Еден човек осудил некој друг човек, оти не давал милостина. Човекот, макар и да имал други добродетели, паднал во тежок грев – го осудил ближниот. Секако, и милосрдието е важно и треба да се применува во својот живот. Meѓутоа, ќе се грижиме за нашето милосрдие, оти само себеси треба да се контролираме. Зашто, давајќи милостина или творејќи било каква друга добродетел, ако паднеме во осудување на својот брат, го губиме плодот на љубовта.

Бог најпрво бара љубов, а дури потоа добродетели. Кое добро ако постиш и не јадеш месо, но со осудувањето го јадеш својот брат? Зарем Бог го прима таквиот пост? Никогаш! Напротив, Тој го одвраќа Своето лице од тебе.

Многу се оние кои започнуваат разговор за прашањата и проблемите на другите, покажувајќи божемен интерес, а подоцна паѓаат во осудување, не бивајќи свесни за тоа.

Ние да се грижиме само за својата душа. Што се однесува до другите, да се молиме Бог да ги просвети, оти не е наше да ги разобличуваме согрешенијата на другите. Судењето Му припаѓа на Бога. Ние, црви бивајќи, како можеме да го разобличуваме другиот, кога тој е образ Божји? Господ вели ‘не ја гледаш гредата во своето, но ја забележуваш трошката во окото на својот брат?’. ‘Извади ја’, продолжува Господ, ‘прво гредата од твоето око, а потоа обиди се да ја извадиш трошката од окото на братот’.

Оние кои сакаат да осудуваат, Бог строго ќе ги казни, оти прават нешто што дури ни Тој не го правел кога дошол на земјата за да го спаси човекот. Кога фарисеите Му донесоа една грешна жена којашто била фатена „во прељуба“, и според Законот, требала да биде каменувана, Христос ги испади нејзините тужители велејќи им „Кој е без грев, нека го фрли првиот камен“, а на жената ѝ рече: „Оди, и не греши повеќе, ни јас не те осудувам“. Тој, како безгрешен Бог, имајќи го сето право да ја осуди и прекори – не ја осуди, а ние, кои во грев живееме, и дела полоши од оние на другите правиме, подготввени сме за ситници да ги осудиме (другите).

И најголемите наши жртви Бог нема да ги прими доколку го осудуваме својот брат. И од сиот свет некој да се одрече, и од сите негови блага поради љубовта Христова, и во најдлабоката пустина да оди, и да се фрли во најдалечната и најзапустена келија, ако братот свој го осудува, сè му е залудно. Оти, не може да се поигрува со Бога! Тој го чита срцето човечко.

И така, некој кој е можеби полош од тебе, може да се спаси, а ти да бидеш осуден од Бога. Тоа се случило во параболата за митникот и фарисејот. Секако, фарисејот бил подобар од митникот; меѓутоа, паѓајќи во осудување, го изгубил она што го имал. Слеп е оној што осудува, оти позади таа страст се крие еден друг голем ѕвер што се нарекува – себељубие. Чујте колку страшни зборови кажал фарисејот: „Не сум како другите луѓе, разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник“. Осудувањето отстранува од човека секаква чест и достоинство.

Човекот кој се занимава само со своите прегрешенија, е разумен и во него пребива Духот Свет. Има мир во срцето. Додека, душата на оној којшто осудува личи на немирно море. Во него ѓаволот е востоличен. Отците велат, дури и да се згрбавиш од пост и метании, а љубов кон ближните немаш, далеку си од спасението.

Христос рече дека не дошол да му суди на светот, туку да го спаси. А ние му судиме! Колку сме само за жалење! Колку сме духовно сиромашни! Нема што друго да кажеме, освен зборовите Давидови: „Помилуј ме Боже, по Твојата голема милост…“.

Како жив пример ги имаме нашите светии, кои никогаш никого не осудиле. Себеси се сметале за полоши од другите. Апостол Павле велел дека е „недоносче“ и себеси се сметал за недостоен да се нарече апостол. Кој ги изговорил ваквите зборови? Најголемиот од апостолите, оној кој пораката за спасението ја пренел по сиот свет. Во нашите мисли, на кратко, да се поставиме себе покрај апостолот Павле, и тогаш, ако сме искрени пред самите себе и пред Бога, да го исповедаме тешкиот грев на осудувањето, и постојано да се трудиме, со Божја помош, да престанеме со тоа.

По сето ова, размисли во какво положение се наоѓаш. Ако имаш лоша навика да осудуваш, брзо искорени ја. Ако сакаш да имаш удел со Христа, избегнувај го осудувањето. Ако сакаш да имаш надеж на спасение и вечно блаженство пред сеправедниот Бог, научи себеси да се осудуваш – а никогаш другите.Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на:

http://pravoslavie.mk/isak-sirin-osuduvanje/