Јубилејна изложба    

„Ѓорѓи Зографски (1871-1945), 150 години од раѓање“



Национална галерија, објект Чифте амам

03.11.2021, 19 часот

 

 Јубилејната изложба „Ѓорѓи Зографски (1871-1945), 150 години од раѓање“. На изложбата ќе бидат претставени 50тина дела  (икони и слики) од сите творечки фази на авторот. Истите се дел од колекциите на Националната галерија, Народен музеј – Велес, црквите Св. Пантелејмон, Св.Спас, Св. Димитрија и Успение Богородичино – Велес,  семејството Зографски како и голем дел приватни сопственици  на кои длабоко им благодариме за соработката.



Во 19. век во светот се случува преродба, односно прогрес на човечката  цивилизација во  сите сегменти на нејзиното живеење. Ваквите промени се случувале и на македонска почва, но со оглед на познатата општествено-политичка состојба во која се наоѓала државата во овој период, позитивните промени се движеле со забавен ôд. Во македонската ликовна уметност продолжува поствизантиската традиција на сликање иконопис и живопис по нарачка на црквата и на младиот граѓански слој, така што сликањето елементи и мотиви со профана содржина, сѐ до 80-тите години на 19. век се остварува во рамките на религиозното сликарство.

Меѓу зографите сликари што имаат значаен придонес за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на 19. и почетокот на 20. век  е Ѓорѓи Зографски, последниот зограф од семејството Рензовци, кој заедно со Димитар Андонов Папрадишки за  прв пат кон крајот на 19. век го направи историскиот пресврт поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство: последните нишки во религиозното сликарство со првите обиди за сликање профани теми. Тоа е период обележан со напуштање на поствизантискиот иконопис и живопис во интерес на скромната појава на модернизмот во македонското сликарство.



Во целокупната творечка активност на Ѓорги Зографски, црковното сликарство, особено иконописот е негова главна преокупација во која се наоѓал себеси, а истовремено наоѓал и сигурен извор за егзистенција на неговото семејство. Неговата зографска активност започнала во тајфата на неговиот татко Јаков, во која заедно со необразовани и самоуки зографи сликал во духот на конзервативниот и конвенционалниот традиционализам користејќи ја семејната Ерминија, наследена од неговите претходници. На почетокот работел под влијание на византиското и поствизантиското сликарство,  главни примери му биле иконописот и живописот во македонските цркви и манастири, а посебно влијание врз неговото творештвото имале Дичо Зограф и Димитар Андонов Папрадишки.



Престојот на Зографски во Петроград и Москва во 1887 година е од пресудно значење за неговиот развоен пат во животот и творештвото. Својата  необразованост тој ја надоместува преку контактите   со тамошните академски сликари и изразената реакција против застарените гледања на уметноста, особено при неговиот престој во Софија, каде што настануваат коренити промени во сликарството под влијание на академски образованите сликари, кои позитивно дејствувале врз конечната определба на Зографски кон обработката на теми со профана содржина.



Портретот, како  сликарски жанр кој го негувал Зографски, нема да остане само привилегија на  политичарите и богатите, туку ќе се демократизира и меѓу занаетчиите, трговците и свештениците. „Портретот на Јаков Зографски“ (таткото на авторот), од 1895 година, е најрано сигнирана и датирана творба. Емотивно мотивиран кон портретирање на неговиот татко, Зографски со посебно  внимание го предава  свенатото и уморено лице на неговиот татко. Побелената коса, ситните очи  и свенатите образи  ја објективизираат оваа состојба.

Еден од првите портрети што Зографски го насликал во 1894 година е „Женскиот портрет“. Мошне грижливо и педантно е изведена пластичноста на лицето, со маслинести тонови, освежени со руменило. Целото внимание Зографски го посветил на  обработката на главата: мека коса, крупни очи, правилни веѓи и чисто лице.

Зографски насликал уште  педесеттина портрети на свои блиски како и портрети на  видни личности од Македонија и Србија.



Неговото сликарство, освен портрети, опфаќа историски композиции, пејзажи и мртва природа.

Куратори на изложбата  се  Славица Алексоска и Маја Неделкоска Брзанова.

Изложбата ке трае до 26.11.2021



8. _DSC0320.JPG
Портрет на Јован Зографски, 1907

Portret i Jovan Zografskit, 1907

Portrait of Jovan Zografski, 1907