Патријархот Теоктист, глава на Романската Православна Црква, почина на 30 јули на 92-годишна возраст. Духовниот водач кој  раководеше со судбината на Романската Црква во текот на дваесет и една година, претрпе хируршка интервенција пред да почине, како последица од “срцеви компликации“. Тој остави зад себе христијанска заедница, која е под ризик да се расцепи на модернисти и традиционалисти.Долго пред смртта на Патријархот, процесот на определување негов наследник ги влоши односите помеѓу членовите на Синодот – собранието на митрополитите и архиепископите, коишто ја координираат Романската Православна Црква. Според традицијата, патријаршискиот престол треба да биде наследен од митрополитот на Молдова Даниил, но конзервативното крило вo Црквата може да го оспори тоа. Докторот на Протестантскиот богословски факултет во Стразбург, митрополитот Даниил е сметан за агент на екуменистичките движења. Во 80-те години тој бил предавач на Екуменистичкиот институт во Босе, Швајцарија. “Смртта на Неговата Светост не изненади, особено заради тоа што ни беше соопштено за успешен исход од хируршката интервенција“, изјави тој.Вартоломеј Ананија, митрополит на Клуж, област во северозападниот дел на земјата, се смета за силен кандидат за највисоката должност во Романската Православна Црква. Тој е лидер на конзервативното крило. Се смета дека во младоста бил приврзаник на идеологијата на ултра десничарското легионерско движење “Железната стража“. “Ова е тежок момент за нашата Црква“ изјави тој после смртта на Патријархот. “Но кога човек има 92 години, разбирливо е дека Бог го вика при Себе“. “Црвениот Патријарх“ Теоктист, чиешто име засекогаш ќе биде поврзано со првата посета на папата во Романија после схизмата од 1054 година, и покрај тоа е конфликтна личност.Познат како соработник на Секуритате, бившата комунистичка политичка полиција, тој беше наречен “Црвениот Патријарх“. Неколку здруженија за правата на човекот правеа притисок , за да добијат пристап до досиеата на свештениците кои соработувале со бившиот репресивен апарат, но Теоктист секојпат успеваше да ги блокира нивните дејства. Всушност кон крајот на 80-те години во жарот на диктатурата на Николај Чаушеску, Патријархот воопшто не ја криеше својата верност кон “Водачот“. После три месеци романските владици ќе решат дали судбината на Црквата ќе му биде доверена на модерното и проевропејско крило или на традиционалистите. Битката дури сега започнува. Извор: Le Monde   подготви: М.З.