На 4 ноември 2015 година, во 20.00 часот, во Националната галерија на Македонија - објект „Чифте амам“ - ќе биде отворена ретроспективната изложба на фотографии на Александар Кондев.

 

Александар Кондев (1950) е македонски фотоуметник чиешто фотографско творештво е нераскинливо сврзано со пробивите на современата фотографска мисла кај нас. Неговото безмалу педесетгодишно присуство во македонската фотографија едновремено е и важно сведоштво и за вкупниот развој на фотографијата кај нас, а неговото фотографско творештво се вбројува меѓу највисоките дострели на македонската фотографија од втората половина на минатиот век до денес.
 
Кондев ја познава суштината на фотографијата и ја знае нејзината историја, претпоставените „нераскинливи“ врски со сликарството, репутацијата на фотографијата за најмиметичка и најреалистична уметност, а со тоа и најповршна (Sontag). Но тоа не го спречува да и’ го посвети безмалу целиот живот. А тоа го прави само некој кој верува во нејзините автохтони вредности. Како и многумина други фотографи со ваков стаж, неговиот интерес во фотографијата е тематски широк. Но и кај Кондев сепак постои некаква примарна вокација и „појдовна ориентација“, некаква стартна но и суштинска определеност: прво за “класичната фотографија” (без претерана наклонетост кон експериментирање и иновации), а понатаму и за неколку приоротетни тематски целини: лајф фотографијата (со поттеми деца, портрети, улица и слично), потоа теми од урбаното секојдневие, социјални и еколошки теми, пејзаж, структури (макро фотографија) итн. Дел од овој тематски интерес на Кондев ќе биде презентиран на неговата ретроспективна изложба.
 
Кондев смета дека „магијата на фотографијата се крие во процесот на создавањето. Таа не се гледа, но зрачи од секој нејзин дел“! Тој верува во таа „магија“ и тоа се гледа на неговите фотографии. Сиот тој „нов свет“ што ни го прикажува Кондев на неговите фотографии е - токму таа негова магија. Видена низ неговиот објектив, миговно „обработена“ во свеста и понудена на гледачот  како некоја негова сублимирана реалност, како некаков визуелен предизвик на неговата креативна фантазија.

Неговата фотографија не е штос, гег, ефект. Уште помалку е затворен, тешко достапен личен наратив. Кондев верува во добрата фотографија, што и да значи тоа. А тие што ја сакаат фотографијата знаат што тоа значи. Таа е промислена иако фатена во миг, таа е елаборирана иако настаната во делот од секундата. Кај Кондев најчесто добрата фотографија е лајф фотографијата - онаа што ја следи естетиката на еден Cartier Bresson - но и фотографијата којашто сака да поместува граници, што денес и не е така лесно.

Александар Кондев денес е безмалу единствениот претставник на онаа генерација македонски фотографи кои ја осовременија македонската фотографија, кои во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, внесоа една поинаква естетика и нови хоризонти во третманот на оваа уметност.

 
Куратор на проектот е Златко Теодосиевски. Изложбата ќе биде поставена до 22-ри ноември 2015 година.
Златко Теодосиевски

