Митрополит Антониј Блум -

 Мојот однос кон смртта е специфичен и би сакал да го објаснам, зашто јас кон смртта се однесувам не само спокојно, туку и со желба, со надеж, со копнеж по неа. Мојот прв силен впечаток за смртта е разговорот со мојот татко, кој во една прилика ми рече: “Ти треба така да проживееш, што ќе научиш да ја очекуваш својата смрт како што женихот ја очекува својата невеста: ја чека, копнее по неа, однапред се радува на таа средба, и ја сретнува со трепет (воодушевување), умилно.“

Вториот впечаток (се разбира не веднаш после првиот, туку многу подоцна) е смртта на мојот татко. Тој умре ненадејно. Дојдов кај него во бедната мала соба во поткровјето на куќата, во која имаше кревет, маса, табуретка и неколку книги. Влегов во неговата соба, ја затворив вратата и застанав. И ме заплисна таква тишина, таква длабока тишина, што јас, се сеќавам дека гласно извикнав: “И луѓето велат дека постои смрт!... Каква лага“! Зашто таа соба беше преисполнета со живот, и тоа со таква полнота на живот, каква што надвор од неа, на улица или во град, јас никогаш не сум сретнал.

Ете зошто кај мене постои таков однос кон смртта и зошто јас толку силно и длабоко ги преживувам зборовите на апостол Павле: За мене живот е Христос, смртта добивка, зашто се додека живеам во тело, јас сум одделен од Христа... Но апостолот ги додава следниве зборови кои исто така многу ме поразија. Цитатот не е сосема точен, но еве што тој вели: тој навистина сака да умре и да се соедини со Христа, но додава: “Меѓутоа, заради вас е потребно да живеам, и јас ќе продолжам да живеам“. Тоа е последната жртва која тој може да ја принесе: сето она кон кое се стреми, во што се надева, што тој прави, спремен е да го одложи, зашто им е потребен на другите.

Сум видел многу умирања. Петнаесет години работев како лекар од кои пет години на фронт (во војна) или во француското движење на отпорот. После тоа 46 години бев свештеник и постепено го погребував целото поколение на нашата рана емиграција; така што сум видел многу смрт. И ме порази тоа што Русите умираат спокојно; западните луѓе умираат најчесто со страв. Русите веруваат во животот и заминуваат во живот. И тоа е една од работите која свештеникот и секој човек треба да ја повторува и на другите и себеси: треба да се подготвуваме не за смрт, туку да се подготвуваме за вечен живот.

За смртта ние не знаеме ништо. Ние не знаеме што се случува со нас во моментот на смртта, но затоа пак во основа знаеме што е тоа вечен живот. Секој од нас, од искуство знае дека постојат одредени моменти кога не живееме во времето, туку со таква полнота на живот, со таков восхит (радост) кои не му припаѓаат на земното. Затоа, прво што треба е да се научиме себеси како и другите да се подготват не за смрт туку за живот. А ако се зборува за смртта, да се зборува за неа само како за двери, кои широко се отвараат и ни дозволуваат да влеземе во вечниот живот.

Но, да се умира сепак не е едноставно. Како ние би размислувале за смртта, за вечниот живот кога не знаеме ништо за самата смрт, за умирањето. Сакам да наведам еден пример од моето искуство од времето на војната. Јас бев млад хирург во болницата при фронтот. Кај нас умираше млад војник од 25 години колку што имав и јас. Му пријдов една вечер, седнав покрај него и му реков: “Како се чувствуваш?“ Тој ме погледна и рече: “Јас оваа ноќ ќе умрам“. – Дали ти е страшно тоа што ќе умреш?“ – “Да се умре не е страшно, но болно ми е да се разделам со сето она што сум го љубел: со мојата млада сопруга, со селото, со родителите; а тоа што е навистина страшно, е да се умре во самотија“. – Јас му реков: “Ти нема да умреш во самотија, јас ќе останам со тебе.“ – “Вие не можете цела ноќ да преседите со мене...“ Одговорив: “Се разбира дека можам!“ Тој се замисли и рече: “Дури и ако седите вие покрај мене, во еден момент јас за тоа нема да бидам свесен и тогаш ќе влезам во темнината и ќе умрам сам.“ – “ Не, воопшто не е така. Јас ќе седам покрај тебе и ние ќе разговараме. Ти ќе ми зборуваш се што ќе посакаш: за селото, за семејството, за детството, за сопругата, за се што ќе ти падне на памет, на душа, што сакаш. Јас ќе те држам за рака. Постепено, тебе ќе ти постане тешко да зборуваш и тогаш јас ќе говорам повеќе од тебе. Кога ќе видам дека си задремал, тогаш ќе зборувам потивко. Ти ќе ги затвориш очите, јас ќе престанам да зборувам, но и понатаму ќе те држам за рака, а ти повремено ќе ја стегнеш мојата рака и ќе знаеш дека јас сум тука. Постепено, твојата рака, иако ќе ја чувствува мојата, повеќе нема да може да ја стега и јас самиот ќе ја стискам твојата рака. И во еден момент тебе нема повеќе да те има меѓу нас, но ти нема да заминеш сам. Целиот твој пат ние ќе го минеме заедно“. И така од час во час ние ја поминавме таа ноќ. Во еден момент тој навистина престана да ја стиска мојата рака и јас започнав да ја стегам неговата, за да знае дека сум тука. Потоа неговата рака почна да се лади, да се опушта и него повеќе го немаше меѓу нас. И тоа е многу важен момент; многу е важно човек да не биде сам кога заминува во вечноста.

