На 28 јули 2015 година, на празникот на светиот рамноапостолен кнез Владимир, во Русија се одржаа црковно-државни свечености, посветени на 1000-годишнината од упокојувањето на покрстителот на Русија. На овој ден, Неговата Светост Рускиот Патријарх Кирил отслужи Божествена Литургија во соборниот храм на Христос Спасителот во Москва.



На Неговата Светост му сослужуваа постојаните членови на Светиот Синод на Руската Православна Црква, како и претставници од помесните Православни Цркви: Цариградската Патријаршија, Александриската Патријаршија, Ерусалимската Патријаршија, Грузиската Православна Црква, Српската Православна Црква, Романската Православна Црква, Бугарската Православна Црква, Кипарската Православна Црква, Грчката Православна Црква, Албанската Православна Црква, Полската Православна Црква, Православната Црква на Чешка и Словачка, Православната Црква во Америка.



Во храмот на Христос Спасителот во Москва беше поставена икона и ковчег со моштите на светиот рамноапостолен велик кнез Владимир.



По читањето на Евангелието, поглаварот на Руската Црква им се обрати на верните, меѓу другото, велејќи:

„Како што е напишано за крштението на Владимир во Словото за законот и благодатта на Митрополитот Киевски Иларион, првиот руски Митрополит, ’засветли разумот во неговото срце, разбирајќи ја суетата на идолските лаги‘. Кнезот Владимир јасно ја увидел оваа суетна лага – и тоа не само со својот ум, туку и со срцето, бидејќи било невозможно со само една мисла да постигне толку длабок пресврт, не само во својата душа, туку и во животот на многумина. Било потребно целото битие да се потчини на овие мисли, за со нив да биде проникнато и срцето. И во тајната на крштението Владимир го пронаоѓа тоа единство на мислите и чувствата. Тој и со разумот и со срцето ја прима христијанската вера и станува друг човек.



Сите ја забележале преобразбата на личноста на грозниот кнез. Тој целосно го сменил својот личен живот, го сменил својот однос кон оние што го опкружувале, кон народот; станал милостив, но и строг владетел. Луѓето почнале да се обединуваат околу него, и народот, носител на вистинската мудрост, сето тоа го забележал и го нарекол кнезот – Црвено Сонце. Навистина, тоа е единствениот случај во целата наша историја што не некој од власта, не некој од елитата, кои сакаат да му угодат на владетелот, му го доделиле овој епитет – од самата длабочина на животот на луѓето произлегло признанието дека со крштението Владимир се сменил. (...) Пример за оваа промена, за исфрлањето на старите вредности и пронаоѓањето на нови се децата на кнезот Владимир – Борис и Глеб. Се чинело дека биле должни насила да го извојуваат Киевскиот престол од својот брат, или, пак, знаејќи дека е способен за братоубиство, со меч да се заштитат себеси. Сепак, тие се првите наши руски светители, одбивајќи да подигнат меч на братот, и затоа го добиле името ’страстотерпци‘. Дури и кога се соочиле лице в лице со групата што била пратена против нив, тие не посегнале по меч, туку загинале во смирение пред волјата Божја, сведочејќи за животната сила на духовниот идеал, вгнезден во нив и во многумина со крштението на Владимир, со крштението на Русија“.

                  
извор: Патриархиа.ру

Преземено од: МПЦ-ОА