carry2

Додека размислував што да ви кажам како заклучок на нашите беседи за патот кон спасението, се сетив на еден расказ, што го прочитав во еден од древните отечници. Тоа е многу блиску до она за што сме зборувале, и сметам дека не е излишно да ви го предадам денес така, како што си го замислувам во мојот ум.

Еден старец, кој живеел отшелнички во пустината, паднал во униние и бура од помисли почнале да ја смутуваат неговата душа, внушувајќи му сомнеж дали оди по вистинскиот пат и дали има надеж неговиот труд на крај да биде овенчан со успех. Старецот седел со наведната глава. Срцето го болело, но од неговите очи не потекувале солзи. Го измачувала сува скрб. Додека така се измачувал од тага, пред него застанал Ангел Господов и му рекол: “Зошто се возмутуваш и зошто примаш помисли во твоето срце? Ти не си првиот и не си последниот кој оди по тој пат. Многумина веќе го поминаа, многумина го врват сега и многумина по него ќе стигнат до светлите рајски обители. Дојди, јас ќе ти ги покажам различните патишта по кои одат синовите човечки, а исто така и тоа до каде водат овие патишта. Гледај и вразумувај се!”

Потчинувајќи се на повикот на Ангелот, старецот станал и тргнал, но едвај направил неколку чекори напред, кога се почувствувал надвор од себеси и потонал во созерцанието на прекрасното видение, што се открило пред неговите мислени очи. Тој од својата лева страна видел густ мрак, како непробоен ѕид, меѓу кој се слушнала бучава, вознемиреност и смут. Кога се загледал повнимателно во мракот, видел широка река, по која брановите се движеле напред и назад, лево и десно, и некој, секој пат кога пред неговите очи се појавувал бран, како јасно да велел во ушите на старецот: “Тоа е бранот на неверието, безгрижноста, студенилото; тој е бранот на немилосрдието, развратот, поткупеноста; овој – на задоволството, забавата, зависта, раздорот, а овој – на пијанството, нечистотата, мрзеливоста, брачната неверност”, и така натаму. И секој бран пред неговите очи под себе превртувал небројно мноштво луѓе, ги поткренувал од реката и повторно ги потопувал во нејзините длабочини. Со ужас старецот воскликнал: “Господи! Зарем сите тие ќе загинат и нема надеж за нивното спасение?” Ангелот му рекол: “Гледај понатаму и ќе ја видиш Божјата милост и правда!”

Старецот погледнал уште еднаш кон реката и ја видел по целата ширина и должина, покриена со мали чунови, во кои седеле светли момчиња со секаков вид средства за спасување на давениците. Тие ги повикувале сите кон себе и на едни подавале раце, на други им пуштале долги прачки и штици, на трети им фрлале јажиња, а понекогаш длабоко во водата потопувале канџи* (*канџи – прачка со метална кука на крајот) и куки – зарем нема некој да се фати и за нив? И што? Сосема ретко некој се одзивал на нивните призиви и уште помалку биле оние кои, како што треба, ги користеле подадените средства за нивно спасување. Најголемиот дел со невнимание ги отфрлале и со некаква наслада се потопувале во реката, од која мирисало на дим, смрдеа и изгорено. Старецот го насочил својот поглед во далечината на реката и на крајот видел бездна, во која таа се вливала. Мноштво момчиња енергично пливале натаму-наваму, на самот крај на бездната, со загриженост укажувајќи помош на секој; но, независно од тоа, секоја минута, во секоја точка од реката, илјада луѓе потонувале во бездната заедно со реката, од каде се слушале само очајни офкања и крцкање со заби. Старецот го покрил своето лице и заплакал. Тогаш чул глас од небото: „Горко е, но кој е виновен? Кажи што уште би можел да направам за нивното спасение, што не сум го направил? Но, тие со жестокост ја отфрлаат секоја укажана помош. Тие ќе Ме отфрлат, ако им притекнам на помош во најбезутешните места на нивните страдања“.

Откако малку се успокоил, старецот го свртел својот поглед на десната страна, кон светлиот исток, и бил утешен со радосно видение. Оние, кои се огласувале на повикот на светлите момчиња и им подавале раце или се фаќале за некакво спасително орудие, биле извлекувани од нив на десниот брег. Тука ги пресретнувале други лица, ги воведувале во неголеми стројни градби, расеани во голем број долж целиот брег, каде ги миеле со чиста вода, ги облекувале во чиста облека, ги препашувале, ги обувале, им давале стап и, откако ги украпувале со храна, ги праќале на пат – далеку на исток, заповедувајќи им да не се обрнуваат назад, да одат без да застанат, внимателно да гледаат под своите нозе и да не одминат ниту една слична градба без да влезат во неа и, како и сите кои се сопираат таму, да се поткрепат таму со храна и совет од оние, на чија грижа се доверени тие градби.

