Dorotea.sv.Teodot.jpg

 

Милостињата

Вие се занимавате со добротворна дејност. Господ нека ви помогне. Тоа е многу тешка и вознемирувачка работа, иако секогаш следена со длабока утеха. За некоја боја велат дека таа толку длабоко и цврсто влегува во материјалот кој се обојува, што останува засекогаш на него... Така и доброчинството ја обојува душата!.. Во доброчинството најмногу се гледа светлоста на богосличноста. Господ нека ви помогне!
... Сте им завиделе на оние кои имаат можност по пат на богато давање помош на оние на кои им е потребна, после својата смрт многу да ги привлечат да се молат на Бога за нив. Зарем е можно вие сериозно да зборувате и размислувате така?! Всушност, за тоа може само да се рече дека не е ништо, туку има своја сила, но не безусловна. Станува збор за помошно средство, не главно, и за средство кое е моќно толку, колку и главното. А главно средство – тоа се делата на побожност, правда и љубов со самоотфрлање и најискрено покајание, кое го надокнадува секој недостаток на овие дела и исправува сè што им е противно, со потполна вера во Господа Спасителот и во сиот домострој на спасението. Кога ова, главното постои, спасението е сигурно, а кога го нема, тоа е во крајна опасност, и тоа на што вие сте му завиделе, се покажува како задоцнето средство. Сега треба да се потрудиме околу таквите дела или подобро да го задобиеме расположението кое обично се изразува преку таквите дела.
Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име ќе добие праведничка награда (Мт. 10, 41).  Со ова се решаваат сите недоумици во врска со давањето милостиња. Добронамерноста во односот кон сиромашните скоро секогаш значајно се намалува, ако не се пресекува и сосема, со прашањата: кој бара и каде ќе отиде даденото? Господ на таквите им вели: Како што ќе го примиш оној кој те моли и како ќе му помогнеш, таква награда и ќе добиеш. Не гледај на оној кој моли, туку на своите помисли при тоа. Какви што ќе бидат овие последните, таква ќе биде и вредноста на твоето дело. А какви мисли треба да се имаат за сиромавиот, тоа е одредено со други зборови: оној што укажува милост на сиромавиот, дава заем на Бога; или, ако сте му направиле добро на еден од нив, Мене сте ми направиле. Така, секој кој има некоја потреба примај го како Господ и помогни му колку што можеш, имајќи на ум дека правиш ради Бога, па ќе добиеш плата не само пророчка и праведничка, но и Господова.
Воочи го чудесното хранење на пет илјади луѓе, учениците сакале Господ да го пушти народот по храна; но Господ им рекол: Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат (Мт. 14, 16). Да ги научиме напамет овие зборови и секогаш кога ѓаволот ќе на наговорува да го одбиеме оној кој бара, да поновиме во себе во име на Господ: Нема потреба да одат, дајте им вие да јадат -  и да им дадеме она што ќе ни се најде при рака. Добрата воља да направиме доброчинство ѓаволот често ја поколебува со помислите дека оној што бара можеби не заслужува да му се даде; но, Господ не правел разлика меѓу оние кои го опкружувале: сите еднакво ги угостил, иако секако не му биле сите подеднакво предани; зашто можеби меѓу нив биле и оние кои после викале: „распни го!“. Таква е и општата Божја промисла за нас: Тој со своето сонце ги осветлува и лошите и добрите; и дава дожд на праведните и на грешните (Мт. 5, 45). Ех, да би ни помогнал Господ да бидеме макар малку, само малку милосрдни како што е милосрден нашиот Отец Небесен.
Оние кои живеат во друштво немаат со што да се спасуваат освен со милостиња. Колку повеќе даваат, толку повеќе се приближуваат на рамно-ангелскиот живот на великите отшелници.

 


 Dorotea.sv.Teodot.jpg

 Вистината (правдата) – дело Божјо
... Вистината е остра и груба: еден го закачува, друг ќе го удри. А оние кои навистина не сакаат, го сметаат тоа за неучтивост, па дури и за навреда.
... Кога станува збор за отстапувањето од вистината, никакви оправдувања не се допуштени... Вистината е – Божјо дело.
Правдата (рус.- вистина)... не означува ништо друго, од она што значи самиот збор правда – праведен живот, чист и свет, без кој што никој нема да го види Царството Божјо. Царството Божјо е позади, а пред него е – правдата. Најпрвин треба да се задобие правдата, па потоа и Царството Божјо ќе се добие само по себе.

