Посвети внимание на стекнувањето љубов кон ближниот, како на основа на твојот живот… Засакај го ближниот, онака како што на тоа те упатуваат евангелските заповеди – а никако според страстите на твоето срце. Љубовта која Бог ја всадил во нашата природа е разболена со падот и не може правилно да дејствува. Никако не ѝ дозволувај да дејствува! Нејзиното дејствување е лишено од непорочност и му е одбивно на Бога, како осквернета жртва!

Плодовите на нејзиното дејствување се погубни и убиствени за душата. Ближниот засакај го на следниов начин: не гневи се на него и не злопамти; не си дозволувај слобода на ближниот да му кажеш било какви прекорни, навредливи, подбивни зборови; чувај го мирот со него колку што можеш; смирувај се пред него; не одмаздувај му се, ниту директно, ни посредно; во сѐ што можеш да му попуштиш, попушти му; откажи се од противење и спорење, отфрли ги овие навики како обележје на гордоста и на самољубието; зборувај добро за оние што те озборуваат; за зло плати со добро; моли се за оние кои ти причинуваат разни стредања, навреди, искушенија и гонења (Мат.5,21-48)                

Никако, под никаков изговор, не осудувај никого, не суди дури ни за тоа дали некој е добар или лош, имајќи го пред очи единствениот грешник, за кого треба да одговараш пред Бога -самиот себе. Кон ближните постапувај онака, како што би сакал тие да постапуваат кон тебе(Мат.7, 1-12). Од длабочината на срцето простувај им ги нивните прегрешенија против тебе, за и Отецот Небесен тебе да ти ги прости безбројните прегрешенија, твојот страшен гревовен долг, кој може засекогаш да те турне и да те затвори во адската темница (Мат.18, 23-35).

 

Немој да се врзуваш, особено не со блудна страст за твојот ближен, под ближен се подразбира не само машки туку и женски пол. Ако пак, застрелан од ѓаволските стрели, сепак, неочекувано се острастиш, немој да паѓаш со духот, знаејќи дека ние во себе ја носиме подложноста кон секакви страсти, што им се случувало и на големите светители, и со сета сила потруди се да се излечиш.

На крајот: не повредувај го брата си со многуглаголивост, празнословие, дрскост и слободно однесување со него. Така однесувај се кон ближниот, па ќе ја најдеш и ќе ја стекнеш, од Бога заповеданата и на Бог угодната, љубов кон Него; со неа ќе си го отвориш влезот во љубовта Божја.

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/ljubov-kon-blizhniot/