3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Базенот, мускулите, несесерот со лекови... бројам ли број што сè треба да спакувам во куферот за одмор. Не знам дали и вие сте од оние луѓе кои пред тргнување на пат прават список со сите работи кои треба да ги понесат со себе „за не-дај-боже“. Се разбира, свесна сум дека половина од работите што ги носам веројатно нема да ги употребам, но некоја скриена несигурност во мене ме тера да понесам повеќе од што треба за да се чувствувам дека имам контрола над работите. Чудно е тоа лажно чувство на контрола...

Преголемиот список и патентот на куферот што не се затвора неминовно водат до конфликт со мојот сопруг. Тој, пак, е од оние луѓе кои би тргнале со еден ранец на грбот низ светот. Со еден пар апостолки и еден пар шорцеви. Од животот сака изненадувања и подготвен е да ги турка на рака, додека јас би сакала да можам да ја испланирам секоја секунда од денот, секоја непредвидлива ситница, секој шок...


Јасно ви е веќе дека станува збор за две возрасни личности кои немаат н.з.с. кога патуваат, а патуваат секогаш заедно. Неговата леснотија не успева да ја компензира мојата тежина. И, кога две такви личности ќе се спојат под крилото на љубовта, првите години си се восхитуваат на разликите и се хранат од електрицитетот од нив, но како минува времето разликите почнуваат да тежат и да се продлабочуваат. Сепак, ако човек е доволно мудар ќе најде начин да ги гледа планините сличности, наместо трошките разлики. Па, така, решавам да не губам нерви со неговата претерана спонтаност, која порано ја сметав за возбудлива игривост, а сега на моменти ми изгледа како недостаток на одговорност. Се обидувам систематично да си го терам филмот без да се нервираме еден со друг додека се подготвуваме да заминеме на одмор. Сите важни работи ги преземам на мое конто, нему му оставам да одбере музика за по пат в кола.

3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel
И откако куферот го накрцкав со сè што треба (и не треба) дојде време да се извади зелен картон за возилото и да се направи ПЦР тест заради протоколите во соседна Грција. Иако и двајцата сме вакцинирани, и тоа со две дози Фајзер, сепак здравствените протоколи во Грција бараат ПЦР тестови ако не се поминати повеќе од 14 дена од ревакцинацијата. Возиме низ Скопје на плус 40 степени да ги завршиме уште овие две последни обврски и ете го мојот сопруг, со видно намрштено лице зад воланот што го управува, ми вели: „Ајде уште овој 'факинг' зелен кратон и 'факинг' ПЦР тест“… Во тој миг си помислувам како ние, денешните млади луѓе (и ова млади е релативно - зборувам за четириесетгодишни луѓе), постојано сме нервозни, забрзани и незадоволни. Како подвижни машини за фрустрации. Помислувам дека одењето на одмор треба да е задоволство и привилегија, а не 'факинг' состојба на нервоза во процесот на подготовка. Се присетувам како порано нашите родители патуваа до Хрватска на Јадранско Море со југо, фиќо и слични мали, скромни автомобили без клима уреди, без големи багажници, а со големи насмевки. Ова не е носталгична реминисценција по некое минато време, ниту пак е инстант просветлувачка лекција за среќа, туку е обид да се преиспитаме зошто често сме незадоволни од позицијата каде што се наоѓаме. Зошто не умееме да сме благодарни кон животот, особено кога тој е дарежлив кон нас?


Ова се однесува на мене и на мојот сопруг, но и на тебе и на твојот партнер! Ако ги погледнеме овие две банални работи – моето пакување како за на Марс, а не како за една недела на море, и неговото мрчење како да се работи за инквизиција и невиден терор, а не за протоколи за одмор, ќе сфатиме дека сите ние функционираме по некои усвоени патерни, шеми кои некогаш сме ги прифатиле и кои нè држат закочени во нашиот ограничен 'мајндсет'. И никој од нас не помислува дека може и поинаку. За мене, поинаку би значело да го скршам стравот во главата, во суштина да се ослободам од потребата за контрола, за сопругот тоа би значело да ја скрши навиката да се чувствува напнатно и исцрпено секогаш кога треба да заврши здодевни административни работи. Гледано од аспект на промена на менталната матрица, за мене тоа би значело поголема флексибилност и спонтаност, за него би било поголема толеранција и прифаќање. Од емоционален аспект, за мене би значело борба со скриената несигурност, за него – поголема ведрина и радост. Од физички аспект, за мене тоа ќе биде зачувана кичма од помалку багаж, за него – помалку брчки од мрштење и негодување…


3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Ете како навидум малите работи во денот, видени низ диоптријата на подобрувањето, самоконтролата и самосвесноста можат да направат сосема различно сценарио во денот. Во првото сценарио неизбежна е кавга и емотивно празнење, додека во второто сценарио има повеќе мудорст, прифаќање и сакање. Единствената непроменлива варијабла во целата ситуација е финансиската (се смее). И во двете сценарија зелениот картон, ПЦР тестот и работите за на море чинат скапо. Сепак, нема ништо поскапо од изгубените нерви во банални семејни конфликти кои ти го стврднуваат срцето и ти ја празнат душата. Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе ти вети дека утре ќе изгрее уште поубаво и посветло. Во меѓувреме гушни ги оние со кои ја делиш перницата и кажи им дека ги сакаш и кога најмногу те нервираат.

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој

https://zenskimagazin.mk/skok-preku-jazeto-na-nesoglasuvanjeto-?fbclid=IwAR3BgCRjDAGlwSJBHds5X0B6bdHTFb5Ysa8xOcWW5w7d0925okKy0EoItLc

 

 Јуни 2021 лето Господово