Српскиот премиер Коштуница изјави дека нема да се меша во спорот зашто тоа е црковно прашање

aleksej1.jpg
Алексиј Втори за време на обраќањето во Советот на Европа



СТРАЗБУР - Меѓу Српската православна црква и Македонската црква мора да има дијалог, смета поглаварот на Руската православна црква Алексиј Втори. „Тоа Руската црква повеќе пати го има истакнувано“, изјави рускиот поглавар непосредно пред неговиот говор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, одговарајќи на прашање поставено од вашиот известувач. Алексиј Втори е убеден дека само по пат на дијалог ќе се решат поделбите и разликите меѓу двете цркви.

Рускиот патријарх се задржа и на косовското прашање. Притоа, тој ги посоветува сите оние што решаваат за тоа прашање да го посетат Косово и со нивни очи да видат што претставува тоа за српскиот народ. „За Србите Косово е света земја. И кога се затвораат очите пред фактите дека се уриваат храмови од 13 и 14 век, кои се под заштита на УНЕСКО, за тоа не смее да се молчи“, рече Алексиј Втори.

Преговарачкиот процес, според него, мора да биде отворен за сите кои можат поволно да влијаат, посебно инсистирајќи на миротворното влијание на религиозните заедници.

Се разбира, ова беа паралелни прашања од главниот дел од посетата на рускиот патријарх на Стразбур. Прва официјална посета која по таа на Вартоломеј се запишува во рамките на отворениот меѓурелигиозен и културен дијалог што го има отворено Советот на Европа. И патријархот смета дека Советот на Европа е вистинската платформа за тој дијалог. Во својот говор пред ПС на СЕ, кој беше ислушан со големо внимание од парламентарците на 47 земји-членки на СЕ и бројни новинарски екипи, поглаварот на Руската православна црква инсистираше на моралните вредности и религиозната концепција на правата на човекот.

Алексиј Втори предупреди дека радикалното читање на концепцијата на човековите права предизвикува голема загриженост во Русија, бидејќи тоа води кон развој на егоизмот и претеран индивидуализам, кој се заканува да го уништи социјалниот мир.

Спорот меѓу МПЦ и СПЦ се најде и пред ПС на СЕ каде што се обрати премиерот на Србија Воислав Коштуница.

Прашан од македонската парламентарка Илинка Митрева за непризнавањето на Македонската православна црква од страна на Српската и нејзиното негирање, кое според неа го повредува достоинството на македонските граѓани и дека е лош сигнал за добрососедските односи, Коштуница рече дека проблемите треба да бидат решени од страна на двете цркви.

Тој, притоа, нагласи дека проблемите се должат на некои историски последици. Тој смета дека дијалогот меѓу двете цркви може да биде нешто добро, што може да доведе до договор. Но, тој нема да се меша во тоа, нагласувајќи дека отсекогаш бил подготвен да ги поддржи сите демарши кои ќе дозволат да напреднат односите меѓу двете држави и двете цркви.

Извор:Утрински весник

Тони Гламчевски

  Посети: {moshits}