Добродетелите
Добро прави оној кој секој ден почнува како претходно воопшто ништо да не правел. Најмудар е човекот кој го заборава своето последно добро. Кога би ни дал Бог и самите да се умудриме во тоа.
Како што во вашата бавча цветовите не сакаат да никнат ако најпрвин не ги посадите и ако не ги пазете, исто така – ако во себе не го посеете семето на добродетелите и ако не го негувате трудољубиво, тоа нема да никне од вас и во иднина нема да ве осени разноликата слава духовна.
Христијанските добродетели имаат свој сопствен поредок и устројство, според кое една другата не ја претекнува, и една зад друга не заостанува. И меѓу обичните цветови, еден цвет може да се комбинира само со одреден друг, а кога тоа едноставно правило нема да се испочитува – нивниот спој ги боде очите. Научниците во оваа област постигнуваат восхитувачко совршенство. Слично станува и со добродетелите: оние кои усрдно се трудат за да би ги задобиеле, многу прецизно разликувваат која добродетел со која е поврзана, а со која не одат заедно.
На земјата не постои ништо со што по своето достоинство би можела да се спореди христијанската добродетел. Што Спасителот го нарекол единствено потребно? Ревноста за спасение на душата. Тоа и е христијанската добродетел. Што е поважно од постигнувањето на последната цел? А тој се постигнува единствено по патот на христијанските добродетели. Што е поблажено од Богоопштењето? Но, тоа е нераздвојно од христијанските добродетели.
Господ го прима само оној кој му доаѓа со чувство на грешност. Од оној кој што Му доаѓа со чувство на праведност Тој се одвраќа. Зашто Он и дошол да ги спаси грешните, а не праведните.
Повеќе од сè треба да се чуваме од свртување во чувствување на сопствената праведност. Штом почнете така да се завртувате, знајте дека сте на крив пат. Фатете се тогаш себеси за нозе и немилосрдно одвлечете се назад во чувството на грешност.
Служете еден на друг – тоа е Божјо дело. Затоа и може да се извршува самопо Божјо, заради угодување Нему.
Без општење со другите, лесно може да се изгуби сопствената мера, па и душата ќе застрани. Следствено, не е проблем кога сè оди добро, но што да се прави тогаш кога ќе се појави неволја? Двајца, истиот час секоја тага ќе ја растерате, а останувајќи сами, само ќе ја продлабочите.
Во познанието на Господа влегува оној кој верува во Него и Го исповеда. Велиш дека веруваш?! Гледај таа вера да не ја направиш празна и бесплодна. Што треба да правам за мојата вера да не би била таква? Напредувај во секоја добродетел. Каде се оние кои што тврдат дека е доволно да се верува и ништо повеќе не е потребно?! Кој така мисли, тој е слеп.
Добрината секоја клевета ја претвора во задача за исправање на клеветникот во иднина.
Бидете спокојни! И постојано молете го тој дар од Господа. Со него нема да има никаква тага. Сè ќе се прима како радосно и пријатно. Тука е силата Божја за мирен тек на овој живот, кој скоро секогаш е бурен.
Секој кој доаѓа или секого кого го сретнувате, треба да го примате како посланик Божји. Првото прашање во себе нека биде: што Господ сака да направам со таа личност или за неа. Секој треба да се прими со почитување, како образ Божји и да се сака да му се направи добро.
Оној што се фатил за угодување на Бога, треба, како прво, сè спокојно да прима и мирно да трпи, а како второ, да умее при тоа да се држи и да делува. Првото е лесно: стегни заби и молчи; а второто е многу тешко, посебно затоа што несмирениот дух веднаш излегува надвор – преку зборови, преку дела и преку движења – и таа околност, како што и самите гледате, сè расипува. Но имате опит, повелете учете, науката е едноставна, само што тешко се научува. Ево за што се работи: во непријатните случаи, кои предизвикуваат непријатни чувства кон другите, не треба ни да се зборува ни да се делува. Најпрвин треба да се смириме и потполно од срце да се истргнат тие чувства, така што од нив ни трага да не остане... Тогаш и зборовите и делата ќе потечат како што треба, па ќе може да се каже и нешто сурово и строго – дури и лутасто – но тие зборови нема да произведат лошо дејство: зашто духот во нив нема да биде раздразлив, туку мирен и полн со љубов...

 

 (AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: З. Д.

 

   Св.Теофан Затворник : 1.Молитвата – дишење на духот (Речник на христијанскиот живот - 69)

 

 Stefan.LIt.Bogorodica.jpg

Подготви: Златко  Дивјаковски