Старецот го свртел својот поглед кон брегот и видел дека долж него, оние кои биле избавени, се подготвуваат за пат. На лицето на секој од нив се забележувале радост и воодушевување. Се гледало дека сите тие чувствувале посебна леснотија и сила и со некаква невоздржаност тргале на пат, чиј почеток бил посаден со цвеќиња. Потоа старецот погледнл далеку на Исток и еве што се открило пред него! – Пријатната ливада завршувала недалеку од брегот; понатаму започнувале планините, кои се распространувале со своите сртови во различни насоки. Се протегале издигајќи се сé повисоко и повисоко, пресекувани од бездни – ту голи и каменити карпи, ту покриени со грмушки и шуми. Насекаде по нив се гледале патници – трудбеници. Еден се искачувал по стрмнината, друг седел заморен или размислувал, трет се борел со некој ѕвер или змија; еден одел директно кон Исток, друг – по заобиколено, а трет попречно го пресекувал патот на другите, но сите се труделе во пот, во борба и исцрпување на душевните и телесните сили. Ретко се случувало патникот постојано да го гледа патот; често патот сосема се губел или се ширел во различни насоки; некаде потонувал во магла и мрак; на друго место го пресекувала провалија или стрмна карпа; а понатаму го преградувале ѕверови од шумата или отровни влекачи од планинските клисури. Но, еве што било чудно. Насекаде низ планините биле распослани прекрасни градби, слични на оние во кои за првпат биле примани спасените од водата. Штом патникот се одбивал и влегувал во нив, како што му било заповедано на почеток, колку и да бил изморен пред тоа, од таму излегувал бодар и исполнет со сили. Тогаш ѕверовите и влечугите не можеле да го поднесат неговиот поглед и бегале од него; никакви пречки не го допирале подолго време и така според упатствата добиени во тие градби, лесно и брзо го наоѓал патот, кој по некаков начин бил загубен. Секој пат кога некој ја надминувал секоја наредна препрека или го победувал непријателот, станувал посилен, повисок и поцврст; колку повисоко се искачувал некој, толку поубав и посветол станувал. Кон врвот на планината, пределот повторно станувал рамен и посаден со цвеќиња. Но, оние кои стигнувале до таму, брзо влегувале во светол облак или магла, од каде веќе не се појавувале.

Старецот го подигнал погледот повисоко од тој облак и зад него или зад планината видел чудесна, неописливо убава светлина, од која до него стигало слатко пеење: „Свет, Свет, Свет Е Господ Саваот!“ Старецот во умиление паднал на земјата и над него јасно се чуле Господовите слова: така трчајте, за да ја достигнете целта (1 Кор. 9:24).

Кога повторно се исправил, тој видел дека од различни високи места на планината голем број патници, од различни правци, повторно трчале устремено кон реката, де молчејќи, де со викотници и хулни навредливи зборови. Кон секој од нив – и од горе и од страна – бил насочен призив: „Застани, застани!“ Но, следени од некакви ситни по раст етиопјани, тие не го слушале предупредувањето и повторно потонувале во смрдливата река. Тогаш старецот избезумено извикал: „Господи, што е ова?“ и чул одговор: „Плодот на самоволноста и непокорноста на редот востановен од Бога!“ Тука видението завршило.

Ангелот, кој му го покажал видението на старецот, на крај го запрашал: „Утешен ли си?“ А старецот му се поклонил до земјата.

Браќа, мислам дека не е потребно многу да ви зборувам за толкувањето на ова видение. Реката е светот; потопените во неа се луѓето кои живеат според духот на светот, во страсти, пороци и гревови; светлите момчиња во чамчињата се Ангелите и воопшто благодатта која повикува на спасение; бездната, во која пропаѓала реката со луѓе, е погибелта; прекрасната градба на десниот брег е Црквата, кадешто преку таинствата на покајанието или крштението обратените грешници се измиваат од гревовите, се облекуваат во одеждата на оправданието, се препашуваат со силата од Небесата и се поставуваат на патот на спасението; искачувањето на планината со различен труд се различните тешкотии при очистување на срцето од страстите; ѕверовите и влечугите се непријателите на спасението; рамниот предел кон врвот е успокојувањето на срцето; светлиот облак, кој ги криел патниците, е успокојувачката смрт; светлината зад планината е блажениот рај; градбите, распрснати по планината, се Божјите храмови. Оној што влегува во тие градби по својот пат, т.е. ги прима таинствата и учествува во свештенодејствијата и моленијата на Црквата, се користи од советите и раководството на пастирите, тој лесно ги надминува сите препреки и брзо стига до совршенството. А оној, што самоволно ги отфрла и не се потчинува на поуките и советите на пастирите, брзо паѓа и духот на светот повторно го одвлекува.
Кон тоа да додадеме некакво заветување, сметам дека е излишно. Само ве молам, браќа, спасувајте се од овој лукав век! Амин.
Извор: Света Гора Зограф

Преземено од:

https://maranata0.wordpress.com/2013/06/02/%D0%BF%D0%BE%D0%BA%D0%B0%D1%98%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D0%B5-%D0%B4%D0%B5%D0%BD-5/