Но, се случува и поинаку. Понекогаш човекот долго време боледува, и ако тој тогаш е опкружен со љубов и грижа, умира лесно, иако болно. Но, многу е страшно, кога човек е опкружен со луѓе кои едвај чекаат тој да умре: велат, додека тој боледува ние постанавме робови на неговата болест, не можеме да се помрднеме од неговата постела, не можеме да живееме свој живот, не можеме да се радуваме на своите радости; тој како црн облак лебди над нас; ех, кога би умрел што побрзо...И оној кој умира тоа го чувствува. Тоа може да се продолжи и месеци. Роднините доаѓаат и студено прашуваат: “Како се чувствуваш? Никако? Дали нешто ти е потребно? Ништо не ти треба? Добро; ти знаеш дека имам многу обврски, но ќе дојдам повторно.“ Дури и ако гласот не звучи толку безчувствително, човекот знае дека го посетиле само заради тоа што таков е редот, а неговата смрт ја очекуваат со нетрпение. Понекогаш се случува и поинаку. Човекот умира, умира долго, но тој е возљубен, тој е драг; и самиот е исто така спремен да се жртвува заради среќата  на пребивање со саканиот човек, зашто тоа може да значи радост или помош за оној другиот. Ќе си земам слобода, сега да кажам нешто лично за себе.

Мојата мајка три години умираше од рак; јас бев покрај неа. Бевме многу блиски, драги еден на друг. Но, јас имав своја работа – бев единствен свештеник на лондонската парохија, и освен тоа еднаш во месецот требаше да патувам за Париз на состанок на Епархискиот совет. Бидејќи немав пари да и се јавувам по телефон, се враќав мислејќи дали ќе ја затекнам жива или не... Беше жива и...каква радост! Каква среќа!... Но, полека почна да се гасне. Се случуваше да заѕвони на ѕвончето, јас да дојдам и таа да ми каже: “Ми беше празно без тебе, би сакала да бидеме малку заедно.“ Имаше моменти кога  мене самиот ми беше неподносливо. Доаѓав кај неа, оставајќи ја својата работа и и велев: “Болно ми е без тебе“. И таа ќе ме тешеше со своето умирање и со својата смрт. И така постепено ние заедно влегувавме во вечноста, зашто кога таа почина ја понесе со себе сета моја љубов кон неа, сето она што меѓу нас се случуваше. А меѓу нас имаше толку многу! Го проживеавме скоро целиот живот заедно, само првата година од емиграцијата живеевме одвоено зашто не можеше поинаку. Но потоа живеевме заедно и таа длабоко ме познаваше. Еднаш ми рече: “Колку е необично: колку што подобро те познавам, толку помалку за тебе можам да зборувам, зашто секој збор кој ќе го изречам за тебе не би бил потполно точен и би требало да се поправи и дополни.“ Да, ние дојдовме до моментот кога толку длабоко се познававме еден со друг што не можевме ништо да речеме еден за друг, а да се вклучиме во живот, во умирање, и во смрт – тоа  можевме.

      И ете, ние сме должни да имаме на ум, дека секој кој умира во таква ситуација, кога луѓето околу него носат таква суровост, рамнодушност, или желба за што побрзо “тоа да се заврши“, му постануваат неподносливи. Човекот тоа го чувствува, го знае и ние сме должни да научиме да ги совладуваме во себе сите темни, мрачни, скверни чувства и заборавајќи на себеси, длабоко замислувајќи се, загледувајќи се да се заживееме во другиот човек. И тогаш смртта ќе постане победа: О смрт каде ти е осилото?! О смрт, каде ти е победата? Воскресна Христос и ниеден мртов во гробот...

