Браќа, должни сме постојано со испитување да го бараме животниот пат и тоа од каде ни доаѓа смртната казна што ја примаме секој ден и час, и да се прашуваме: како тоа, кога веќе бевме нераспадливи, станавме распадливи. Бидејќи нашиот прадедо Адам го послуша советот на ѓаволот, ја прекрши Божјата заповед и ја фрли боготкаената облека, со престапот се врати во земјата и во распадливост, беше истеран од рајот поради непослушноста. Нели Бог му рече: „Бидејќи не ја запази Мојата заповед, ти си земја и пак во земја ќе отидеш!” Оттогаш нашето тело беше расплакано и нажалено и смртно, зашто прадедовската клетва и нас нè достигна, кога Бог му рече: „Со потта на твоето лице ќе го јадеш твојот леб; трње и троскот ќе ти раѓа земјата“ (1 Мојс. 3, 17-19). Поради тоа, откако бевме ранети од страстите, паднавме во многу прелести во овој живот.

Но пак се обновивме со милосрдието на Човекољубецот Бог и на првиот рајски пат имаме многу наставници кои можат да нè воведат во првобитниот рај: покајанието, солзите и воздишките. Зашто покајанието е незаоден светилник на душата; преку него разбојникот, откако се просветли на крстот, во рајот се всели; преку него и блудницата, откако си го озари умот и го прими изворот на солзи, миејќи ги со нив нозете на Господа и со својата коса бришејќи ги, прими исцеление. И митарот, откако се наслади со тоа покајание и со воздишкии смирение си го просветли своето срце, влезе оправдан во својот дом. И блудниот син, огладнет за храна, со покајание пак ја прими поранешната нетлена облека, која одозгора беше исткаена со крштелната вода, стана учесник на трпезата, откако со вера се наслади од татковото милосрдие.

3.angeli.so.truba

Затоа, браќа, и ние сме должни со истите зборови и со покајание да го испросиме милосрдието на Отецот, непрестајно викајќи и говорејќи: „Отче, згрешив против небото и пред Тебе, и не сум достоен да се наречам Твој син, но прими ме како еден од Твоите наемници“ (Лк. 15, 19-21). Знам дека Бог не ја сака смртта на грешникот, туку дека го очекува неговото обраќање и покајание. Го знам Неговото неискажливо човекољубие, ја знам Неговата неизмерна милост, и дека е близу до оние што имаат смирено срце; ја знам благодатта…

Изадок од книгата: Свети Климент Охридски. Собрани дела: слова, поуки, житија, Скопје 2012, 365-366.

Извор:

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/slovo-za-pokajanieto/