Путин го прослави Божик во Волгоградската област каде што температурата беше под минус 30 степени

МОСКВА - Во најголемата православна земја во светот, Русија, во илјадниците храмови свечено е прославен Божик. Многу студеното време не ги спречи милионите верници да дојдат во црквите на големиот христијански празник. Како и во последните три-четири години, и овој пат во црквите беше забележливо зголеменото присуство на се' повеќе млади луѓе. Рускиот патријарх Алексиј Втори чиноначалствуваше во храмот на Спасителот Христос во Москва. Таму на свеченото богослужење присуствуваше и Дмитриј Медведев, потпретседател на владата и кандидатот за претседателските избори во март оваа година. Со него во храмот беше и сопругата Светлана.

Обраќајќи се на верниците, рускиот патријарх Алексиј Втори рече дека 2008 година во Русија е прогласена за година на семејството и дека се надева оти љубовта и грижата за блиските ќе ја засилат хармонијата за благосостојба на целото општество и народ.

„Во празничните песни се вели: „Господ е со нас. Ако е Господ со нас и ние со него, тогаш нема да бидат страшни секојдневните животни тешкотии, искушенија и загуби“, рече патријархот Алексиј Втори.

На богослужењето во храмот на Христос спасителот во Москва присуствуваше и амбасадорот на Ватикан во Русија, архиепископот Антонио Менини, и поглаварот на сите католици во Русија, архиепископот Павао Пеци.

Сегашниот претседател на Русија, Владимир Путин, го прослави Божик во Волгоградската област во црквата „Св. Прокопиј“. По традиција рускиот претседател Божик го слави во внатрешноста на Русија и тоа е уште една прилика за негова средба со обичните луѓе. Иако во Волгоградската област температурата беше под минус 30 степени, во црквите дојдоа многу луѓе и сите тие се обидуваа да му се доближат на Путин и лично да му го честитаат православниот празник. Интересно е дека св. Прокопиј бил Германец кој ја примил православната вера. Тој за светец е прогласен 1547 година. Оваа црква има посебна вредност поради древните фрески и позлатениот иконостас.

Извор:Утрински весник