Сакам да кажам уште нешто за смртта, зашто тоа е, како што веќе кажав, нешто многу лично. Смртта не опкружува цело време, смртта – тоа е судбина на целото човештво. И сега траат војни, умираат луѓе во ужасни маки и ние треба да научиме да бидеме спокојни во однос на сопствената смрт, зашто ние во неа гледаме живот, вечен живот кој се раѓа. Победата над смртта, над стравот од смртта се состои во тоа, да живееме се подлабоко и подлабоко со вечноста, и другите да ги приопштуваме кон таа полнота на живот.

Но, пред смртта постојат и други моменти. Ние не умираме одеднаш, не дека просто телесно одумираме. Се случуваат многу необични виденија. Се сеќавам на една наша старица, Марија Андреевна, прекрасно мало створение, која еднаш ми пријде и ми рече: “Оче Антониј, незнам што да правам со себе: јас повеќе неможам да спијам. Во текот на целата ноќ во моето сеќавање се јавуваат ликови од моето минато, но не светли ликови од моето минато туку темни и грди, кои ме мачат. Се обратив на доктор, молев да ми се даде некое средство за спиење, но тие средства не ги намалуваат привиденијата. Кога би земала средство повеќе не би била во состојба да ги избркам од себе тие ликови, тие би ме довеле до бунило па би ми станало уште полошо.  Што да правам? Јас тогаш и реков: “Марија Андреевна, знаете јас во реинкарнација не верувам, но верувам дека од Бога ни е дадено да го преживееме нашиот живот не еднаш, не во таа смисла дека ќе умрете и повторно ќе се вратите во живот, туку во таа смисла што сега се случува со вас. Кога сте биле млади, во некои животни ситуации вие сте постапувале лошо; со збор, мисла и дело сте згрешиле пред себе и пред другите. Потоа на тоа сте заборавиле и на различна возраст сте продолжиле по мерата на своите сфаќања да постапувате слично, исто така, да се понижувате себеси, да се осквернувате, огревовувате. Сега, кога повеќе немате сила да им се спротивставувате на сеќавањата, тие испливуваат, и секој пат кога ќе испливаат како да ви говорат: Марија Андреевна, сега кога имаш преку осумдесет години, скоро деведесет, дали во оваа ситуација, на која сега се потсетуваш, би постапила исто како кога си имала дваесет, триесет, четириесет, педесет години?...Ако вие можете длабоко да се загледате во она што било тогаш, во својата состојба, во настаните, во луѓето и да кажете: не, сега, со ова животно искуство, јас за ништо на светот не би можела да изречам таков убиствен збор, не би можела да постапам така како што сум постапила! – ако вие тоа можете да го изречете со сето ваше битие: и со мисла и со срце и со волја и со плотта своја – тоа ќе отиде од вас. Но, ќе доаѓаат други, нови и нови ликови. И секој пат кога пред вас ќе дојде некој лик, Бог пред вас ќе го постави прашањето: дали е тоа твој минат грев или тоа е огревовеност која сеуште ја носиш во себе? Зашто ако некогаш вие сте замразиле некој човек и не сте му простиле, не сте се помириле со него, тој тогашен грев е ваша сегашна гревовност; таа од вас не заминала и нема да замине додека не се покаете.“

Можам да наведам уште еден пример сличен на овој. Еднаш ме повика семејството на една наша старица, прекрасна, предобра  жена. И се приближил смртниот час и тој ден требала да умре. Се исповеда и на крајот ја запрашав: “Кажете ми Наташа, дали на сите  им простивте се или сеуште имате кон некого, некаква  нетрпеливост во душата?“ Таа одговори: “На сите се им простив освен на мојот зет; нему никогаш нема да му простам!“ Јас на тоа и одговорив: “Во тој случај, јас нема да ви дадам разрешна молитва и нема да ве причестам со Светите Тајни: ќе одите на судот Божји и ќе одговарате пред Бога за своите зборови. А таа рече: “Но, јас денес ќе умрам!“ – Да, вие денес ќе умрете без разрешна молитва и без причест, ако не се покаете и не се измирите. Јас ќе се вратам за еден час“ – и заминав. Кога се вратив после еден час, таа ме пречека со блескав поглед и рече: “Колку бевте во право! Го повикав мојот зет, се објаснивме, и во овој час тој доаѓа накај мене, и јас се надевам дека пред смртта ќе се целиваме еден со друг, а јас ќе отидам во вечноста измирена со сите“.

Подготви: М.З.