АЛЕКСАНДАР КОНДЕВ - СВЕТОТ КАКО ВИЗУЕЛЕН ПРЕДИЗВИК

Александар Кондев (1950) е еден од оние македонски фотоуметници, чиешто фотографско творештво е нераскинливо сврзано со пробивите на фотографската мисла кај нас и, слободно може да се каже, највисоките дострели на македонската фотографија од втората половина на минатиот век до денес. Неговото безмалу педесетгодишно присуство во сите перипетии на македонската фотографија е важно сведоштво и за вкупниот развој на фотографијата кај нас.
По силата на нештата, но и заради јасно изразената љубов кон фотографијата, релативно рано (1969 година, иако претходно, 1966 - 1969 година, меѓу првите кај нас, се бави со анимација и филм) се определува за неа како основна професија. И тоа трае до денес!
Оттука, со 9 самостојни изложби, со учество на 40-тина групни изложби во земјата и во странство, со бројни национални и меѓународни награди, Александар Кондев дефинитивно денес е доајен на македонската уметничка фотографија, репрезент на нејзиниот развој и современи дострели во национални рамки.
Кондев ја познава суштината на фотографијата и ја знае нејзината историја, претпоставените „нераскинливи“ врски со сликарството, репутацијата на фотографијата за најмиметичка и најреалистична уметност а со тоа и најповршна (Sontag). Но тоа не го спречува да и’ го посвети безмалу целиот живот. А тоа го прави само некој кој верува во нејзините автохтони вредности. Како и многумина други фотографи со ваков стаж, неговиот интерес во фотографијата е тематски широк. Но и кај Кондев сепак постои некаква примарна вокација и „појдовна ориентација“, некаква стартна но и суштинска определеност: прво за “класичната фотографија” (без претерана наклонетост кон експериментирање и иновации), а понатаму и за неколку приоротетни тематски целини: лајф фотографијата (со поттеми деца, портрети, улица и слично), потоа теми од урбаното секојдневие, социјални и еколошки теми, пејзаж, структури (макро фотографија) итн.

Кондев смета дека „магијата на фотографијата се крие во процесот на создавањето. Таа не се гледа, но зрачи од секој нејзин дел“! Тој верува во таа „магија“ и тоа се гледа на неговите фотографии. Сиот тој „нов свет“ што ни го прикажува Кондев на неговите фотографии е - токму таа негова магија. Видена низ неговиот објектив, миговно „обработена“ во свеста и понудена на гледачот  како некоја негова сублимирана реалност, како некаков визуелен предизвик на неговата креативна фантазија.
И творечкиот пат на Кондев е токму тоа: негово стрпливо педесетгодишно чекорење со отворени очи низ светот согледан како визуелен предизвик за негово лично видување, негово „толкување“, негово разбирање на нештата. Тоа не мора да бидат историски настани или турбулентни случувања, громогласни патешествија или селебрити личности, но сите нешта поминати низ неговиот објектив мора да го имаат неговиот личен печат, неговиот агол на гледање, неговото претставување на виденото. И само тоа, впрочем, може да биде автономен творечки пат, искуство коешто се гради врз сопствените фотографски знаења и убедувања, врз сопствената фотоестетика којашто, за среќа, во неговиот случај добива и впечатливи национални димензии.
Неговата фотографија не е штос, гег, ефект. Уште помалку е затворен, тешко достапен личен наратив. Кондев верува во добрата фотографија, што и да значи тоа. А тие што ја сакаат фотографијата знаат што тоа значи. Таа е промислена иако фатена во миг, таа е елаборирана иако настаната во делот од секундата. Кај Кондев најчесто добрата фотографија е лајф фотографијата - онаа што ја следи естетиката на еден Cartier Bresson - но и, како што веќе беше укажано, фотографијата којашто сака да поместува граници, што денес и не е така лесно.
Александар Кондев денес е безмалу единствениот претставник на онаа генерација македонски фотографи кои ја осовременија македонската фотографија, кои во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век внесоа една поинаква естетика и нови хоризонти во третманот на оваа уметност. Или, ако сакате, тој и неговата генерација го изборија местото на фотографијата како рамноправна уметност. Но неговата фотографија, се разбира, не се исцрпува само и единствено во историските релации. Неговата фотографија во национални рамки сведочи за стабилност и континуитет во исказот, во градењето на лична естетика којашто нема да заостанува зад регионалните и пошироки стандарди. Едновремено, фотографијата на Кондев останува и како жив прирачник за помладите колеги, како стручно и естетско помагало низ неизвесните фотографски талкања.
 

Со почит,
Национална галерија на Македонија

--
Nacionalna galerija na Makedonija
Odnosi so javnost i marketing
tel. +389 2 3126 856
fax. +389 2 3109 566
http://www.nationalgallery.mk
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.