СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – СВЕТИЛНИК НА ПРАВОСЛАВИЕТО


         До денес не остана рамнодушен интелектуален ум, кој не остави пишан збор за големиот светител на нашето поднебје, не остана богослов, епископ, свештеник... кој не се восхити и не проговори за великиот учител на македонскиот народ. Мнозина предмене, останувајќи вчудоневидени од подвигот на епископот на македонскиот Ерусалим, од втората половина на деветиот век, прословија и оставија похвални слова за него, истакнувајќи го како словенскиот Златоуст кој го прероди словенскиот род во верата Христова, кој го облече во нетлената одежда на Духот Свет. Не дека немало кој па јас прв пишувам за свети Климента, ами дека неможам да ги сотрам зборовите кои во душава ми навираат, за делото неземно, ами небесно, остварено на овие простори македонски, на кои живеам јас.
          Секој народ во својата историја има проткајано духвни водичи. Меѓу повеќето од нив, еден се истакнува како родоначалник на духовните вредности и протомајстор во основоположувањето на верските и културно-образовните темели, врз кои почива сета духовна и материјална култура на тој народ.


          Ниту ние не заостануваме во тој поглед. Ако се свртиме кон нашето далечното минато и побараме таков духовен водич, таму некаде во деветтиот век ќе го најдеме духовниот факел, на кого со повеќе од сигурно ќе му ја препишеме оваа улога на духовен зачетник на нашето духовно битисување. Таков незгаслив факел, кој до ден денес, со своето дело зрачи е великиот охридски  фенер - светиот Климент Охридски.
     Уподобувајќи се на Христовите зборови: „Одете и научете ги сите народи кршевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Духа“ (Мт. 28, 19) свети Климент ја започнува својата духовно – просветна и црковно – културна мисија. Не штедејќи се себеси и неуморно работејќи на нивата Господова светиот Климент посејува духовни семиња чиј плод е отварањето на Охридскиот универзитет низ кој минале 3 500 ученици и на кој се изучувале како богословските, така и световните науку.


          Како добриот пастир кој си ја полага душата своја за патството свое (Јн 10, 11), протомајсторот во Евангелската проповед ќе остави неизбројни слова и поученија со цел да го поткрепи народот во верата христијанска. Творбите на свети Климента, расеани ширум светот, меѓу словените и елините, меѓу румјаните и јудеите ќе достигнат вистинска кулминација во начинот на поучување и разбирливост за верниот народ, кои и во подоцнежните времиња станале толку авторитативни, та ја зацврстиле верата на словенскиот нарот за да би останала жива и до ден денешен. Не само за големите, ами и за малите празници ќе слови од љубов и со тоа ќе сведочи за Христа распнатиот и воскреснатиот. Неговите проповеди, до ден денес сочувани, извираат од длабочината на неговата пастирска грижа кон народот и љубовта за довереното му патство и затоа претставуваат уникатно инеповторливо дело кои има бесценето значење за сето православие.
         Имајќи ги секогаш пред себе зборовите на светиот апостол Павле: „Стремете се кон љубовта; ревнувајте за духовните дарови, а особено да пророкувате“  (1 Кор 14, 1) свети Климент облечен во благодатта на епископската одежда, озаред со Духот Свет, верно ќе го води народот кон целта на постоењето - Христос и на разбирлив јазик ќе го поучува во верата и духовно ќе го храни од вечните вистини на христијанството.
        Задоен од духовните извори на нашиот протепископ, нашиот народ од тогаш, низ вековите, па дури до денес, ќе живее со неговите поуки и животот ќе го истројува по неговите слова. Како жив учител ќе го има свети Климента, преку неговите проглаголени беседи и оставени за наша полза поученија. Никогаш нема да се одтргне од неговиот лик и нема момент во кој би заборавиле на неговото дело.
       Светото писмо и Светото предание вели дека само Бог е безпочетен, сè друго има почеток. Така и нашата Евхаристиска заедница има почеток, нејзиниот почеток е тесно поврзан со ликот и делото на свети Климент Охридски, на кого му ја должиме сета духовно - просветна мисија во црковниот живот на македонскиот народ.
        Од реченово јасно се заклучува дека делото на свети Климент имало и сеуште има, мошне важна улога во животот на македонскиот народ. И денес кога доживуваме духовна преродба со возобновувањето на Охридската архиепископија во ликот на Македонската православна црква, ликот на свети Климент ни станува импозантна личност која ни дава духовна сила да ја продолжиме неговата мисија во градењето на црковно – моралните вредности.
          Сето она што го градиме денес го градиме врз стари и сигурни темели, врз темелите на илјада годишната македонска црковност и народност. И ова е фактот што на мнозина им пречи, та ја негираат нашата црковност и национална самобитност. Би сакале да мислат дека нашите корени се плитки, но нашите корени се протегаат од свети Климента, па и пред него.
         И ова мое кажување ќе го завршам со зборовиде на архиепископот Доситеј: „Ликот на свети Климент треба да израсне во нас како лик на национален херој, херој на нашата православна вера и прв светилник на нашата православна вера“. Врз кого ја темелиме нашата црковност и со чии оставени белези катадневно се поучуваме и на тој начин ја потенцираме неговата големина за македонскиот народ и го оживотворуваме неговото присуство во нашите животи.

 

Подготви: Стефан Бранковски

7-ми декември 2017 лето Господово