ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ГРАВАЛИОТИСА

На 15 август – чудото на Пресвета Богородица Гравалиотиса на Кефалонија

Во југоисточниот дел на Кефалонија, во малото село Пастра, веќе неколку векови се случува необична појава која, според сведоштвата, досега не е научно објаснета.

Сувите гранчиња од олеандер, кои секој 15 август се ставаат во чудотворната икона на Пресвета Богородица, „оживуваат“. На нив се појавуваат зелени листови и пупки подготвени да расцветаат. Сето тоа се случува во текот на само неколку дена. Жителите на Пастра го нарекуваат ова чудото на Пресвета Богородица Гравалиотиса и со нетрпение очекуваат Богородица, како што велат, повторно да го „покаже“ Своето чудо.

Името Гравалиотиса потекнува од зборот „гравалија“, како што Кефалонците ги нарекуваат овие гранчиња.

Според преданието, пред повеќе векови, околу 1720 година, господар на тој крај бил Контос Лианос. Во почетокот на август започнале подготовките за ново лозје.

Еден слуга, додека го чистел теренот од зеленило со помош на гранчиња, наишол на нешто што личело на стап. Обидувајќи се да го извлече од земјата, сфатил дека тоа всушност е икона на Пресвета Богородица.

Исплашениот работник ја зел иконата, ја ставил во куп зеленило и суви гранчиња, а потоа истрчал да го извести Контос. Тој наредил иконата да биде однесена во црквата „Свети Димитриј“.

Но истата ноќ Контос ја видел Пресвета Богородица во сон, Кoja му рекла

:„Зошто ме однесе од Мојот дом?“

Рано наутро Контос отишол по иконата, со намера да ја чува во својот дом.

Контос имал ќерка која долго време била болна и неподвижна, врзана за инвалидска количка. Кога девојката ја видела иконата, станала на нозе и, со бавни и внимателни чекори, се поклонила пред неа.По овој настан, Контос одлучил да изгради црква на местото каде што била пронајдена иконата.

Меѓутоа, кога работниците пристигнале таму, се соочиле со нешто што ги запрепастило: местото каде што работникот ја оставил иконата било осветлено, а низ зелените гранки се појавувале зелени листови и мали цветни пупки.

Така била изградена црквата, која подоцна станала свет манастир. Со текот на времето манастирот бил разурнат и за него останале малку сочувани податоци.

Она што целосно се зачувало е чудотворната икона, која денес се наоѓа во црквата посветена на Пресвета Богородица Гравалиотиса.

Во спомен на чудото, секоја година, пред нејзиниот празник на 15 август, жените од селото собираат гранчиња во текот на април и мај. Ги носат дома и ги ставаат пред своите икони, каде што остануваат да се сушат.

На 1 август ги земаат сувите гранчиња и ги носат во црквата. Свештеникот ја отвора чудотворната икона и ги става гранчињата во неа.

Од 10 до 15 август, според преданието и сведоштвата на мештаните, сувите гранчиња започнуваат да пуштаат зелени листови и голем број пупки подготвени за расцветување.

На празникот на Успението на Пресвета Богородица, по завршувањето на Светата Литургија, свештеникот ја отвора иконата, ги вади расцветаните гранчиња и им ги раздава на верниците како благослов.

За оваа појава се зборува како за необјаснет феномен што се повторува секоја година и ја одржува живата вера не само кај жителите на Кефалонија, туку и кај бројните поклоници кои доаѓаат да се поклонат пред иконата на Пресвета Богородица Гравалиотиса и да го примат нејзиниот благослов.

Во чест на Пресвета Богородица Гравалиотиса, за време на празничните денови, по вечерната богослужба, во дворот на манастирот се одржуваат и културни настани организирани од Културното здружение на Пастра „Палиокастро“.

Пресвета Богородице, моли Го Бога за нас!