3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Добро е ако во болеста почувствуваме дека веќе не му припаѓаме на овој свет. И добро е тоа чувство да го задржиме во себе и тогаш кога ќе оздравиме. Не е чудо ако тоа чувство по болеста се појавува потешко, отколку за време на болеста. Додека човек е болен и немоќен, Бог му го дарува она што му е потребно, а кога човек ќе оздрави, Бог од него бара да напредува и да се труди, како би го стекнал она чувство за кое претходно говоревме.

Наспроти нашата немоќ, гревовност и ништожност, стојат бесконечната благост и семоќното Божјо милосрдие. Бог ни дал да се бориме против мрзливоста со нешто, што Он во нас веќе го има создадено. Ако умееме да ја победиме мрзливоста и ако неуморно се трудиме за да ги здобиеме овоземните добра и привилегии, зошто не би можеле да се поттикнеме себеси и на подвизи заради Царството Небесно? Онолку колку што се трудиме, толку Бог ни го покажува праведното и свето дело, и ни ја дарува силата за тоа да го оствариме. Вистина, не секогаш ни е дадено тоа веднаш да го видиме, но сосема е доволно тоа што Бог ни помага да не бидеме поразени од препреките и очајанието. Покрај тоа, за домот кој се гради во нашата душа може да се каже дека расте како во приказната за црквата на Киево-Печерската лавра: додека градбата била во тек, постојано била едвај малку над земјата, а кога работите биле готови, одеднаш се покажала целата.

Тагувањето може да биде оправдано, но не смее никогаш да биде претерано. Искусниот мудрец вели: Тагата убила мнозина, и затоа нема корист од неа.

Тагата не смее никогаш да биде посилна од верата во Бога и од надежта од Неговата помош. Без оглед на тоа што се случило, треба да веруваме во Неговото милосрдие и да се надеваме дека Он ќе нѐ помилува.

Затоа е потребно своите мисли да ги одвлекуваме од она што нѐ жалости и во молитвата да ги ставиме во служба својот ум и срце. Не би требало да нѐ растажува тоа што во таквите околности молитвата не е совршена. Принесете Му ја на Бога желбата да се молите, а Он ќе ве услиша и ќе ви ја даде молитвата. Дури ни плачот на светителите, кои тагувале заради некои краткотрајни неволји, не се смета за богоугодна жртва на Бога, а нашето долго и неутешно тагување не само што не е богоугодно, туку може и да биде погрешно. Речено ни е: Не тагувајте како останатите, кои немаат вера.

Наша должност е со љубов и смирение на дете и со христијанско трпение да го носиме крстот кој ни е даден, а не да го мериме и да го споредуваме со другите. Должни сме да не се жалиме на неволјите, да бдееме над себеси и да се крепиме, да не бидеме изнемоштени и исцрпени, а со тоа и лишени од подготвената награда.

Св. Филарет Московски

 

https://www.tiveriopol.mk/tagata-ne-smee-da-bide-posilna-od-verata-i-nadezta/