3.angeli.so.truba

ПИСМО од старец Јосиф Исихаст,
за благодатта и искушенијата.

Тукушто го добив твоето писмо и го прочитав; се радувам за твоето здравје, но тагувам за твоите неволји.
Тоа што го пишуваш, дете мое, се случува со тебе бидејќи немаш трпение. Ти, дете мое, го бараш Христа, сакаш да влезеш во Небесниот Град. Се моли за тоа твојот старец, се молат отците, се молам и јас бедниот, овде во карпите. И сите нас нѐ слуша Господ и заради скрушеност на твојата горда душа, за ти да го смириш гневот, раздразливоста, гордоста, Тој ти испраќа една болва - тоа мало искушение за да те каса, а ти да трпиш, за да ти досадува, а ти да не обраќаш внимание. И малку по малку да го скротуваш гневот и возбудата, загушувајќи го во себе и не дозволувајќи да излезе груб збор од твојата уста. И тогаш, таа сатанска сила која човек во себе ја загушува еднаш и двапати и повеќепати, заминува и го остава кроток и спокоен, како јагне.


Слушни за еден настан што ми се случи. Кога бев во светот се расправав со сите. Имав лавовско срце. И ете, Христовата љубов ми даде скрушеност. Ако би раскажувал што трпев секој ден од таа страст, би требало да напишам книга. Зашто Бог, сакајќи да ме ослободи, ми испраќаше остри напади; неправедно ме напаѓаа, ме навредуваа, ми се потсмеваа. Не прости подбивања, туку способни да убијат. И трпејќи, и загушувајќи ја во себе силата на сатаната со крајно трпение, добив избавување од злото.
И така, една тешка зима искушувачот подготви и ги насочи кон мене сите стапици со кои научил да нѐ напаѓа и со кои Бог му дозволува да нѐ испитува. И ете, кога тој произведе три-четири искушенија и ја виде бесцелноста на своите напади, одеднаш низ вратата продре ветер, толку силен што го крена покривот со многу камења врз него, го подигна во воздухот како хеликоптер и го фрли спроти карпата, во снегот. Останавме во тишина под снегот.


А, ако сакаш да чуеш и за видовите на искушенија, тоа нема да го поднесеш без да ти наштети, осудувајќи го виновникот. Сепак, трпејќи искушенија, ќе добиеш соодветно на искушенијата, безмерна благодат. Затоа, не мисли дека, ако се откажеш од едно искушение, кај тебе нема да дојде друго. Неизбежно ќе дојде. И ако се покажеш слабак во едно, тогаш и во другите искушенија ќе бидеш таков.
Зашто, искушенијата се во нас. Не гледаш ли, дете мое? Погледни подобро! Тоа од папокот се крева во срцето, го разгорува, ја зоврива крвта и се крева кон грлото, удира в глава, го помрачува умот. И како камен в грло стои и го запира дишењето и го гуши човекот.
На крајот, него може да го предизвика друг, полош човек или поточно и него го турка искушувачот за да произведе во тебе возбуда и раздразнетост. Сепак, Господ го дозволува тоа, за ти од ден на ден да бидеш поискусен и да стигнеш до бестрастност. Зашто, кога се подготвуваш и го очекуваш, тогаш не се раздразнуваш, не се вознемируваш, не излегуваш од себе.


