7.  Можно христијанско совршенство на земјата

271.  Оние што го соблекле од себе си стариот и земен човек, од кои Исус ја соблекол облеката на царството на темнината, тие се облекле во новиот и небесен Човек – во Господа Исуса Христа. И Господ ги облекол во облеката на царството – во неискажливата светлина – во облеката на верата, надежта, љубовта, радоста, мирот, милосрдието, благоста, како и во сите други божествени, животворни облеки на светлината, на животот и на неискажливиот спокој, така како што е Бог, љубов, радост, мир, благост, милосрдност, и новиот човек да стане со силата на благодатта тоа истото.

272.  Совршените христијани, кои се удостоиле да ја достигнат мерката на совршенствата и да Му станат блиски на Бога – на Небесниот Цар – секогаш се посветуваат себе си како дар на Христовиот крст. Како што за време на пророците помазанието било најпотребно, затоа што бивале повикувани и царевите и пророците, така и сега духовните луѓе, кои се помазувани со небесно помазание, стануваат христијани по благодатта, за да бидат цареви и пророци на небесните тајни. Тие се и синови, и господари, и богови и врзувани, и водени во ропство, и отфрлани и распнувани, и давани како дарови. Ако помазувањето со елеј, кој се добива од земно растение, од видливо дрво, има таква сила: помазаните неизоставно добивале чин (зашто на сите им било признавано дека се поставени за цареви, а помазаниот Давид веднаш бил подложен на гонења и страдања, а по седум години станал цар), колку повеќе оние, чиј внатрешен ум и внатрешен човек бива помазан со небесниот духовен елеј на радоста, кој осветува и развеселува – ќе добие печат од она вечно царство и од вечната сила, залог на Духот – од Самиот Свет Дух, Утешителот, Кој утешува и ги исполнува со радост оние што страдаат.

273.  Овие помазаните со елејот на небесната наслада, од дрвото на животот – Исуса Христа – биваат удостоени да влезат во мерката на совршенството – во царството и усиновувањето, бидејќи додека се уште во овој свет веќе учествуваат во тајните на Небесниот Цар, имаат смелост пред Седржителот, влегуваат во Неговото живеалиште, таму каде се ангелите и светиите. Зашто, иако уште не го добиле совршеното наследство, кое им е приготвено во другиот живот, со овој залог што го примиле овде, се осигурале веќе како да се овенчани и како да царуваат, а при изобилство и смелост на Духот, тие се уверени дека ќе  царуваат со Христа. Како? Затоа што, бидејќи уште во тело, веќе ја вкусиле таа слава и ја доживеале таа сила.

274.  Како што по крајот на светот, кога веќе ќе загине ова небо, кога праведниците веќе ќе живеат на небесата, во светлина и во слава, не гледајќи ништо, освен Христа; Кој е секогаш во слава на Отецот, така и овие, кои се и сега издигнати и одведени како заробеници во оној свет – ги созерцаваат тамошните убавини и чуда. Зашто ние, кои сме уште на земјава, живееме и на небесата, како жители и граѓани на оној свет по умот и по нашиот внатрешен човек. Како што видливото око, кога е чисто и здраво, секогаш го гледа Сонцето чисто, така и нашиот ум откако се очисти совршено секогаш ја гледа славата на Христовата светлина и живее со Господа дење и ноќе, слично со она што телото Господово, откако се  соедини со Неговата божествена природа, секогаш живее со Светиот Дух. Но, луѓето не стигнуваат до ваквата состојба, одеднаш, туку само преку трудови, страдања и со големи подвизи.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том I

Подгорви: Т.С.

Друго: