Свети Никодим  Агиорит(Невидлива борба)

 ЗА ВНАТРЕШНАТА И УМНАТА МОЛИТВА  - ЗА НЕЈЗИНИТЕ ОБЛИЦИ

Не е  само еднаш речено дека вистинска молитва е онаа, која што не се извршува единствено со зборови, туку и со умот и со срцето.
Умна или внатрешна молитва е онаа во која што човекот го собира умот во срцето и отаму  нечујно се моли.
Не треба да се моли само со зборот,
туку и со умот,
 и не само со умот, туку и со срцето, за умот да разбере што со зборот се кажува и срцето тоа да го почувствува.
Се ова заедно е - вистинската молитва!

Секако си слушал дека се говори за молитва со зборови,  потоа за мисловна или срдечна молитва . 
Од каде таа поделба?
Оттаму, што заради нашата немарност, се случува јазикот да изговара свети зборови од молитвата,  а умот блудее наваму - натаму,  или умот ги разбира зборовите на молитвата, но срцето на нив не се одзива. 

Во првиот случај е само молитва со зборови и тоа воопшто не е молитва, во другиот, со молитвениот збор  соединета е и мисловната молитва и тоа е несовршена,  непотполна молитва.

Потполна и вистинска молитва  е  кога  со молитвениот збор и  со молитвената мисла ќе се соедини и молитвеното чувство.
По благодатта Божја постои и срдечната , а тоа значи духовната молитва, која што во срцето ја покренува Духот Свет. Оној кој што се моли
 ја чувствува,  но не ја извршува тој, туку , таа  се извршува во него.
Тоа е молитва, одлика - на совршените.

Но, од сите христијани се бара  единство, со молитвениот збор да им биде здружена и молитвената мисла и молитвеното чувство.

Постои уште и молитва која што ја именуваат  - стоење пред Бога,
 во која што човекот целиот се усредоточува во срцето,  мисловно го созерцува  присуството Божјо со чувство, било на страв Божји, или на   побожно восхитување пред Неговото Височество, било  со вера и надеж, било  со љубов и предаденост на волјата Негова, било  со скрушеност и спремност за секоја жртва.

 Тие состојби доаѓаат и кога некој во обичната молитва  со зборот ќе се вдлабочи во умот и срцето. Кој долго и правилно се моли, кај него тие состојби се почесто и почесто се повторуваат,  а најпосле тоа расположение може да постане  постојано и тогаш се нарекува -  непрестајна молитва.

 Во такво расположение беше и Свети Давид кој што сведочи за себе:
 Господ ми е секогаш пред очите; бидејќи ми е од  десната страна, нема да се сопнам.
(Псалм 16, 8).

Затоа , ако сакаш молитвата да ти биде плодна, немој никако да  се ограничуваш само на изговарањето на молитваните зборови, туку моли се во исто време и со умот и со срцето. А особено моли се со срцето.

Молитвата која што извира од срцето е како молња која за еден миг преоѓа на небесата и излегува пред престолот Божји.
И Бог ја исполнува.

Со таква молитва се молеше Мојсеј пред Црвеното Море и веднаш го слушна гласот Божји: Што  викаш кон мене.  (2 Мојс. 14, 15).
И доби од Бога помош за да го избави својот народ од несреќата која што му  се закануваше.

КАКО ДА НАУЧИМЕ ТАКА ДА СЕ МОЛИМЕ

Еве ти го одговорот:
Учи се секогаш така да се молиш, не само со збор, туку со умот и срцето - и ќе научиш.
Како научи да читаш? Си се трудел и си научил.
 Како научи да пишуваш? Си започнал да пишуваш и си научил!

Така ќе научиш и да се молиш , ако  почнеш да се молиш така,  како што ти препорачав.
Зборовите на молитавта , секако ги знаеш зашто од мал на тоа те учеле. Молитвите се веќе вдахновени со молитвен дух и ти со него ќе се исполниш, само ако се молиш со умот и срцето.

Но, зошто немаат сите вистинска молитва?
Затоа што вака прават: Го земаат молитвеникот, стојат пред иконите и читаат, но, умот и срцето им се далеку,  умот скита којзнае каде, а срцето се насладува со нешто свое, а не  со молитвеното.

 Затоа, кога се молиш заклучи го умот  свој во зборовите на молитвата, и со срцето примај го тоа што тие го изразуваат и веднаш ќе почувствуваш полза од таквото молење.
Значи,  зборовите на молитвата ги имаш, знаеш што значи тоа  да ги  разбираш и да ги чувстуваш и тоа е во твоја власт. Значи дека молитвата и успехот се во твоите раце.
Труди се вредно и ќе успееш.

 Сепак, ќе ти дадам некои упатства како полесно да успееш.

1. Прво, потруди се, не во часот на молитвата, туку во било кое друго време да размислуваш за тоа што се содржи во поедини молитви  и тоа да го почувствуваш. Така, не ќе мораш за време на молитвата да правиш напор за да произведеш во себе чувства  кои што се содржат во молитвата која ја читаш. Тогаш во твојата свест ќе се појават мисли и чувства и ти ќе ги изговараш зборовите како твои сопствени и  како да извираат од твоето срце.


2. Затоа, потруди се да ја научиш молитвата напамет. Кога тоа ќе го направиш, ќе ја носиш молитвата во себе си и во какви околности да се наоѓаш.

 

3. Кога ќе дојде времето за молитва , немој веднаш по прекинувањето  на обичните работи,  да започнуваш со молитва, туку најнапред подготви се за тоа:

„Стои малку молчејќи, додека ви  се смират  сетилата“, како што пишува во молитвеникот и  потсети се  кон што пристапуваш, што имаш да извршиш,
 кој си ти и Кој е Оној пред Кого што ќе  ги изговараш своите молитви
 и што треба да кажеш и како.

Таа подготовка е неопходна наутро заради отежнатоста на душата од сонот и нападот на грижите што претстојат, а навечер пак, заради дневните впечатоци. Потруди се да ги отстраниш од свеста и молитвата да  го преземе целокупното твое  внимание.

 

4. Пред самиот почеток на молитвата помисли дека Бог е присутен и имај кон Него побожен страв. Разгори го срцето со жива вера дека Бог те гледа и слуша, дека не се одвраќа од оние кои се молат, туку благонаклоно гледа на нив.
Окрили се  со надежта  дека Тој е готов да ги исполни твоите молби.
И Тој навистина ќе ги исполни  доколку се полезни за твојата душа.

5. Имајќи такво расположение , изговарај ги зборовите од молитвата вдлабочувајќи се колку повеќе можеш во нив, внимавајќи да ти извираат од срцето, како да се  твои, а не научени.
Не му дозволувај на вниманието да се одвлекува во било што, ниту мислите да летаат на друга страна. Штом тоа ќе го забележиш, веднаш врати  ги твоите мисли и повторија молитвата од она место на кое што вниманието се одалечило. Знај дека вниманието не се расејува  кога е срцето во молитвени чувства.

6. Ако некои зборови од молитвата особено ќе ти привлечат внимание, ако  ти го допрат срцето и ако ти создадат во тебе сопствен молитван збор, не го пропуштај тој момент, туку застани и моли се со свои зборови се додека не се задоволат твоите молитвени чувства и потреби.

7. Потруди се молитвеното расположение да го сочуваш што подолго.
Затоа не се фрлај веднаш на секојдневните работи и не мисли дека со завршувањето на молитваеното правило си завршил  се во врска со Бога и дека сега можеш слободно да му се препуштиш на своите мисли и чувства.
Не,  целиот ден  треба со внимание да го сочуваш молитвеното расположение.  За да успееш во тоа, потсети се дека  одиш пред Бога и дека Неговата десница те држи  под понорот на ништавилост, та обавувај го секое свое дело и мало и големо, како што Бога сака.

Измолувај од Него благослов за секое дело и упатувај се, во Слава  на името Негово. Ако на тој начин го извршиш и вечерното правило ќе ја  поминеш ноќта мирно.
И ете ти, ден и ноќ во добро молитвено расположение.
Поминувај така ден за ден. И после неколку месеци, а можеби  и после неколку недели ќе постанеш силен молитвеник и молитвата како неизгаслив факел, непрестајно ќе гори во твоето срце.

8.  Ќе ти зададам уште едно мало правило, а тоа е дека молитвата мораш да ја обавуваш така,  без прекин, од почетокот, па се додека не успееш во неа. Ако пак, денес, убаво се молиш и го сочуваш  во себе молитвеното расположение, а утре си се даваш себе си на волјата и го поминуваш неуредно денот,
никогаш нема да успееш во молитвата,

зашто со едната рака ѕидаш, а со другара рушиш!

На тој начин  молитвата  може  сосема да се  запусти , а душата да остане неспособна за неа.
Затоа, кога ќе отпочнеш да се молиш, остани на тоа и не биди попустлив кон себе си.

Превод: Мина Даниловска

 

 

Друго:

НИКОДИМ СВЕТОГОРЕЦ- НЕВИДЛИВА БОРБА