ДЕЛ ЧЕТВРТИ

(Продолжение)


АРХИЕПИСКОП ЈОВАН
- АПОСТОЛ НА ЗАПАДОТ

 


Kаде и да доаѓал овој „вистински Апостол" или, пак, по волјата на други, ако бил принуден да напушти една средина, во која подолго време живеел и работел, секогаш и насекаде со радост тој бил дочекуван, а со солзи  испраќан. Ова и вакво испраќање се повторувало како од Битола за во Шангај, така од Шангај во Америка, па така и од Америка во Европа. „Жив Светител"  така зборувале за него народите од Балканот па до Крајот на земјата. Во свое време, вака се изразил Епископ Николај Велимировиќ за Владиката Јован (Максимович).
Еве и при оваа разделба, во 1951 година, на заминување од Сан Франциско за Европа, многу солзи биле пролеани од верниците, за кои овој Архијереј знатно повеќе грижи полагал, отколку - за себе. На разделбата некои како деца по мајка гласно плачеле, изразувајќи ја својата жалост, а тој само молчел. Дури на крајот се обрнал до сите свои духовни чеда, но сосем кратко. Ги замолил никогаш да не ги забораваат децата од Сиропиталиштето „Свети Тихон Задон¬ски", како и тоа - секогаш да им бидат од помош на оние, кои се загрозени или унесреќени. Тоа биле неговите проштални зборови со својата паства.
Навистина, како што било нагласено во „одговорот" на Светиот Синод, врската меѓу Владиката и верниците не била прекината, без обѕир на големото пространство, што ги делело. Во своите молитви Архиепископ Јован секогаш бил заедно со своите шангајци, а и тие со него, обраќајќи му се често со писма и барајќи совети за одделни прашања. По тој начин пак биле заеднички решавани проблемите од животно значење било за поединци било за целата Заедница во Сан Франциско.
По Втората светска војна, поточно во педесеттите години од нашиов век, Светиот Синод на Руската Задгранична Црква се преселил од Европа во Америка (Њујорк). По тој повод требало да се избере Поглавар на Западно-Европскиот Егзархат, во својство - одговорен Претставител на Светиот Синод. При изборот ждрепката се паднала на осведочениот Мисионер во Далечниот Исток - Архиепископ Јован (Максимович). Во тоа време, овој Архијереј се уште се наоѓал меѓу својата паства, наскоро пред ова сите заедно евакуирани од Шангај и Филипините во градот Сан Франциско (Калифорнија).
Штом била добиена Одлуката од Архијерејскиот Собор на Задграничната Православна Црква, верниците реагирале, не сакајќи да се разделат од својот Добар Пастир. Тој, пак, и сега ќе ја повтори изјавата, дадена од него при неговиот избор за епископ, кога беше рекол: „Ја чувствувам својата немоќ, но се покорувам на изборот, не заради чест и власт, туку единствено од послушност спрема црковните власти,... целиот себеси предавајќи се во служба на Црквата." Со овие зборови е изразена не само скромноста на овој голем подвижник и редок Божји угодвик, туку и неговата доследност на заветот - π ο с л у ш н ο с т, даден при монашењето, а на што останал верен и како Архијереј!


Во 1951 година, Архиепископ Јован пристигнал во Париз. Се разбира, во овие повоени години, во престолниот град на Франција имало многу нерешени проблеми. Еден од најакутните бил - просторот, како за живеење, така и за работа. Затоа, првото сместување на новодојдениот Архијереј било во една соба и тоа на најгорниот кат од куќата. Кабинет за работа тој немал.
Некои негови познати, кои почесто го посетувале, даваат опис на неговото живеалиште. Според описот, собата прилегала на вистинска манастирска ќелија: во средината имало маса, преполна со книги и со хартии; покрај масата - стара фотелја за него, а наоколу - неколку столици за неговите чести посетители. Во еден агол бил поставен аналој, претоварен со книги, а зад аналојот биле закачени икони на ѕидот. Кревет во собата немало.
Како секогаш и секаде, така и тука, вратите на Владиковото живеалиште биле за секого отворени. Го посетувале познати и непознати: едни - од почит, други - да добијат совет; а трети - да ги изразат своите маки. Од презафатеност и умор, се случувало за време на посетите Архијерејот понекогаш да задреме. Тогаш обично, соговорникот престанувал да зборува, но неочекувано домаќинот веднаш ќе се јавел, велејќи: „Продолжете, продолжете, јас Ве слушам!"
За неговата постојана присебност зборува и фактот, често истакнуван од неговите пријатели, дека тој и при затворени очи веднаш давал одговор на секое поставено прашање.

 

(Продолжува)

Подготви: Стојанка Тежак

vozdvizenie.jpg

Борис Кр. Бошковски
СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ
(1896. - 1966.)
Животот, дејноста и чудесата на Свети Јован (Максимович), Скопје 2001

Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан

Издава
Свети Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква

 СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (6)

СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (5)

СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (4)

СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (3)

СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (2)

СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ (1)