vinjeta.5.jpg

Свети Јован Златоуст

"Почеток на гревот е гордоста"-првата побуда и одење кон злото, а можеби и корен и основа на злото! Зборот  "почеток" значи или прва побуда кон злото, или пак - негова основа. На пример: воздржувањето од лоши претстави може да се нарече почеток на целомудрието, т.е. првоначална побуда, но ако го наречеме постот почеток на целомудрието, тогаш зборот почеток ќе означува основа или потпирање. Во таква смисла и гордоста е почеток на гревот - со неа започнува секој грев и во неа тој наоѓа своја поткрепа. Сети се какви дела правеше фарисејот - при сето тоа тие дела никаква корист не му донесоа, бидејќи тој не го пресекол коренот што сé уништува- гордоста. Од гордоста се раѓаат властољубието и славољубието, страста кон парите и презирот кон бедните. Гордиот човек секогаш е расположен да возвраќа за навреди, затоа што гордиот не може рамнодушно да поднесува навреди, ниту од видни, ниту од прости луѓе, а кој не може спокојно да преживее навреди, тој не е во состојба да ги поднесе и несреќите. Гледај по каков начин гордоста станала почеток на гревот. Почетокот на гордоста е незнаењето за Бога. Кој го познава Бога така како што треба да го познава, и кој знае до кој степен Синот Божји се понизил Себеси, тој никогаш не може да се превознесува, бидејќи гордоста ја раѓа надменоста. Кажи ми: зошто непријателите на Црквата велат дека го познаваат Бога - зарем не од гордост? Бог се противи на гордите, а на смирените им дарува благодат, бидејќи сака дух смирен и скрушен.
 Нема ни едно зло што е рамно на гордоста. Таа од човекот прави демон; прави зол богохулник и лош кривопрестапник: таа побудува во него желба за убиство. Надмениот човек постојано им досадува на сите околу себе, постојано се воздигнува себеси. Ништо не може да ја успокои неговата страст, и дури и да види некој цар понизно да се поклонува пред него, тој уште повеќе ќе ја воспали својата страст. Слично на среброљупците: колку повеќе печалат, толку повеќе жеднеат за пари; така и гордите, колку повеќе им се укажува чест, толку повеќе ја сакаат. Страста не знае за крај - таа престанува само тогаш, кога ќе го убие оној што го заробила.
 Како можеме да ја искорениме гордоста? За тој подвиг потребно е да го познаваме Бога, зашто гордоста е плод на нашето непознавање на Бога.  Го познаеме ли Бога, гордоста ќе побегне од нас. Да размислиме за пеколот, да помислиме за тие кои се подобри од нас, да се сетиме за нашата вина пред Бога - и  кога ќе размислиме вака, ќе го украсиме својот дух и ќе го смириме својот разум. Да го зауздаме семонадценувањето свое - да бидеме смирени, скромни и кротки. Да се потсетиме дека Спасителот ги измил нозете на Своите ученици, за да ни остави пример на смирение и- да го искористиме тој пример, бидејќи смирението е пат кон богатството на вечноста.

            о.О.П                                 

Изборот: од свештенството на  храмот Св.Спас, Драчево( Скопје)

Посети: [moshits]