3.angeli.so.truba


Почитувана,

прашањето кое го поставивте од една страна може да го добие најкомплексниот одговор, а од друга би бил наједноставниот и со еден збор кажано – тишина.

3.angeli.so.truba


Монаштвото во Православната Црква се појавува во 4 век, точно кога се пореметува тишината во секојдневното христијанско битисување. Православието во тогашните граници на Римската Империја ја добива својата слобода, но, станува заштитено и од државата, па како такво кон него пристапуваат и граѓанските слоеви, а и мноштво дотогашни припадници на незнабожечките религии.

Тогаш пореметената „тишина“, станува состојба по којашто трагаат многубројни ревнители на Словото Божјо и тие заминуваат во пустините, горите, за да го продолжат етосот на непрестајната молитва, постојаното псалмопеење и предвкусување на Царството Божјо уште овде на земјата.

Понатаму тие се организирани според правилата општежителни на св. Пахомиј Велики и уште многу устројстава од различни Отци на Црквата, кои влијаат на правилата на животот во манастирите, односо, типикот.

Но, да свртиме една страна, тогаш би кажале дека монаштвото треба да претставува трагање на човекот по Бога, осамување негово, одделување или оддалечување на светот и целокупната бучава во светот, поради која што човек не може да се види себеси.

Некој ќе каже: монахот има љубов кон Љубовта или бара од Љубовта да му ја даде таа љубов, за да ја има за цел свет.

Бог во Својата суштина е Љубов, а не битие кое треба да го замислуваме и да го прилагодуваме кон нашите сфаќања и разбирања.

Бидејќи тоа е така, а е така, се доаѓа до жедта, поривот да се запознае Бог Онаков Каков што Е, како што истакнува светиот Софрониј.

На монахот му претстои пат за да го здогледа Оној Кој што е Патот, се оддалечува од лагата од светот за да го спознае Оној Кој е Вистина и животот го изострува според Оној Кој што е Живот.

За жал многу книги испишани за монаштвото всушност се хвалоспеви на паднатиот човек којшто сака да биде Бог, без Бога, така да жално е кога монаштвото е ставено на пиедестал, а всушност се претворило во самољубие, барање слава и почит од луѓето и влечење на народот кон себеси, наместо со сопствениот пример да се покаже патот кон Бога.

Знаеме дека овие зборови се остри, и можеби ќе се навлече презир од монденското „монаштво“ но, како да го разбереме светиот Арсениј Велики на кого Бог се јавува и гласот Божји кажува:  „Арсениј бегај од луѓето и ќе се спасиш.“

Можеме и трета страна да завртиме, но, ќе оставиме човек да размисли и по збоовите Христови да го побара Бога и Царството Небесно во себе, учествувајќи во живиот литургиски живот на Црквата ако неговата ревност биде поголема од секојдневието на богослужењето и во него се роди, запали пламен, да има љубов кон Бога и ближниот, но онаква како што ја опишува светиот апостол Павле во својата Посланица до Коринтјаните, тогаш он го напушта светот, не од омраза према светот, туку да го поврати светот, но сега преку Христовиот поглед и ум, какошто ќе кажат отците кои се здобиле со „ум Христов“.

Тие на коишто Господ им ги отворил очите и оневестил душата, они во тишината која од Бога им е подарена, еден поглед упатуваат кон светот, и само една насмевка.

 3.angeli.so.truba

Во продолжение споделуваме песна напишана од еден монах
 

Монах

 

Пајажина агол опфати
ринг за борба притаена
тишина на уста налегна
а клепало во срце отчукува.

Време трка изгуби
раце и ноѕе се смирија,
небо на тебе погледна,
еј монах, со солза скриена.

Ден за ден
живеачка на звук од труба потсетува,
ноќ за ноќ снага уморна припазува,
а ти ни жив, ни мртов остана.

Кивот си спремаш пред луѓе и ангели,
постела вечна и маса со свеќа,
каде одговор душа очекува
пред хорда од прикриени душмани.

Човек ли ќе беше
или наказа,
ти кој на уста печат постави,
ти кој очи не помрдна
кога чкрипеа на тебе и заби остреа.

Крај во време ќе доживееш,
а свет нема да види промени,
кај кип кој само оди и работи,
грпка му сведочи само за тежина.

Но, ѕвезда нема да се прелаже
и мочуриште става своја виде,
монах ќе замини без поворка
но со една, една,
единствена насмевка.
 

Слепченски манастир

 

Извор:

 https://www.manastirslepche.mk/article/hristos-pomegzu-nas-moze-li-da-mi-kazite-za-monashkiot-zivot-i-za-monahot

 

Друго:

Brak.svetos.ljubov