лого

6ти декември   2020 лето Господово

 Христо Јанарас 

 bogorodica.ikonostas.jpgВо личноста на Пресвета Богородица  Црквата го препознава она создание,
кое – само тоа, од целокупната твар  Божја, и материјална и духовна – стигнало до исполнување на целта  заради која тварта  постои : до најпотполното можно соединување со Бога, до најпотполно  реализирање на животните можности. Нејзината согласност за воплотувањето на Синот, не е само некакво усогласување на човечката со Божјата волја, туку единствен егзистенцијален факт, на взаемно проземање  на животот на тварта со  животот на она што е нетварно. Богородица се удостоила, со својата природна енергија (енергијата на волјата, но и мајчинството), да учествува во заедничката енергија на Божеството, односно во животот на самиот  Бог. Нејзиниот физички живот, нејзината крв  и  биолошките  функции на нејзиното тело, се поистоветени со животот кој е во служба на воплотената ипостас  на Бога Логосот.  Бог Логосот живеел како дел на нејзиното тело, со нејзиното тело и со нејзината крв, во нејзината утроба; нејзината природна сoздадена енергија се поистоветила со енергијата на животот на Несоздадениот.


 Богородица, не ги “позајмила“  своите биолошки функции  на Бога Логосот. Зашто мајката не го “позајмува“ своето тело на своето дете, туку со своето тело и со својата крв го изградува неговото битие, како што  со доењето, со збор, со милување и љубов,  ја  создава  “ душата“ на  своето  дете.  Црквата е истрајна во своето тврдење дека Синот и Логос Божји со Своето вочовечување, не примил само просто тело, туку примил “тело о-душевено и со логичка и со умна душа“,  какво што е телото на секој човечки ембрион. Христос ја примил човечката природа  со целокупноста на телесните и духовните енергии кои


неа ја сочинуваат и изразуваат. А учеството на Богородица не престанува со создавањето на Христовото тело, туку продолжува со она што би можеле да го наречеме изградба на Неговата душа; на Неговата човечка психа, зашто мајката е извор и поаѓалиште за артикулација на првите психички доживувања, првите сознанија, првите гугања, на прогресивниот влез на детето во светот на имиња и символи, во светот на луѓето.


Мајката Божја, односно Дева Марија, во своето битие го поистоветила животот на тварното со животот на нетварното и во својот живот ја соединила тварта со нејзиниот Творец. Така, секое создание, целокупната твар Божја, во нејзината личност ги препознава дверите на “вистинскиот живот“, влезот во полнотата на егзистенцијалните можности. На неа и се радува сето создание, ангелскиот собор и човечкиот род“. Секоја слика(претстава) која значи соединување на природите, со јазикот на црковната поезија, и е доделена на Богородица, за да се изрази токму вселенската обнова на тварта, која се одиграла во нејзината личност.

rozdestvo.jpg

Таа  е “небо“, и “добра земја“, и “гора неотсечна“, и “камен кој ги напојува жедните за живот“, и “утроба која препородува“, и “градина која раѓа омилостување“. А ненадминливата “семантика“ на православниот живопис пренесува ликовен нацрт на тие слики(претстави) – некогаш на цртеж, некогаш на боја, и ја прикажува Богородица и како престол на Божественото додека држи доенче, и во молитва, и како Гликофилиса(Млекопитателка), или како “наведната“ при раѓањето Христово или на своето Успение. Богородица е новата Ева, која ја рекапитулира  природата, но не во “противприродна“ автономија и смрт, туку во “натприродно“ учество во Божеството и во реализирање на вечниот живот. Зашто, нејзината волја воспоставува егзистенцијален “крај“ или цел на  разноликата твар, дава смисла и надеж во
“желното исчекување на тварта“.  Кога верните просат  од Богородица застапништво за нивно спасение, не бараат од неа некој вид на правно застапништво, туку бараат и нивната “неисполнета желба“ да биде опфатена со нејзината животворна волја, која ја потврдува спасителната љубов на воплотениот Бог.

 

 

Подготви:  Мирјана Златанова

2010 год.

6ти декември  2020 лето Господово

Извор

TVITer270

П.П. 2007-09-22 05:44:27