Ти пишуваш дека, ако би знаел, што ќе добиеш од благодатта, би истрпел илјада искушенија, такви како тоа. А од каде знаеш дека, ако истрпиш, нема да ја добиеш благодатта? Ти велам тебе и на сите браќа, дека нема друг, пократок пат, од трпењето на искушенијата, кои доаѓаат така како што доаѓаат. Духовната состојба на човекот и благодатта, која тој ја има, се потврдуваат со трпението. Зошто ве трпи вашиот старец? Затоа што има трпение. Со тоа се потврдува дека тој има благодат, има добродетел. Добродетелта нема ѕвонче, за да ја распознаваш по ѕвонењето. Ѕвончето на праведноста се - снисходливоста, великодушноста, трпението. Тоа е украсот на монахот и на секој христијанин.
Оној што се подвизува, предвидувајќи ја наградата од горе и благодатта, која ќе ја добие од Господа, трпи сѐ. Ете на братот, како на силен, старецот му порачал да го поднесува и трпи искушуваниот. На тебе, како на слаб, ти го дал тоа трнче. И така, пројави трпение, за и ти да станеш способен да го поднесуваш бесниот човек. Да го трпиш, да му служиш и да го издржуваш. Тоа е голема добродетел! Знаеш ли што значи да поднесуваш и да истрпуваш умоболен?
Дојде кај нас еден умоболен и ми беше жал да го изгонам. Отсекаде го изгонуваа. И така, го оставив, како човек да одмори малку, да се стопли неговото срце. И што беше потоа? Му наложив најстрог пост, како што вели Господ: „Овој род со ништо друго не се истерува, освен со молитва и пост“ (Мк 9, 29).
И ете, еднаш сите бевме во дворот, а тој ги затворил сите врати и прозорци на келијата и нѐ остави надвор. Го викавме, но тој не отвараше. Што можеше да направиме? Зедовме шрафцигер, ги извадивме шрафовите и влеговме. Тогаш тој излезе.
- Слушај, му велам - зошто се затвори и нѐ остави надвор?
- Затоа што - вели тој - внатре имаше кромид и компир; сакав сам да се подвизувам - да јадам кромид и компир!
Наскоро му беше подобро, но замина и почна повторно да беснее. Три пати доаѓаше и штом ќе оздравеше, заминуваше и повторно стануваше умоболен и демоните го опфаќаа. Сега е во болница.
Ти пак, биди внимателен, не презирај ниту еден од малите, понижените и немоќните од овој свет. Зашто тие се презрени и навредата од твоја страна не останува на тие несреќници, туку минува низ нив и оди пред лицето на Творецот, чиј образ го носат. И многу ќе се зачудиш во оној ден, кога ќе видиш дека Светиот Божји Дух престојува на нив повеќе, отколку во твоето срце.
Уште повеќе се разболев. Како парализиран сум. Не можам да направам десет чекори. Заради тоа и сето друго станав како мртовец. Многу ве молам: молете се мене, зашто има многу луѓе кои од мене бараат помош. И верувајте, отци и браќа мои, дека за секоја душа што добива помош, јас ја доживувам борбата на која таа е подложена.
Затоа и вашиот старец е болен. Бидејќи ослабнува од умствена пренапрегнатост и од искушенијата кои ги поднесува заради вас. Затоа, не вели го, дете мое, тоа што ти го кажува ѓаволот: дека на старецот не му е гајле за тебе, дека тој не обраќа внимание на твоите тешкотии и потреби. Како може да не обраќа внимание оној што страда заради вас?
Биди внимателен. Остави ја таа мисла и пројави трпение, за Бог да ја види твојата добра волја и да ја олесни твојата тешкотија. Прифати го искушението и не обвинувај еден или друг. Зашто, кога не го трпиш тоа или друго искушение и се жалиш од другите, тогаш, бидејќи тоа Господ ни го испраќа, Тој самиот ќе нѐ бичува, што е многу пострашно и посурово, бидејќи никој од луѓето не може така да казнува, како што казнува Сесилниот. Затоа, дете мое, „прифати казна, за да не се прогневи Господ“ на сѐ (Пс. 2, 12). Засакај ја Неговата волја и поднесувај ги неволјите како свои, за Тој да не нѐ предаде на малодушност и хули.
И кога повторно ќе грешиш и ќе паѓаш, повторно кај се. Не очајувај. Поттикни во себе смелост и надевање. Вели: „Прости ми, Христе мој“ и повторно: „Се кајам!“ Не вели: „За мене е подготвен Божјиот гнев.“ Зарем тоа не е грев? Не сме ли ние луѓе?
Не жали се од браќата. Поднесувај ги нивите грешки, за и тие да ги поднесуваат твоите. Љуби за и тебе да те љубат, и трпи за и тебе да те трпат. Стани добар и сите ќе станат добри кон тебе. Покори ги своите страсти и ќе видиш дека многумина со почит ќе се однесуваат не само кон твоите зборови, туку и кон движењето на твоите очи...


А, од сето останото што ми пишуваш, се гледа дека имаш голема суета. Затоа, понижи се, сите да те газат. Стани земја. Биј се, удирај се, мрази се како непомирлив непријател, самиот себе со совршена омраза замрази се. Зашто, ако ти не го поразиш, тој тебе ќе те порази. Биди смел, не жали го! По Божјата благодат и јас те поддржувам. Те потсетувам и на зборовите од отците кои велат: „Ако не ја пролееш (својата) крв, нема да го примиш Духот!“
Не сметај се себе за човек, ако не ја примиш благодатта. Без благодатта, ние луѓето напразно сме се родиле во светот.
Соодветно на чистотата на душата и на просветувањето што го примил секој од нас, тој таму ќе го види Христа уште поблиску и појасно и повеќе ќе се насладува од Неговиот благомирис и повеќе од други ќе се радува и ќе ликува. Така, не сметај се за човек, ако не си ја примил благодатта.

Преподобен Јосиф Исихаст. Изложување на монашкото искуство. Прв дел. Писма до монаси и лаици.
https://pravlife.org/…/prp-iosif-isihast-poslushay-ob-odnom…

 

Антониј Петрушевски