовремено нагласува: „Вие сте, чеда, од Бога и нив (антихристот и последователите на ахтихристот) сте ги победиле, зашто Оној, кој е во вас, е поголем од оној што е во светот. Тие се од светот, затоа и по светски зборуваат и светот ги слуша. Ние сме од Бога“ (1 Јн. 4, 4 – 5).

Се прашувам: Дали е чесно и православно постојано да се зборува за жигот на антихристот, а ни малку да не се зборува за печатат на Христос? Можно ли е некои духовници постојано да сеат страв за доаѓањето на антихристот и да не ги подготвува Христијаните за да се запечатат со печатот на живиот Христос?

Во продолжение ќе стане збор за жигот на ѕверот и за печатот на Јангето од Откровението, врз основа на преданието на Црквата.

(Продолжува…)

Превод од грчки: Братството на Бигорската Обител
Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr

 

https://bigorski.org.mk/kolumni/zhigot-na-antihristot-i-pechatot-na-hristos-part-1/