3.angeli.so.truba

Да знаете, за повеќето разводи се одговорни мажите. Моралните извршители на разводот се мажите. Зошто? Затоа што мажот може да рече: „Жената ме изневери и се разведувам! Не ја сакам повеќе“, но моралниот извршител на неверството е тој, зашто не се обидува да разбере како размислува една жена и што бара од еден маж. Мажот е убеден дека е доволно да работи, да носи пари, да е чесен, сериозен, да нема други жени, да е доследен во своите должности. И особено кога ќе минат првите години од бракот, мажот не смета дека бракот треба да се негува, туку го прима како зададеност. Вели: „Ама колку пати да ѝ повторувам на жена ми ‘те сакам’! Ги правевме тие нешта првите години, и сега ѝ го кажувам тоа на нејзините празници, на роденденот, па не можам секој ден да ѝ кажувам дека ја сакам. Пораснавме сега, остаревме, сериозни луѓе сме!“ Почнуваат да се прават сериозни. Кога ќе ја минат 35-та и наближат до 40-та година, особено ако се банкарски службеници, да видиш што станува: стекнуваат некаква важност, не можат да си објаснат зошто жената постојано мрмори, прави гримаси и покажува незадоволство. Кога ќе му кажеш да ја остави сериозноста и да почне да зборува со жена си со нежни и ласкави зборови, тој одвраќа: „Ами, да станам лицемер?“

Сметаат дека тоа не е добро, не е во нивната природа. Сакам да одговорам со логички аргументи во прилог на жалбите на нивната сопруга. Тие не разбираат дека поплаките се резултат на емотивната празнина што нивната сопруга ја чувствува, кога не бива емотивно исполнета од својот маж, особено кога ќе почне да старее. Додека била помлада, попривлечна итн., добро, но станува тешко кога доаѓа во напредната возраст и чувствува дека ја губи својата убавина, својата женска привлечност, дека мажот ѝ веќе не се интересира за неа, особено ако му родила неколку деца. Тогаш се менува нејзината психологија и таа има потреба постојано да слуша од својот сопруг дека тој ја љуби, се интересира за неа, да добива комплименти. Ете, направила некое вкусно јадење – да ја пофали! Домот е уреден, облеката што ја носи е прекрасна, чевлите, сето тоа. Овие нешта се смешни за еден маж, но ако тој не ги каже на жена си, таа чувствува празнина. И ако ѝ ги каже некој друг, тогаш неизоставно започнуваат да ја напаѓаат помисли. Тоа се случува затоа што мажот не ја разбрал специфичноста на женската природа и мисли дека жената ги има истата логика и истите сфаќања како него. Ако, пак, жената не разбере како расудува еден маж и каква е неговата психологија, па дури и неговата биологија, од најпростото до најсложеното, никогаш нема да може да воспостави правилна комуникација со него, и да му го даде тоа од кое што тој навистина има потреба. Од тука започнуваат проблемите меѓу двајцата сопружници. Така се создаваат семејните кризи, бидејќи јасно е дека никој не си ставил претходно за цел да си го уништи својот сопствен брак и семејство, туку оттуѓувајќи се еден од друг, постепено, без да сакаат, брачните другари започнуваат да пројавуваат душевна немоќ и потоа луѓето се кршат кога едниот од двајцата наоѓа друг начин да се утеши.

3.angeli.so.truba

Често се случува кога ќе се родат децата, мажот се враќа доцна од работа и со едно сувопарно „здраво“ ја одминува жената и веднаш оди да го види бебето. Жената е мајка на детето. Се разбира таа никогаш нема да го признае чувството дека е второстепена, но длабоко во душата навистина се чувствува занемарена. Затоа мажот треба да внимава исклучително многу да ѝ покаже на својата сопруга дека првото нешто што го интересира и што го сака, не се дури ни децата туку таа самата. Во спротивен случај, жената ќе се перцепира себеси како машина која само му раѓа деца на својот маж, како да ја губи својата личност.

Во врска со ова, денес слушаме и нешто друго: „Немаме дете и сме несреќни!“ Добро, ако човекот е бездетен, тоа секако е проблем, но не значи дека води до несреќа. Затоа што кога едниот го љуби другиот тоа е заедничарење во љубовта, во бракот. Ако немаат деца не значи дека не постои љубовта. Добро, значи утре кога децата ќе пораснат и ќе ги напуштат, љубовта ќе престане да постои?

(Продолжува…)

 

Извор:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/brakot-e-ljubov-a-ne-diktatura-part-2/

 

Друго:

 sv.tajna.Venchanie

 

24ти јули 2020 лето Господово